• понеделник, 23 декември 2024

МПЦ-ОА не планира одржување заедничка света архијерејска литургија со СПЦ

МПЦ-ОА не планира одржување заедничка света архијерејска литургија со СПЦ
Скопје, 16 мај 2022 (МИА) - Македонската православна црква - Охридска архиепископија не добила покана и не планира одржување заедничка света архијерејска литургија меѓу великодостојниците на нашата и на Српската православна црква на крајот на годишниот Собор на СПЦ, што започна вчера во Сремски Карловци, а чиј работен дел во наредниве седум дена продолжува во Белград. Српските медиуми викендов шпекулираа дека СПЦ планира да „признае единство“ со МПЦ-ОА на крајот на овогодишниот црковен Собор, по што великодостојниците на двете цркви заедно би отслужиле света архијерејска литургија што би претставувало знак на „помирување и обнова на единството“. Извори на МИА во МПЦ-ОА, посочуваат дека во претходниот период било разговарано за таква можност, но дека сега, по одлуката на вселенскиот патријарх Вартоломеј од 9 мај за признавање на МПЦ-ОА за канонска црква, работите се променети и дека не се планира одржување заедничка богослужба со српските црковни великодостојници. Во однос на информациите дека на 5 јуни на празникот Педесетница или Света Тројца најверојатно во Истанбул, поглаварот на МПЦ-ОА, архиепископ охридски и македонски Стефан ќе одржи прва заедничка богослужба со вселенскиот патријарх Вартоломеј, изворите на МИА од нашата Црква посочуваат дека се планира таква богослужба, но дека засега ништо не е прецизирано. Претходно, во врска со ваквата најава, портпаролот на Синодот на МПЦ-ОА, митрополитот дебарско-кичевски Тимотеј во изјава за Пресинг ТВ, само кусо одговори дека „ниту ја потврдува, ниту ја демантира ваквата информација“. сп/дма/

Остани поврзан