• недела, 22 декември 2024

МОФ апелира за промени во политиките за да се спречи егзодусот на младите

МОФ апелира за промени во политиките за да се спречи  егзодусот на младите

Скопје, 4 јули 2024 (МИА) -  Младински образовен форум (МОФ) со допис до медиумите апелира до државните институтции за промени во политиките за да се спречи  егзодусот на младите, изразувајќи загриженост од податоците според кои државава се наоѓа на петто место по одлив на мозоци меѓу 41 европска земја.

-Истражувањето на Државниот завод за ревизија, покажува дека 40 проценти од високообразовниот кадар ја има напуштено државава и дека државата не поседува целисходни документи и стратегии за спречување на одливот или нив не ги спроведува доследно. Податоците се поистоветуваат и со наодите од истражувањата на граѓанскиот сектор за желбата на младите да заминат од државата, односно бројките говорат дека шест од 10 млади би заминале од државата. Од друга страна, според предвидувањата на Обединетите нации, до 2050 година во македонското општество младите ќе бидат претставени со 12 проценти во општествената структура, наведува МОФ во соопштението. 

Како главни причини зошто младите сакаат да заминат од државата, посочува младинската организација, се наведени недостигот од соодветни работни места и услови за работа, „но и целокупната корупција која владее во државата и влијае на нефункционалниот образовен, здравствен и судски систем“.

Од друга страна, нагласува МОФ, остануваат заборавени младите во кои државата инвестирала да ги зголемат своите знаења и капацитети преку државните стипендии за студирање во странство.

-Имено, државата во 2012 година ја лансираше програмата за стипендирање македонски студенти на првите 100 универзитети според Шангајска листа и нуди можности за студентите да се образоваат во странство, а за возврат програмата ги обврзува студентите да се вратат во државата и да го инвестираат своето знаење во македонскиот државен и приватен сектор. За жал, оваа програма иако дизајнирана да ги поттикне младите да се вработуваат во македонското општество, истата е нефункционална. Последното истражување на МОФ - „Неискористен студентски потенцијал" покажува дека државата од 2012 до денес, стипендирала 389 студенти да студираат на првите 100 универзитети на Шангајската листа, но речиси ниту еден студент не бил исконтактиран од државните институции, истакнува МОФ.

Наодите од истражувањето, посочува Младинскиот образовен форум, дополнително ги истакнале значајните пропусти во имплементирањето на стипендијата.

-Споделените податоци од Министерството за образование и наука и искуствата на поранешните корисници на стипендијата посочуваат пропусти во недоволната и несоодветна евиденција што се води за стипендистите, недоволниот мониторинг во процесот на студирање, како и слабите напори да се обезбедат соодветни работни места што одговараат на квалификациите стекнати од страна на студентите. Во бројки, тоа државниот буџет го чини 40 илјади евра по студент на годишно ниво. Овие бројки се праволиниски со истражувањето на Државниот завод за ревизија според кое, отселувањето на младите ја чини Македонија 44,7 милијарди денари. Тоа е загуба од 8,34 отсто во македонскиот БДП, укажува МОФ.

Поради тоа, МОФ смета дека актуелните мерки „или не вродуваат со никаков плод или се директен стимул за отеселувањето на младите“ и затоа укажува дека е „потребно итно спроведување и ревидирање на веќе постоечките мерки кои се насочени кон подобрување на условите за образование, нудење повеќе можности и мерки за вработување и директно инвестирање во младинскиот капитал“.

-Промени во политиките со цел да се спречи младинскиот егзодус се потребни и во судството, здравството и целокупната државна инфракструктура. Младите не треба да се гледаат како изолирана хомогена таргет група, напротив, тие треба да бидат дел од сите политики кои ги носи државата бидејќи се рефлектираат на нив. Финално, ја посочуваме потребата од итни реформи во сите сектори во државата како и вклучување на младите во нивно креирање и доследно спроведување, наведува Младинскиот образовен форум во апелот за спречување на егзодусот на младите.

Во одговор на новинарско прашање како државата ќе се справи со одливот на високообразован кадар, министерката за образование и наука Весна Јаневска вчера изјави дека со нивното иселување „губиме огромен потенцијал“.

-Македонија станува извозник на стручни лица наместо да извезува други добра од кои државата би имала корист. За жал, тоа е тенденција веќе неколку години со зголемен интензитет, рече Јаневска и посочи дека Владата ќе се фокусира на причините за иселувањето на младите за, како што рече, „да им понудиме еден праведен и правичен општествен систем“.

-Во кој тие нема да ги чувствуваат негативностите кои во моментот или во минатото постоеја, ќе се справиме со корупција, криминал и непотизам и во училиштата, и во високото образование, рече министерката за образование и наука. 

Државниот завод за ревизија во вторникот објави конечен ревизорски извештај од извршената ревизија на успешност „Ефикасност на мерките за спречување на одливот на високообразовни и стручни кадри“.

Според извештајот на ИОМ за 2020 година, Република Северна Македонија е меѓу  првите  20 земји во светот со најголема емиграција во странство, додека според проценките на Светската банка, речиси 40 проценти од високообразовниот кадар ја има напуштено државата. Според Индексот на одлив на мозоци на Global Economy, државава е на високото петто место од 41 европска земја. хс/

Фото: МИА архива 

 

 

Остани поврзан