• недела, 22 декември 2024

Москва: Дури 48.000 руски семејства се обидуваат да ги пронајдат своите војници по пат на ДНК анализи

Москва: Дури 48.000 руски семејства се обидуваат да ги пронајдат своите војници по пат на ДНК анализи

Москва, 4 декември 2024 (МИА) - Четириесет и осум илјади членови на семејства на руски војници предале свои ДНК примероци, соопшти заменичката министер за одбрана на состанокот на крајот на ноември на тема за идентификација на војниците по нивните останки, беше објавено денеска.

Бројката од 48.000 предадени ДНК примероци од страна на роднини на руски војници беше споделен на тркалезната маса 26 ноември од заменичката министер за одбрана, Ана Цивилева, додека еден пратеник предупреди дека овој број не би требало да биде јавно објавен.

Русија досега не објавила официјална статистика за воените загуби во Украина, потсетува Хина.

Западните земји веруваат дека во исцрпувачката рововска војна, најсмртоносниот конфликт во Европа од Втората светска војна, биле убиени и ранети стотици илјади руски и украински војници.

По изјавата на Цивилева дека 48.000 членови на семејства на руски војници предале свои ДНК примероци за базата на податоци на Министерството за внатрешни работи, реагираше  Андреј Картаполов, претседател на парламентарната комисија за одбрана. Тој предупреди дека станува збор за чувствителни и заштитени информации, на што Цивилева одговорила дека не ги споделила податоците за бројот на војници исчезнати во акција, туку бројот на барањата што ги добиле.

- Многумина од нив ќе бидат пронајдени. Ова не се податоци за исчезнати, тоа е бројот на барањата што ги примивме за да ги пронајдеме, изјавила таа.

Независната руска информативна страница Mediazona и Руската служба на BBC потврдиле имиња на 79.819 руски војници загинати во Украина до 19 ноември, за време на 33 месеци на војната.

Волстрит џурнал, повикувајќи се на западни разузнавачки податоци, наведува дека се убиени до 200.000 руски војници.

Економист пренесува дека на украинската страна загинале најмалку 60.000 до 100.000 војници и дека до 400.000 претрпеле тешки повреди што не им дозволуваат повторно да се борат. ссм/

фото: архива

Остани поврзан