МОН ќе го реконструира подрачното училиште во кумановско Агино село
- Министерството за образование и наука ќе го реконструира основното подрачно училиште во Агино село.
Куманово, 26 јануари 2024 (МИА) - Министерството за образование и наука ќе го реконструира основното подрачно училиште во Агино село.
- Основното училиште „Кирил и Методиј“ во Агино село во Куманово оваа година е дел од програмата на Министерството за образование и наука за изградба и реконструкции на основни училишта. Објектот ќе биде реконструиран и за оваа намена се обезбедени 11,5 милиони денари, велат од МОН за МИА.
Родителите на учениците од подрачното училиште „Кирил и Методиј“ од кумановското Агино село не ги пуштаа учениците на настава на први септември во знак на револт бидејќи училиштето не е реконструирано со децении. Тогаш тие бараа да се реализира реконструкцијата на објектот, изграден 1977-78 година.
Министерот за образование и наука Јетон Шаќири кажа дека ќе се измени програмата, ќе се реорганизираат буџетските средства да се реконструира објектот и учениците да имаат подобри услови за настава.
Општина Куманово кажа дека имаат изработено проект кој бил доставен до МОН, а била извршена и легализација на објектот. ам/мд/
Фото: МИА архива