• четврток, 19 декември 2024

МОН: Унапредена е Концепцијата за основно образование, согласно сугестиите на наставниците и стручната јавност

МОН: Унапредена е Концепцијата за основно образование, согласно сугестиите на наставниците и стручната јавност

Скопје, 14 ноември 2024 (МИА) - Министерството за образование и наука информира дека се направени измени на Концепцијата за основно образование, на чија потреба во изминатиот период, како што  наведува, „упатуваше стручната и пошироката јавност, а особено наставниците од основните училишта“.

-Согласно доставените сугестии за време на периодот во кој Концепцијата беше ставена на јавна дискусија, Бирото за развој на образованието интервенираше и ја подготви новата унапредена содржина. Измените овозможуваат повторно враќање на научните дисциплини историја, географија, биологија, физика и хемија како посебни предмети во третиот воспитно-образовен период од основното образование (седмо, осмо и деветто одделение), имајќи предвид дека претходно Концепцијата предвидуваше нивна интеграција со нејасно дефинирани насоки за реализација на часовите, но и кратење на многу содржини кои се од исклучителна важност за учениците на соодветната возраст, соопшти МОН:

Посочува дека како резултат на измените во Концепцијата, во следниот период ќе се изработи и нов Наставен план за основното образование, како и нови наставни програми по соодветните предмети во седмо, осмо и деветто одделение, кои етапно ќе се воведуваат почнувајќи од учебната 2025/2026 година, како и во двете учебни години потоа.

-Министерството за образование и наука изразува благодарност до сите општествени чинители кои со свои сугестии придонесоа за унапредување на содржината Концепцијата за основно образование, како и до Бирото за развој на образованието кое е носител на целиот процес. Продолжува транспарентното работење, со вклучување и активно учество на сите засегнати страни во креирањето на образовните промени, наведува МОН во соопштението. хс/са/ 

Фото: МИА архива 

Остани поврзан