• сабота, 23 ноември 2024

МОН: Се печатат учебници со Брајово писмо за еднаков пристап во наставата на сите ученици

МОН: Се печатат учебници со Брајово писмо за еднаков пристап во наставата на сите ученици
Скопје, 5 септември 2021 (МИА) - Министерството за образование и наука првпат печати учебници со Брајово писмо за учениците со оштетен вид. Со помош на овие материјали за учење се обезбедува еднаков пристап во наставата за секој ученик. Од Министерството денеска информираа дека еден дел од материјалите се готови. Се печатат на специјален печатач во ДУРДМОВ „Димитар Влахов“ во Скопје. - Со печатењето на учебниците за прво и четврто одделение по новата Концепција, нашите ученици ќе можат подобро да го осознаат светот, да се едуцираат и да го имаат достапен секој пишан текст на Брајово писмо. Оваа година, благодарение на министерката Мила Царовска, добивме финасии за брајова хартија и свел-тач хартија со помош на која, оваа учебна година учениците од прво и четврто одделение со новиот концепт, сме обезбедени со Брајови учебници. Би сакал да се заблагодарам и на Бирото за развој на образование што ни ги доставија учебниците во ворд документ, како би можеле ние да ги прилагодиме и испечатиме на Брајово писмо, вели директорот на училиштето, Бобан Спасенцовски. Според дефектологот - тифлолог Анита Чекановска Димитриевска, кадарот во училиштето континуирано работи и успева оваа образовна установа да ја трансформира согласно со барањата на современите општествени текови. - Овие промени секогаш се прават во склад со воспитно-образовните потреби на слепите и слабовидните деца и ученици, строго почитувајќи ги специфичностите на децата и младинците, вели Чекановска Димитриевска. ДУРДМОВ „Димитар Влахов“ во Скопје е установа која 67 години, освен со воспитно-образовна, се занимава и со рехабилитаторска дејност. бак/ац/

Остани поврзан