• вторник, 19 ноември 2024

МОН: Платите на наставниците од овој месец се зголемуваат за 15 проценти

МОН: Платите на наставниците од овој месец се зголемуваат за 15 проценти

22 септември 2023 

Платите на наставниците и на другите вработени во основните и средните училишта продолжуваат да се зголемуваат. Како резултат на заложбата за создавање квалитетно образование кое се темели на мотивирани наставници, министерот за образование и наука Јетон Шаќири и претседателот на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура, Јаким Неделков потпишаа спогодба која предвидува зголемување на платите на вработените во основните и средните училишта за 15%, почнувајќи од тековниот месец септември.

Чест ми е што токму во време на мојот мандат како министер за образование и наука во 2022 и 2023, практично во период од само една година, платите на наставниците се зголемени во три наврати, односно кумулативно за над 35%. Ова е само потврда дека навистина имаме намера да го вратиме дигнитетот и достоинството на наставниците кое го заслужуваат во општеството, затоа што се најважната алка во воспитно – образовниот процес од која зависи квалитетот на генерациите кои се создаваат и без која ниту една реформа не може да успее“, рече Шаќири.

Задоволство изрази и претседателот на СОНК, Неделков, кој посочи дека само со мотивирани наставници може да градиме добра иднина за државата. Истакна дека како синдикат, ќе продолжат да се заложуваат за подобрување на правата и можностите на просветните работници и во иднина, а очекува наскоро да се постигне согласност за измени во колективниот договор со кои уште повеќе ќе се стимулира работата на оние кои директно ги пренесуваат знаењата на учениците.

Освен покачувањето на платите, во меѓувреме продолжуваат и континуираните обуки на наставниците, како единствен начин постојано да јакнат нивните професионални компетенции, отворајќи им можности за кариерен развој во звања ментор и советник. Во период од 3 години, во звање ментор, напредуваа 250 наставници од основните училишта кои се носители на промените што се случуваат за поквалитетна настава.

Владата и Министерството за образование и наука обезбедуваат системска поддршка за наставниците. Работиме на достоинствено вреднување на нивниот труд и посветеност. Тие се ценети и почитувани за важната работа што ја работат – вложувањето во воспитувањето и образованието на децата кои се иднината на оваа држава.

 

Министерство за образование и наука

Фото: МОН 

___________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Остани поврзан