Момчињата од „Уан дајрекшн“ се простија од Лијам Пејн
- Полицијата извести дека истрагата на местото на падот е завршена. Претрпел повеќе повреди, внатрешно и надворешно крварење и починал од падот.
Лондон, 18 октомври 2024 (МИА) - Лијам Пејн, поранешен член на поп-составот „Уан дајрекшн“ (One Direction), почина во средата во хотел во Аргентина. Поранешните членови на групата се простија од својот колега со заедничко соопштение.
„Во догледно време, кога ќе можеме, ќе кажеме повеќе. Сега ќе одвоиме малку време да тагуваме и да ја преболиме загубата на нашиот брат, кого неизмерно го сакавме. Спомените со него ќе бидат нешто вредно засекогаш. Нашите мисли се со неговото семејство, пријателите и обожавателите кои го сакаа, како и ние. Многу ќе ни недостигаш, Лијам“, објавија момчињата од бендот што се распушти пред осум години.
Полицијата извести дека истрагата на местото на падот е завршена. Прелиминарната обдукција покажала дека Пејн претрпел повеќе повреди, внатрешно и надворешно крварење и починал како последица од падот.
Поп-пејачот бил пронајден мртов пред хотелот „Каса сур“ во луксузната населба Палермо во Буенос Аирес, откако паднал од третиот кат. Полицијата само ја констатирала смртта. Очевидци за американското списание „ТМЗ“ велат дека немилиот настан се случил нешто по 17 часот (по локално време), како и дека Лијам „чудно се однесувал во лобито на хотелот“ претходно... Се вели и оти музичарот „си го скршил лаптопот“ во еден миг.
И во официјалното соопштение се наведува дека полицајците биле испратени во хотелот по повик „во којшто биле информирани за агресивен маж кој можеби бил под дејство на дрога и алкохол“. А, полицаец, според наводите, слушнал силна бучава во внатрешниот двор на хотелот.
Според досегашните сознанија, тој бил сам во хотелската соба кога се случил инцидентот.
Инаку, „две мистериозни жени“ биле со Лијам ноќта пред неговата смрт, пишува „Индекс“. Се претпоставува дека тие би можеле да бидат клучни сведоци оти можеби последни го виделе жив. си/сд/