• четврток, 21 ноември 2024

Можно е да стигнат вакцини и во јануари, отворени се сите опции, вели премиерот Заев

Можно е да стигнат вакцини и во јануари, отворени се сите опции, вели премиерот Заев
Скопје, 4 јануари 2020 (МИА) - Можно е земјава да добие вакцини и пред февруари, најави вечерва премиерот Зоран Заев. Според него, сите варијатни се отворени. Има најави и за вакцини од Кина во јануари, но тоа засега не е потврдено. Допрва се очекува да се видат условите. Во гостување на дневникот на ТВ Сител, Заев рече дека ќе се вакцинира за да испрати порака до граѓаните дека вакцината е безбедна. -Имаме најави и со Кина за околу 200.000 вакцини за овој месец, но ќе видиме кои се условите. Кина има пет вакцини кои ги поминале фазите и тие веќе се дистрибуираат надвор од Кина и две во фаза на тестирање. Чекаме и од ЕУ од Ковакс механизмот, од кои 100 милиони вакцини се за Западен Балкан, истакна премиерот. Заев за најавите и точните бројки на вакцини кои ќе пристигнат од европските земји и нашите соседи, како Австрија, Полска, Бугарија, Грција, рече дека и тие добиле десет пати помали количини од најавените. Притоа изрази надеж дека динамиката на продукција и испорака во следниот период ќе биде посоодветна од претходно најавената. Премиерот информира дека од министерот за здравство добил потврда дека од компанијата „Фајзер“ пристигнуваат првите 5.850 во февруари, од вкупно 800.000 колку што е договорено, но и дека е возможно регистрирани вакцини од регистрирани компании и одобрени од Светската здравствена организација да пристигнат и порано. -Ветено дека ќе добиеме одредени количини, тоа е европска  солидарност, тие ги добија првите количини, а веќе стасуваат и вторите количини во најави. Само пет проценти ако споделат со Западен Балкан, заедно ќе одиме со ЕУ со задоцнување од една недела или две зад нив, рече Заев, нагласувајќи дека е најважно да стигнат вакцините до граѓаните и дека Северна Македонија има средства да набави вакцина, од било која група. Според него, важно е вакцините да стигнат на време. -Секако дека ќе се вакцинирам, но, без да ги кршам протоколите, да не бидам пред медицинските работници, пензионерите и хронично болните,  јас ќе го дадам примерот и ќе се вакцинирам за да испратам порака дека таа е здрава, безбедна. И сега ја користам приликата да апелирам до сите граѓани, дека според светските експерти таа е исправна и треба сите да ја примиме, освен за оние групи за кои лекарите ќе го исклучат тоа, подвлече премиерот, додавајќи дека вакцинацијата ќе се врши најпрво кај медицинските работници, пензионерите, хронично болните, а потоа кај останатите граѓани. Заев најави и дека државата заедно со медиумските работници ќе развие стратегија за јавна кампања која треба да ја подигне свеста кај граѓаните за масовна вакцинација. мч/скс/  

Остани поврзан