• петок, 22 ноември 2024

Можни седум причини за тресење на рацете

Можни седум причини за тресење на рацете

Њу Делхи, 4 мај 2023 (МИА) - Тремор, или треперење на рацете означува неволно движење или „тресење“ на горните екстремитети кај еден човек. Тоа, според лекарите, може да биде симптом на различни состојби, фактори и болести, како што се анксиозност, Паркинсонова болест, мултиплекс склероза...

Анксиозноста е заштитна и одбранбена реакција на телото. Зголемувањето на крвниот притисок е еден од знаците, а со тоа, се зголемува нивото адреналин во телото, што предизвикува срцето да чука побрзо и мускулите да треперат, пишува „Тајмс оф Индија“ (Times Of India).

И откажување од алкохол може да предизвика тресење - особено во рацете, бидејќи телото се прилагодува на отсуството на алкохолот. Ова може да биде знак на зависност и можеби значи потреба од медицинска помош. Може да се појави и меѓу шест и 10 часа по последното консумирање алкохол. Пиењето прекумерни количини алкохол ја намалува функцијата на мозокот и нивото енергија во телото. Потоа, како одговор на успивачкото дејство на алкохолот, мозокот ја зголемува нервната активност за да го одржи човечкото тело во состојба на будност.

Анксиозност, хиперактивност, треперење и други симптоми на одвикнувањето може да се појават и при нагло прекинување на употребата на алкохол, бидејќи мозокот продолжува да произведува повеќе нервна активност. На крајот тресењето престанува по детоксикацијата.

Сепак, долгорочното пиење алкохол може да ги оштети црниот дроб, мозокот и нервите, што може да доведе до долгорочен тремор.

Есенцијален тремор е невролошко нарушување што предизвикува наизменично треперење на рацете, главата, гласот, а понекогаш и кај други делови од телото. Ова е најчеста причина за тресење на рацете, особено кај постарите лица. Есенцијалниот тремор може да се појави на која било возраст, но најчест е кај луѓе на возраст од 40 години и потоа. Луѓето со есенцијален тремор понекогаш може да развијат други невролошки знаци и симптоми, како што е нестабилно одење (атаксија).

Низок шеќер во крвта, или хипогликемија може да предизвика тресење, особено кај луѓе со дијабетес кои земаат инсулин и други лекови за таа болест. Ова обично се случува кога нивото шеќер во крвта паѓа под 4 ммол (милимоли) на литар. Заедно со гладта и обилното потење, треперењето служи како почетен предупредувачки знак.

Нискиот шеќер може да предизвика и онесвестување во екстремни околности.

Хипертироидизам е состојба во којашто тироидната жлезда произведува премногу тироидни хормони. Меѓу знаците и тука е тресење на рацете и прстите.

Паркинсонова болест е прогресивно невролошко нарушување коешто влијае на движењето воопшто. Меѓу раните симптоми на Паркинсоновата болест е тресењето, што обично почнува во едната рака, може да се прошири на другата, па на телото. Тресењето предизвикано од Паркинсоновата болест е најизразено кога рацете се поставени до телото или во скутот.

Мултиплекс склероза е хронично автоимуно нарушување што влијае на централниот нервен систем. Тресењето кај оваа болест се развива кога мускулот ненамерно се стега, па се опушта, тресејќи дел од телото. Тоа може да има големо влијание врз способноста на лицето да се движи, јаде и да пие.

Симптомите варираат, во зависност од висината на оштетувањето и нервите коишто се засегнати. Некои луѓе со тешка склероза може да ја изгубат способноста и да одат самостојно, додека други доживуваат долги периоди на ремисија за време на кои не се развиваат нови симптоми.

Важно е да се напомни и важноста од консултација со лекар во случај на тресење на рацете или какви било други симптоми, бидејќи тоа може да помогне во рано дијагностицирање и лекување на основната причина на можна болест. Не постојат специфични тестови што се користат за откривање на причината за ненадејното тресење. Поставувањето дијагноза често е прашање на исклучување на други состојби коишто би можеле да ги предизвикаат симптомите.  си/ссм/

Фото: Пиксабеј.

Остани поврзан