• понеделник, 23 декември 2024

Модуларниот ковид-центар во Кичево ги прими првите пациенти

Модуларниот ковид-центар во Кичево ги прими првите пациенти

Кичево, 23 февруари 2021 (МИА) - Модуларниот Ковид центар кој почна да се гради кон крајот од минатата година во кругот на Општата  болница во Кичево и беше еден од првите пет во земјава што почнаа со монтажа, ги прими и првите пациенти заболени од Ковид-19.

-Без поголема помпа и посебна свеченост, почна со работа модуларниот Ковид центар во нашата Општа болница. Пациентите заболени од Ковид-19 од интерното одделение се преселија во новоизградениот објект, додека интерниот дел каде што досега престојуваа  ковид-пациентите, ќе биде темелно дезинфициран, варосан и целосно безбеден за лицата кои тука ќе се лекуваат од интерни болести, рече Неџат Балажи, лекар специјалист од Општата болница во Кичево.

Тој потсети дека модуларниот ковид-центар се протега на површина од 700 метри квадратни и е еден од поголемите во земјава а во него ќе можат да се згрижат 45 пациенти.

-Новиот монтажен објект располага со сопствен систем за затоплување, додека наскоро ќе биде завршен централниот довод за кислород за подршка на пациентите и наместо мобилен ренген апарат, засега ќе се користи постоечкиот ренген како и лабораторијата.Овие содржини во ковид-центарот ќе бидат обезбедени за најмногу две недели, кога ќе добие и нов ехо апарат, со што ќе бидат обезбедени сите неопходни услови за натамошен третман на болните-додава Балажи.

Во моментов во општина Кичево бројот на пациенти заболени од Ковид-19 е во стагнација, а вработените во кичевското здравство се оптимисти дека овој тренд ќе продолжи и понатаму. за/сст/

Остани поврзан