• сабота, 23 ноември 2024

Многу фудбалери не можат да си дозволат намалување на платите, објави ФИФПро

Многу фудбалери не можат да си дозволат намалување на платите, објави ФИФПро
Лондон, 4 април 2020 (МИА) - Многу професионални фудбалери од целиот свет заработуваат малку повеќе од просечниот приход и не можат да си дозволат да ги намалат своите плати за време на пандемијата на коронавирус, според ФИФПро (Сојуз на фудбалерите). Фудбалерите на англиската Премиер лига беа повикани да се согласат за намалувања додека дуелите се суспендирани, но генералниот секретар на ФИФПро, Јонас Баер-Хофман изјави дека ситуацијата е многу различна во другите земји. - Повеќето играчи земаат далеку помалку од просекот во нивните земји. Фудбалери со ниски плати постојат низ целиот свет, и секое намалување може да има драстични последици во однос на плаќање на кирија или купување намирници за нивните семејства, рече Баер-Хофман. Тој додаде дека дури и во поголемите првенства ситуацијата може значително да варира во клубовите. - Во Јувентус има сосема различни плати отколку во тимовите кои се на 17-та, 18-та или 19-та позиција во Серија „А“, рече тој. Минатата сабота, италијанскиот шампион Јувентус објави дека нивните фудбалери се согласиле на намалување на платите од март до јуни, договор што Баер-Хофман го поздрави. Тој додаде дека иако повеќето клубови се разумни во овој поглед, постојат исклучоци. - Постојат стравувања дека во некои делови на светот, многу клубови веќе донесуваат единствени одлуки во врска со отпуштањата и намалувања на платите при услови, што играчите едноставно не можат да си ги дозволат. Повеќето од клубовите се во сериозна финансиска тешкотија и не сакам да генерализирам, но гледаме примери на неодговорни и цинични реакции, додаде Баер-Хофман. Настрана побогатите лиги, кризата со коронавирус може да биде „катастрофална“ бидејќи клубовите можат да останат без приходи шест месеци. - Ако ова доведе до масовни банкротства, тогаш, се разбира, не само играчите, туку илјадници други луѓе кои работат во професионалната фудбалска и спортска индустрија ќе ги загубат своите работни места, додаде тој.

Тагови

Остани поврзан