• четврток, 26 декември 2024

Мишел: Војната во Украина има последици врз луѓето ширум светот 

Мишел: Војната во Украина има последици врз луѓето ширум светот 

Брисел, 8 септември 2023 (МИА) – ЕУ силно ја поддржува Украина и врши притисок врз Русија, затоа што „војната на Кремљ“ уништува животи на само на украинска територија, туку и многу подалеку и поради неа над 250 милиони луѓе ширум светот се соочуваат со акутен недостиг на храна, изјави денеска претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел на прес-конференција пред почетокот на Самитот на Г20 во Њу Делхи.  

Според него, со намерното напаѓање на украинските пристаништа преку кои оди извозот на прехранбени продукти од Украина, Русија ги лишува од храната оние луѓе на кои таа им е очајно потребна.  

- Скандалозно е што Русија, откако ја суспендира Црноморската иницијатива, ги блокира и напаѓа украинските поморски пристаништа. Ова мора да престане. Бродовите со жито мора да имаат безбеден пристап преку Црното Море, истакна Мишел, додавајќи дека ЕУ се обидува да обезбеди алтернативни извозни патишта за извоз на храна од Украина, преку кои досега се испорачано 41 милион тони житни култури. 

Тој оцени дека токму поради ваквото руско однесување, понудата на Москва за испорака на еден милион тони жито за африканските земји е апсолутно цинична.  

Мишел се осврна и на проблемот со климатските промени, нагласувајќи дека поплавите, сушите и рекордно високите температури се закана за опстанокот на човештвото.  

– Климатските промени не поштедуваат никого. Глобалното затоплување ќе го погоди секој од нас. Затоа, треба да дејствуваме заедно за да постигнеме климатска неутралност до 2050 година... Мора да бидеме амбициозни, а тоа значи тројно зголемување на капацитетите за обновлива енергија и удвојување на енергетската ефикасност до 2030 година, рече Мишел. 

Нагласувајќи ја потребата од зголемени напори за обезбедување поправедна климатска транзиција, претседателот на Советот на ЕУ се осврна и на глобалниот финансиски систем, за кој оцени дека не е инклузивен, затоа што од него се исклучени многу делови од светот.  

- Треба да го промениме ова. Мора да се справиме со слабостите во меѓународниот систем... За да ги достигнеме нашите амбициозни цели, ни треба амбициозно финансирање и силни партнерства меѓу владите и приватниот сектор. Порано или подоцна, ќе треба да го зголемиме капацитетот на банките да поддржуваат, да инвестираат, да ја помогнат брзината на напредокот на фондовите за климата и да помогнеме да ги постигнеме нашите цели за одржлив развој. Многу земји во развој страдаат под огромни долгови и ние мора да ја засилиме заедничката рамка што им е потребна на овие земји, потенцира Мишел. 

Тој додаде и дека светот мора да се подготви за „следната глобална здравствена вонредна состојба“, за што е потребна мултилатералната координација при справувањето со огромните и непредвидливи предизвици на пандемиите.  

Мишел во тој контекст потсети дека ЕУ пред две година даде предлог за старт на преговори склучување на меѓународен договор за глобалното здравје, кои се најавени да се одржат во мај идната година.

- Европската унија е конструктивен и доверлив партнер на меѓународната заедница. Ние сме силен глас за мултилатеризмот и поголема соработка меѓу народите. Овој Самит на Г20 доаѓа во критично време за мултилатерализмот и за иднината на светот. Ова се предизвикувачки времиња. Довербата е столбот на мултилатерализмот. Искрено се надевам дека овие два дена ќе помогнат да се изгради поголема доверба. Махатма Ганди еднаш рече: „Нашата способност да постигнеме единство во различноста ќе биде убавината и тестот на нашата цивилизација“. Ајде да се инспирираме од тие зборови. Можете да сметате на ЕУ, порача Мишел на прес-конференцијата во Њу Делхи. сп/

Фото: Скриншот

Остани поврзан