• понеделник, 23 декември 2024

Мицотакис: Наш прв приоритет беше и останува заштитата на човечкиот живот

Мицотакис: Наш прв приоритет беше и останува заштитата на човечкиот живот
Атина, 25 август 2021 (МИА) – Неодамнешните пожари што зафатија повеќе делови во Грција, начините за справување, превенцијата, но и дали беа направени грешки при гаснењето, се во фокусот на расправата во грчкиот Парламент на ниво на лидери на партии, јави дописничката на МИА од Атина. Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис детално анализираше со што се соочила земјата, но и кои се следните чекори за избегнување слични катастрофи во иднина, додека пак лидерот на опозициската СИРИЗА Алексис Ципрас ги повтори нивните предлози и упати критики до Владата, не само за пожарите, туку и за политиката што ја следи во другите актуелни прашања во земјата. Мицотакис истакна дека најважно од сè е што се спасиле човечки животи, истакнувајќи дека тоа беше и останува главен приоритет на Владата, објасни дека во првите денови од август требало да се справат со 1.279 пожари, „речиси 60 на ден, истовремено на многу различни места, а многу од нив, веќе знаеме дека беа производ на потпалување“. Додаде дека оваа година пожарите имале поразлични карактеристики, а изгореле над 100.000 хектари шумска површина. -Реалноста е дека, и покрај интензитетот и големината на пожарите со кои требаше да се справиме, ниту едно населено место не изгоре целосно. Па така, ја постигнавме нашата цел да ги заштитиме човечките животи. Ја постигнавме нашата цел да ги заштитиме населените места. Ја постигнавме нашата цел за заштита на клучната инфраструктура, рече Мицотакис. Грчкиот премиер се задржа и на бројот за итни случаи 112 преку се испраќаа пораки до граѓаните за превентивните евакуации, објасни дека противпожарните сили биле зајакнати, а ја спомена и меѓународната поддршка. Лидерот на СИРИЗА Алексис Ципрас на почетокот од неговиот говор рече дека грчкиот премиер се обидел да даде убедувања дека сè беше правилно направено и „беше провоцирачки, 55 минути, со ставот, со обраќањето, со стилот, Мицотакис да покажува дека ништо не сфатил“. -Побара да му посочиме каде згреши, па така господинот Мицотакис го повлече лажното извинување што му го кажа на грчкиот народ во часовите на катастрофата. Кога премиерот на земјата по 15 дена доаѓа во Парламентот и се прашува дали била направена некоја грешка и ни бара да му укажеме, тогаш зошто се извини? За кој, за што?, истакна Цирас. Упатувајќи критики до Владата рече дека паднала на испитот и „за пандемијата, и за пожарите, за општествената кохезија, безбедноста на секојдневието на граѓаните, во заштита на земјата“. Потенцираше дека „никој премиер не направи толку голема штета во толку мал временски период“. -Се охрабрувам, господине Мицотакис, дека доаѓа моментот кога ќе има поразлична порака за евакуација од 112. Овој пат нема да биде од Вас до граѓаните, туку од граѓаните кон Вас, порача Ципрас на крајот од неговиот говор. Расправата во грчкиот Парламент се води на ниво на лидери на политички партии и по завршувањето на првиот, ќе следи и втор круг обраќања. ср/ссм/ Фото: Кабинет на грчкиот премиер

Остани поврзан