• понеделник, 25 ноември 2024

Мицкоски го доби Извештајот од ЕК: Реална слика, нема отстапување од реформите

Мицкоски го доби Извештајот од ЕК: Реална слика, нема отстапување од реформите

Скопје, 30 октомври 2024 (МИА) -  Државата нема да отстапи од реформите, а иако граѓаните се уморни од целиот процес и неоправдано сме во чекалната на ЕУ единствена стратешка цел за сите останува членството во Европската унија, порача премиерот Христијан Мицкоски, откако попладево ги доби копиите од Извештајот на Европската комисија за Северна Македонија за 2024 од евроамбасадорот Михалис Рокас.

На заедничка прес-конфереција со Рокас во Владата, Мицкоски оцени дека со Извештајот имаме реална слика за состојбите, како и дека новата Влада ги менува работите и е нотирана борбата против корупцијата. Претходната влада, според него, требало и морало да направи повеќе и подобро, но како што порача, мора да ги надминеме политичките препукувања и да се фокусираме на она што треба сите заеднички да го направиме.

Мицкоски посочи дека Извештајот на ЕК се однесува за периодот септември 2023 и септември 2024 година и оти со него се  три влади, една политичка, една техничка и една влада која што беше избрана на 23 јуни оваа година.

- Мора човек реално да пристапи на работите и реално да разговара за заедничките предизвици кои ни престојат како држава. Нема да кажувам дека со само два месеци кои се опфатени во извештајот дека сме направиле чуда. И без овој извештај како прв човек на Владата знам дека граѓаните живеат тешко и дека ни се потребни крупни чекори напред, клучни реформи и она што можеби за мене претставува клучен приоритет а тоа е борбата против корупцијата. Сепак е добро кога ќе се добие и квантификација и една реална слика за состојбите. Со извештајот добиваме една реална, објективна слика за состојбите  за целокупната подготвеност на земјата во достигнувањето на европските правила и стандарди, како и за тоа што било направено во текот на изминатата година. Детектиран е добар или одреден напредок во некои области, но и ограничен или недоволен односно нема никаков напредок во повеќе други области и теми од Европското законодавство и стандарди, рече Мицкоски. 

Истакна дека го охрабрува тоа што, како што наведе, и во овој кус период на новата Влада Европската комисија ги препознава напорите за борбата против корупцијата, нешто што не беше случај во минатиот извештај.

- Како и претходните години, најголемите слабости повторно се детектираат се однесуваат на кластерот 1- темели, односно на деловите поврзани со правосудството, реформа на јавната администрација. Нашите претходници требало и морало да направат повеќе и подобро, но да го оставиме тоа зад нас, мора да ги надминеме политичките препукувања и да се фокусираме на она што треба сите ние заеднички да го направиме, оцени премиерот.

Немаме, дополни, време за губење. Не’ очекува уште многу работа, сите нас, бидејќи реформите и европскиот пат се долгорочен и сеопфатен процес. Затоа ве уверувам дека ние како нова Влада работиме интензивно и посветено за подобрување на состојбите во сите области, особено во оние области на живеење каде проблемите и слабостите на системот се најголеми. За тоа ни е потребен ангажман од сите нивоа на власт- извршната, но и законодавната и судската, како и од нашата администрација, и останатите чинители во општеството - приватниот сектор, граѓанското општество, академската заедница итн.

Мицкоски истакна дека нема отстапување од реформите, бидејќи, како што нагласи, тоа е единствениот начин за да го подобриме животот на граѓаните и да го зајакнеме македонското досие на патот кон членство во ЕУ.

- Не само заради технократско исполнување на условите, туку заради суштествено помрднување напред и европска трансформација во вистинска смисла на зборот. Тоа е наша обврска за обезбедување подобра сегашност на сите нас и подобра иднина за следните генерации. И сосема на крај знам дека граѓаните се уморни од целиот процес, и дека неоправдано сме во чекалницата, но единствената одржлива и стратешка цел за иднината на сите останува членството во Европската Унија.“

Евроамбасадорот Рокас нагласи дека важно е што во овој Извештај нема уназадување и посочи дека заедно со претставниците на Владата заедно ќе се посветат за поголем напредок.

-Извештајот доаѓа во добар момент, само една недела по усвојувањето од страна на Европската комисија по усвојувањето на реформската агенда, а тука беше во посета и претседателката Фон дер Лајен која потсети дека ова е одлична реформска агенда. Сега имаме целосна слика за она што Влада го има одобрено и го имаме Извештајот за напредок. Ова може да биде платформа на која што ќе можеме да работиме заедно во претстојната година. И премиерот имаше точни упатувања дека Извештајот покрива период на три влади, дека имало одреден напредок во некои области. Важно е дека нема уназадување. Ние навистина посветено ќе работиме рака под рака заедно за кога  за една година ќе го правиме ова истово, ќе можеме да кажеме дека има многу поголем напредок, рече Рокас.

Северна Македонија постојано ја истакнува својата политичка посветеност на стратешката цел за интеграција во ЕУ, како и нејзината амбиција да продолжи во процесот на пристапните преговори, се наведува во годишниот  Извештај на Европската комисија за напредокот на земјава на европскиот пат, објавен денеска. 

Во Извештајот се посочува дека земјата треба да ги спроведува суштинските реформи поврзани со членството во ЕУ, да одржува добри односи со другите земји опфатени со процесот на проширување, како и да го продолжи својот ангажман во регионалните иницијативи.фф/лв/

Фото: Влада 

 

Остани поврзан