• среда, 17 јули 2024

Мицкоски: 1090 проекти за 100 дена се промените кои носат иднина

Мицкоски: 1090 проекти за 100 дена се промените кои носат иднина
Скопје, 26 февруари 2022 (МИА) - Градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ отпочнаа 1090 проекти низ целата држава, рече денеска претседателот на партијата Христијан Мицкоски на настанот „Промени што носат иднина - 100 дена локална власт отчет на ВМРО-ДПМНЕ“. Од овие повеќе од 1090 проекти кои се започнаа со реализација, Мицкоски вели дека дури 166 се капитални објекти низ целата територија на државата. - Започнати се со проектирање, градба или реконструкција нови 33 градинки и 68 училишта. Точно 206  улици и патишта се градат или реконструираат со вкупна должина од околу 100 километри. Се инвестира во градба на 111 водоводи и канализации, 96 игралишта и паркови. Расчистени се повеќе од 200 диви депонии, рече Мицкоски. Истакна дека ќе продолжат да работат за промени кои, како што нагласи, мора да се подлабоки и пошироки. Мицкоски потенцира дека Владата молчи кога станува збор за спорот со Бугарија. - Владата прво ја одби понудата за национален консезус и единство за прашањето со Бугарија, сега не се изјаснува ниту за гаранции за историјата и јазикот, идентитетот. Тоа говори само за едно, дека Ковачевски преговара лош договор далеку од очите на јавноста. Затоа апелирам на разум и на заштита на националните и државни интереси, како и општествена мобилизација на сите фактори влијателни во Македонија, рече Мицкоски. Ковачевски, додаде тој, нека ја искористи нашата подадена рака за национално единство, капацитетите на МАНУ, Универзитетите, мудрите луѓе. - Нека побара гаранции за нашиот идентитет и така со сочувано достоинство заедно да се бориме за европската иднина на Македонија. Време е да се остават нишаните, партиските поделби, и мора да дадеме одговори на вистинските потреби на народот. И ова се мали чекори, но со огромна важност. Ние имаме одговорност во име на сите овие луѓе да водиме и да одиме напред, нагласи Мицкоски. Градоначалникот на општина Велес Марко Колев рече дека се работи на нови конструктивни решенија со кои општината ќе стане уште поубаво место за живеење. - Двата најгорливи проблеми кои ги имаа нашите граѓани а тоа е процесот на легализацијата и процесот на издавање на решенија за данок на имот се забрзани. Во првите 100 дена изготвивме 100 решенија за легализација кои се веќе поделени кон нашите граѓани и повеќе од 1000 проекти по однос на данок на имот исто така се делат секојдневно, рече Колев. Колев додаде дека изминативе 100 дена асфалтирани и бетонирани се повеќе улици во градот – 8ми Март, Петар поп Арсов, Методија Андонов Ченто, Архиепископ Михаил, Андон Шурков, Јован Басаров, во вкупна вредност од околу 5 милиони денари, а во тек е и изградба на улицата 3-3 во месноста Касарна. Во завршна фаза, посочи, е изградбата на полигон за велосипеди (Pump truck) во Градски парк со вредност од околу 4 милиони денари, а реконструирани се водоводни линии во вредност од 7,4 милиони денари на улиците „8 септември“ и „Костурска“, и отпочнато е со изградба на водоводна линија во населба Речани со средства од 2,4 милиони денари обезбедени од ТАВ Македонија. Тој посочи и дека изградена е фекална канализација, шахти и приклучоци во населба Отовица во износ од 263 илјади денари, како и дека реконструирани се фекални канализации на улиците Страшо Пинџур, Никола Оровчанец, Илинденска, Јовче Ќучук и Орце Шутев, со вкупна вредност од 9,4 милиони денари. Негова заложба, посочи, е развојно планирање на градот поради што се потпишани два договори за соработка со Центар за развој на Вардарски плански регион во вкупна вредност од 16,4 милиони денари за асфалтирање на две улици во Индустриска зона УЗУС. Во постапка е и набавка на големо противпожарно возило за потребите на ТППЕ. Градоначалникот на општина Свети Николе Дејан Владев посочи дека за само 100 дена во Општината почната е реконструкција на училиштата, нови улици, бројни инфраструктурни проекти, а почнуваат со изградба на градинка во село Ерџелија. - Се насочивме кон реализација на нови активности и проекти кои се дел од предизборната програма и сето она што го ветивме на граѓаните. Во поглед на образованието и детската заштита, обезбедени се средства за реконструкција на тавански површини во ходниците и инсталација на подови во дел од училниците во ООУ “Кирил и Методиј” и реновирање на подови и електрична инсталација во ООУ “Гоце Делчев”. За нашите најмили сограѓани веќе се остварени сите услови за изградба на градинка во с. Ерџелија, и во тек се градежни активности. Набавени се нови креветчиња за најмалите во детската градинка „Рахилка Гонева” во Свети Николе, изјави Владев. Владев најави дека во 2022 година се планира реализација на нови улици. Градоначалникот на општина Лозово Бошко Цветковски посочи дека ја отвориле Општината за сите граѓани. - Обезбедивме таблети за учениците од прво до четврто одделение како и набавка на смарт табли со LCD проектори и интерактивни панели за потребите на наставниот кадар и учениците. Ги намаливме непродуктивните трошења, и досега немам потпишано ниту една сметка за репрезентација на товар на општината. Службените возила, денес се користат само за службени цели. Вработените во Јавното претпријатие ги добија сите заостанати плати, со што после подолг временски период имаат здравствено осигурување, рече Цветковски. Градоначалникот на општина Неготино Горан Стојанов истакна дека иако општината ја затекнал со долг од над 60 милиони денари по повеќе основи, во првите 100 дена новата локална власт успеала да отпочне и реализира 17 проекти кои се подобрува животот и функционирање на граѓаните на Неготино. - Реализирани се топ 3 проектите од мојата програма за работа: донесена е одлука и веќе се спроведува доделувањето на ваучери во вредност од 7.000 денари за секое новороденче во општина Неготино.  Економски развиена општина со нови стопански и индустриски капацитети со цел за отворање на нови работни места е основната цел на проектот „стимулација за инвеститори“ за што е изготвен и посебен правилник со критериуми. Проект „моја патрола“ со секојдневно присуство на вработени на терен и остварување непосреден контакт со граѓаните за побрзо и поефикасно решавање на нивните проблеми, изјави Стојанов. Тој посочи дека еден од првите проекти е општина Неготино без депонии при што комплетно се исчистени депониите кај Криволак, Тимјаник и Курија, а паралелно, како што рече, се преземаат мерки за спречување на појави на нови депонии, а покрај тоа се реализираат инфраструктурните проекти. Градоначалникот на Општина Каварадци Митко Јанчев истакна дека од првиот ден до сега неуморно работат за реализирање на планираните проекти. - Кавадарци веќе одамна отскокнува од другите општини во инфраструктурата, економскиот развој, туристичката понуда, но и стана општина во која се живее безбедно и квалитетно. Идните генерации веќе имаат одлични услови за образование а потоа и градење кариера и создавање семејства.   Ова е голем успех не само за мене, не само за Општина Кавадарци, најмногу за вас драги кавадарчани. Како и во претходниот мандат, заеднички создаваме за убаво Кавадарци, истакна Јанчев. Од покрупните досега реализирани проекти, Јанчев ги издвои изградбата на Градскиот зелен пазар, кој е во завршна фаза со кој ќе се добие лик на нов покриен современ зелен пазар со две нивоа за паркирање и едно ниво за продажба на свежи зелени производи, со кој ќе се обездат подобри услови како за продавачите така и за граѓаните. Додаде дека, паралелно ќе се обезбедат дополнителни паркинг места, како и изградба на двете сервисни улици со целосна инфраструктура. Градоначалникот на Општина Градско Киро Нацков посочи дека во Општината децата се приоритет број еден, и затоа обезбедиле бесплатна градинка за секое дете, бесплатен оброк за учениците од прво до четврто одделение и стипендии за најдобрите. - Во ова кратко време успеав да воспоставам динамика во работата, да ги елеминирам непотребните трошоци и заштедените финансии да ги пренасочам директно кон потребите на граѓаните, односно кон најмладите, кон учениците, социјално загрозените и лицата со инвалидност, рече Нацков. мс/бк/  

Остани поврзан