• понеделник, 23 декември 2024

Мицкоски: Ќе донесеме закон да нема увоз на тутун додека не се продаде и последниот лист домашен тутун

Мицкоски: Ќе донесеме закон да нема увоз на тутун додека не се продаде и последниот лист домашен тутун
Скопје, 29 јули 2021 (МИА) - Ќе донесеме закон за тутун со кој ќе се забрани увоз на тутун се додека не се откупи последниот лист домашен тутун со што ќе се врати достоинството и развојот на Прилеп, им порача на прилепчани претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на вечерашната трибина за промоција на политики „Македонија за сите луѓе“. - Нема да има тутунари кои нема да бидат задоволни затоа што првата работа што ќе ја направиме за нив е да донесеме закон со кој што ќе биде забранет увозот на тутунот додека тутунот кој што е непродаден не се продаде до последниот лист и тоа го ветувам овде во Прилеп, рече Мицкоски. Порача дека мотото и целта на ВМРО-ДПМНЕ е Прилеп повторно да стане најмоќен град во Пелагонија. - Стојам овде, одговорно ве гледам во очи и ви го ветувам тоа, нема веќе неправди, ќе има развој и ќе го вратиме достоинството заедно со идниот градоначалник на Прилеп, за Прилеп повторно да биде најмоќниот град во Пелагонија. Тоа е нашата цел и тоа е нашето мото, јас ви го ветувам тоа, порача Мицкоски. Најави дека ќе направат и автопат од Скопје до Прилеп преку Бабуна. - Денеска тука во Прилеп ќе имаме можност да го промовираме проектот кој што започна овде од Прилеп, а тоа е проектот изградба на ново автопатско решение Скопје Велес преку Бабуна, Прилеп, Битола, Меџитлија. Но исто така ќе зборуваме за концептот на целосно дигитализирана општина, рече Мицкоски. Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Владо Мисајловски за патот Прилеп – Градско кој се уште не е завршен рече дека е најголем белег за неспособноста на власта. - Претходната влада преводена од ВМРО-ДПМНЕ го потпиша договорот за изградба на овој пат, започна тогаш да се гради, дојдоа машините, имаше работници. Поминаа од тогаш скоро четири години можеби и повеќе, но патот тапка во место, нема ништо, појасни Мисајловски. Тој посочи дека ВМРО-ДПМНЕ ветува нови проекти, реални проекти со кои навистина животот на граѓаните ќе се подобри. - ВМРО-ДПМНЕ е позната по проекти, и ние тоа што ќе го ветиме ќе го исполниме. Зборуваме за гасификација, зборуваме за дигитализација, зборуваме како помалку да има ред во општината односно како помалку луѓето да чекаат ред и да бидат услужени веднаш први, да не чекаат многу, да има нормално работење, посочи Мисајловски. Кандидатот за градоначалник на Прилеп од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Борче Јовчевски истакна дека е подготвен во иднина да работи за сите оние кои го сакаат Прилеп. - Кога се согласив да бидам кандидат за градоначалник на нашиот град, прва идеја ми беше и во иднина да продолжам да работам со истиот ентузиазам и да придонесувам за сите кои го сакаат Прилеп, за сегашните и идните генерации. Сум имал можност да го напуштам градот, но тоа не одговара на мојот карактер. Моето мото е дека каменот си тежи на местото! Зарем има поубаво место за еден прилепчанец, од местото во кое се родил, низ чии улици пораснал, низ чии школски клупи другарувал, од местото во кое живеел и дејствувал? Јас сум сигурен дека нема, рече тој. Меѓу другото вети дека прва негова задача како градоначалник ќе биде да се направ ревизија на целокупното работење во минатите четири години на локалната самоуправа  и јавните претпријатија. вј/нд/  

Остани поврзан