• четврток, 26 декември 2024

Мицкоски: Скопје не е само град, тоа е душата на Македонија

Мицкоски: Скопје не е само град, тоа е душата на Македонија

Скопје, 12 ноември 2024 (МИА) - На 13 ноември Скопје извојува своја победа и таа победа е наша колективна гордост, наша заедничка инспирација. Овој ден сведочи и за солидарноста која овој град ја носи, но и поривот, длабоката желба и стремежот за слобода. На денот кога се сеќаваме на ослободувањето на Скопје стоиме обединети не само за да ја славиме нашата историја, туку и за да ја потврдиме нашата посветеност на иднината. Време е за нова страница и за зафаќање за решавање на клучните проблеми на Скопје. Ова е момент кога се подготвуваме за нови предизвици, со сила и верба дека ќе го направиме Скопје местото кое го заслужуваат сите наши граѓани, порача вечерва лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Христијан Мицкоски.

-Во предвечерието на 13 ноември, ќе кажам дека тоа е печат на нашата историја, сведоштво на храброста и на решителноста на нашиот народ да се бори за слобода и достоинство. Слободата која денес ја живееме неодминливо беше платена со жртви и човечки страдања, и ние таа ја извојувавме со сопствени сили и наспроти тенденцијата за прекројување на историските читанки и читањето на историјата во зависност од поединечните интереси, вистината е само една, единствена и неделива. Немаше администратори, туку окупатори, и таа историска борба не беше против одредени народи, ниту против одредени држави, туку против фашистички режим кој беше поразен од Европа и слободарските народи, меѓу кој беше и македонскиот. Затоа Скопје не е само град, тоа е душата на Македонија, срцето на нашата историја и симбол на нашата издржливост. Таа победа беше на нашиот народ и ние сега и сите генерации потоа, после нас имаат право да се повикуваат на придобивките од таа победа, рече Мицкоски на настанот организиран од Градскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ Скопје, по повод 80 години од ослободувањето на Скопје.

Оваа метропола, додаде, повеќе пати израснуваше од урнатини, ги минуваше своите најтемни ноќи и се издигна посилна од кога било. Повеќе пати изникнуваше од пепелта, го преживеа жарот на Пиколомини, земјотресот, поплавите. Но, Скопје е и град кој го даде Јустинијан, Мајка Тереза, многу познати уметници, музичари.

-И денес, со секој чекор што го правиме, го носиме тој дух на нашите предци, кој нè потсетува дека слободата никогаш не доаѓа лесно и дека за неа треба да се бориме. Нема откажување, нема невозможни работи силата е во вербата во идејата, и степенот на жртва кој може да се поднесе за нивно остварување. Денес, кога ја чествуваме слободата на Скопје, ја чествуваме и нашата одговорност кон иднината. Овој празник е завет дека ќе ја чуваме и унапредуваме оваа слобода, дека ќе се грижиме за нашиот град и за нашата татковина, посочи Мицкоски.

Нагласи дека има и такви кои цртаат замислени граници, подигаат завеси, робуваат на стереотипите, бараат лева и десна страна на градот, но, додаде, вистинските луѓе во реката Вардар не гледаат граница, туку точка на поврзување. 

-Во Камениот мост не гледаат поделеност, туку точка на заедништво, затоа што Скопје е едно и единствено кое не познава граници, кое ги надживува стереотипите, поделбите, ја замира омразата, и ја подигнува солидарноста. Во таков град јас израснав и во такви вредности јас верувам. И знам дека душата на градот не зависи од десетина луѓе кои се на позиции и кои го водат градот, туку од стотиците илјади останати кои живеат во него и се дел од нашето Скопје, рече Мицкоски.

Денес, додаде, Скопје се соочува со бројни предизвици. 

-Градот го води администрација далеку од можноста да одговори на потребите на граѓаните. Во моментите кога во дел од напредните градови во светот имаат подземни железници и метроа кои се движат со повеќе од 200 километри на час, во нашето Скопје е привилегија и бинго да ви дојде автобус со задоцнување помало од еден час. Да не говорам за тоа колку се потфрли во воспоставувањето на ред во сообраќајот или третирањето на отпадот или проблемот со кучињата скитници, кои неретко на туристите им изгледаат како некоја егзотична епизода на афричка сафари оаза, истакна Мицкоски.  

На Скопје, како што кажа, не му требаат експерименти, туку докажани луѓе и Скопје е уморно од големи приказни кои најчесно завршуваат како големи разочарувања.

-Време е за нова страница, за зафаќање за решавање на клучните проблеми на градот - загадувањето, организирањето на јавниот превоз, ставањето на ред во урбанизмот, поврзувањето и сообраќајот. На Скопје му е потребен човек кој докажал дека умее да работи, не му треба кадар кој ќе го пробуваме допрва дали ќе му тргне, туку човек кој ќе даде се од себе да ги решава проблемите. Човек со искуство, и реализирана личност. Кој го знае градот, кој има успешен живот, рече Мицкоски. 

Тука, порача, е и централната власт да помогне како што и помагаме на многу други општини од различни политички ориентации, кои досега побараа поддршка. 

-Скопје мора да заврти нов лист, и да имаме нов почеток. Мора да обезбедиме механизми идниот градоначалник да го вети и реализира ветеното и од тоа да нема отстапување. Со целата наша помош да изградиме сеопфатна програма која ќе ги реши горливите проблеми на скопјани - урбанизмот, сообраќајот, превозот, истото така и почист воздух. И верувам дека тоа заедно ќе го оствариме, рече Мицкоски.

Нагласи дека е свесен оти загадувањето е најгорливиот проблем на Скопје.

-Посебно сум разочаран од тоа што се дозволи децении и децении ништо да не се преземе на оваа тема. Ниту една акција, ниту една стратегија, ниту еден проект – само тишина и неодговорност гледаме од најодговорните во главниот град. Години наназад ова прашање се третираше со незаинтересираност и игнорирање, додека граѓаните ги чувствуваат последиците на своја кожа. Таквата пасивност се плаќа со здравјето на луѓето. И предупредувам дека оваа тема уште се политизира и тоа од оние кои уште на локалните избори во 2017 година ветуваа живот и чист воздух и потоа со прст не мрднаа, рече Мицкоски.

Посочи дека не постои едноставно ниту пак брзо решение за намалување на загадувањето.

-Клучот е во системското делување и во големите вложувања во заштита на животната средина кои ќе ги исклучат главните фактори на загадување. Во Скопје доминира чадот и штетните гасови, затоа што на некој со децении му одговара овој начин на затоплување и енергетска зависност од одредени горива од кои дебело профитираат поединци. Во таа насока во голема мера инвестициите во енергетиката треба да се насочат кон енергенси кои не загадуваат. Затоа денес сакам да објавам дека како Влада планираме големи системски мерки кои ќе придонесат за намалување на загаденоста на воздухот, спроведување на детален план чиј финиш ќе биде чист воздух и здрава животна средина, но и зголемена енергетска ефикасност, нагласи Мицкоски.

Порача дека стратешки инвестиции во гасни когенеративни централи треба да обезбедат топлинска енергија со значително и драстично намалување на загадувањето, а тоа, пак, ќе обезбеди и зголемена енергија која ќе се користи за развој на македонската економија. 

-Државата и владата за таа намена ќе даде значителни субвенции кои ќе ја поттикнат изградбата. Ветувам промени и активно работам тие да се случат што поскоро. Дотогаш, воведуваме строги ограничувања за најштетните извори на енергија и ќе ги контролираме најголемите индустриски загадувачи. Обезбедуваме субвенции за граѓаните и фирмите кои ќе користат чисти енергетски решенија. Ќе започнеме програма за масовно пошумување и засилено чистење на јавните простори. Ова се само почеток на мерки, бидејќи иднината на Скопје и на Македонија е во чистата и здрава околина. За ваквите чекори потребно е разбирање и заеднички напор и само така ќе успееме, посочи Мицкоски.вј/нд/

Фото: ВМРО-ДПМНЕ

 

Остани поврзан