• сабота, 16 ноември 2024

Мицкоски: Очекувам да се постигне консензус за претседателски и парламентарни избори во еден ден

Мицкоски: Очекувам да се постигне консензус за претседателски и парламентарни избори во еден ден

Ресен, 7 ноември 2023 (МИА) - Очекувам да надвладее разумот, очекувам да надвладеат државните интереси и во наредните недела до две, да се постигне консензус околу датумот за изборите на еден трошок, изјави претседателот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски од Ресен.

Лидерот на македонската опозиција Мицкоски предочи дека не треба граѓаните да се оптоваруваат со двојни трошоци, а по изборите да се дојде до влада избрана од народот. 

-Да не ги оптоваруваме граѓаните со двојни трошоци и да организираме претседателски, а на вториот круг од претседателските избори да има парламентарни избори за да ја прекратиме оваа агонија во Македонија, да дојде влада што ќе биде избрана од народот, влада која ќе се зафати со сериозни реформи и трансформација на Македонија во една навистина пристојна европска држава, истакна Мицкоски.

На новинарско прашање во врска со претседателскиот кандидат на опозицијата, Мицкоски рече дека делегатите на ВМРО-ДПМНЕ ќе го изберат најдоброто решение.

-Ние во минатото како политичка партија се покажавме дека имаме навистина широки погледи за тоа кои ќе бидат претседателски кандидати. ВМРО-ДПМНЕ има сериозна внатрешна процедура, ќе се организира изборна конвенција што е статутарна одредба, делегатите ќе го дадат своето мислење. Очекувам кандидати жени и мажи, а делегатите ќе го изберат најдоброто решение за Македонија, а потоа и за ВМРО ДПМНЕ, посочи Мицкоски.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христија Мицкоски очекува окрупнувањето на албанските опозициски партии да придонесе со нивни погледи кон 21 век, без да навлезат во, како што рече, играта на ДУИ.

- Секоја конкуренција на политичката сцена е добредојдена. Јас ценам дека албанските опозициски партии ќе понудат нешто што е визија за иднината, а не визија за минатото. Верувам дека ќе излезат од оваа игра која што ќе се обидува Али Ахмети и првенците на ДУИ да ја наметнат, а тоа е националиситичка и шовинистичка реторика. Верувам дека заеднички со граѓаните ќе гледаат напред кон 21 век за тоа како економски да ја развиваме Македонија, да биде со подобро образование, со подобри земјоделци, со пензионери кои ќе уживаат во своите пензионерски денови, со млади кои тука ќе ја гледаат својата иднина. Тоа е тоа што го очекувам од здружената опозиција, односно да не влегуваат во замката на ретроградните сили кои се во врвот на ДУИ обременети со тежок степен на криминал и сакаат да наметнат национализам и шовинизам својствени за 19 век, истакна првиот човек на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. мт/аа/

Фото: МИА

Остани поврзан