• понеделник, 23 декември 2024

Мицкоски: Овие избори се пресвртот каде треба да биде победена оваа реалност

Мицкоски: Овие избори се пресвртот каде треба да биде победена оваа реалност
27.08.2021 Почитувани пријатели, Драги велешани, да ви посакам добра вечер,  да му посакам на ВМРО-ДПМНЕ добра вечер и се разбира  добра вечер на победнички Велес Особена инспирација е да се биде во Велес, градот тврдина на културата и традицијата, срцето на нашата Македонија. Првенец во преродбата, во востанијата, и град со своја душа и племенита пркост. Велес, градот на големиот Рацин, местото каде се уште со особена почит се говори за Брашнаров, се раскажува за Миле Поп Јорданов, се пренесуваат пораките на Рајко Жинзифов. Градот на гемиџиите, место кое е богатство за нашата земја. Но, и без Велес Македонија ќе беше посиромашна, а нашиот народ ќе трагаше по она што денес го имаме пред нас, тешко спечалено, а тоа е богата култура, традиција, историја и завети кои не обврзуваат да се грижиме и да го развиваме Велес, нормално и нашата Македонија. Ова го зборувам за да ја предочам одговорноста која ќе ја има нашиот кандидат, но и иден градоначалник на Велес, Марко Колев. СО ова сакам да ја потенцирам важноста која ќе ја добие Велес и од централната власт веднаш по падот на оваа влада, важност која сега гледаме дека во целост отсуствува. Често пати изминативе денови ме прашуваат зошто пишуваш писма и пред секој настан им ги соопштуваш на кандидатите за градоначалници, но и идни градоначалници. Одговорот е за да има трага. За да биде напишано и народот точно да знае на која страна сме и за што се бориме и што да очекува од нас. Затоа што народот е изгорен од политичари кои ветуваат се и сешто, а потоа не исполнуваат. Изгорени се луѓето од политиката затоа што ја направија арена на нечесни и задкулисни игри. На неспособност и црни пари кои завршуваат кај новопечени богаташи кои не се, а за жал се преставуваат за некаква елита. Затоа овие избори се пресвртот каде треба да биде победена оваа реалност и да се сврти еден нов лист за нов почеток, не само во Велес, туку и низ цела Македонија. Писмото кое сакам да му го порачам на идниот градоначалник на Велес Марко Колев, а тоа писмо е одговор на се она што денес не е Велес. 1. Од првиот ден да се зафатиш со реализација на ветеното пред граѓаните. Првите проекти да не ти бидат минорни и безначајни, туку да се зафатиш со најважните и најголемите. Нема повеќе време за губење. Денес Велес е во опасен застој. Локалната и Централната власт во целост го запостави развојот на градот. А општината како и да нема градоначалник. 2. Слушам вечниот кандидат за градоначалник и актуелен градоначалник ќе биде заменет со неговиот вечен заменик, поранешен носител на советничка листа, претседател на совет, а во последните две години и пратеник. Како да се барале меѓусебно. Збор немаат проговорено за Велес ниту пак во јавноста се познати по нешто добро што издејствувале и направиле за Велес. Затоа Марко, очекувам да се бориш за Велес, силно да лобираш за големи проекти за Велес, за секоја потреба на велешани силно да инсистираш да се реши. Народот мора да биде заштитен од својот градоначалник и да знае дека има човек од кој може да побара помош во секое време и за секое прашање. Заедно ќе се бориме Марко, а Велес го чекаат подобри времиња. 3. Марко заборави на твојата канцеларија. Кожната фотелја не смее да биде местото за одмор на функционерите, како што е сега. Твоето место е низ населените места, улиците, маалата, парковите, меѓу народот. Да решиш што е можно повеќе проблеми. Не како што е сега. Салонските и хотелски политики какви сега гледаме од власта се добри само за нивните џебови, но лоши  се за народот. Градоначалниците прераснаа во локални богови, недостапни за народот. Ќе ги видиш на скапи спотови, но меѓу народот се само кога минуваат со службените автомобили кои се скапо платени од народот. На тоа мора да се стави крај. 4. ДУП-овите и ГУП-овите треба да се прилагодуваат според потребите на градот и општината, тие да одговорат на барањата на граѓаните, стопанството, а не да се обликуваат  по партиски штабови, да се задоволуваат потреби на новопечените бизнисмени. Така нема локален развој. Така има развој на урбана мафија која завршува со бетонизација. Потребни се урбанистички планови кои ќе го гарантираат квалитетниот живот на граѓаните, со доволно зеленило, за задоволни граѓани, за еколошки и поврзан град. Никогаш повеќе да не се повторуваат грешките од минатото, каде цел град беше заложник на неконтролираното уништување на животната средина. 5. Млад си Марко и неизвалкан со политика и скандали, и тоа ти е голема предност и таков да останеш до крајот. На Велес и Македонија им е преку глава од ликови кои 30 години се во политиката, и се прагматични искористувачи на државите придобивки. Тоа што ти треба Марко да го направиш, е  да ја почитуваш маката на граѓаните која што е навистина голема и секој еден денат кој навистина го сработуваат е навистина тежок Твојата младост надополни ја со енергија, но и опкружи се со искусни, чесни и честити луѓе. 6. Немој да се заглавуваш во минатото, обезбеди ја иднината. Велес заслужува да се развива во модерен и современ град. Донеси ги современите трендови тука во Велес. Не се занимавај со рушење туку со создавање. Тоа е она што ќе донесе подобар живот. 7. Марко бори се за младите да останат тука во Велес, јас имав плејада студенти од Велес, паметни деца кои за жал дел од нив не се веќе во Македонија, често пати разменуваме по некој мејл. Затоа твојата цел гледај  да биде тие деца да ги вратиме дома, бидејќи дома тежи каменот. Иселувањето е проблем и во градовите и селата, а младите се иселуваат поради недостаток на финансиски средства пред се, ама и не само поради тоа. Туку на луѓето им е згадено од поделби, политичари кои лажат и од чекање, чекање на некаква иднина која никогаш не доаѓа. Затоа Марко да создадеме заеднички иднина. 8. Поделбите мора да престанат. Власта го дели народот на тие кои биле за вакцинирање и тие кои биле против, на партии на власт и опозиција, на анти европски расположени и европски расположени, сето тоа се глупости и невистини Твојата задача ќе биде да не се однесуваш така. Избегнувај ги конфликтите и обедини ги велешани. Тоа е целта, да ги обединиш велешани. Да бидеш човекот кој ќе остави трага на обединување. 9. Најважно, држи до зборот. Дадениот збор е твоја обврска, а ако не го исполниш тогаш ќе разочараш многумина, па и мене, но знам дека тоа нема да го направиш. Направи разлика со овие од власта кои секојдневно лажат, биди разликата која му треба на Велес. Кога ќе вети човек го заложува својот образ, а тој ако се извалка макар и еднаш, тогаш нема враќање. Затоа мери добро што е ветуваш, а кога ќе ветиш тогаш знај дека нема назад, мора тоа да го исполниш. 10. Марко, Власта ветуваше живот, и гледаме како тоа завршува во едно големо фијаско. Тие ветуваа живот, а јас ќе речам животот нема реприза и враќање и затоа мора да се сменат тие кои разочараа. Народот нема време за трошење ниту секунда повеќе, затоа Марко излези и победи, потребни се реформи. Драги пријатели, Марко Колев успешно раководеше со скромните ресурси кои ги имаше на располагање со Вардарскиот плански регион. Колку што можеше помагаше и успеа да реши многу проблеми, покажа дека знае, умее и може. Тој можеше да седи од страна и да обезбеди егзистенција било каде. Но, одлучи да остане во Велес и да се бори за својот град заедно со вас. Затоа заеднички да се избориме за Велес. Потребни се промени, нова сила, нов почеток кој ќе гарантира развој. Ќе докаже Марко дека Велес за сите луѓе, Македонија за сите луѓе. Сите знаеме како, ќе покажеме како. Да сте живи и здрави Да живее Велес Да живее Македонија Говорник: Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ   Центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ _____________________________________________________________ МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешка

Остани поврзан