• понеделник, 23 декември 2024

Мицкоски и Трипуноски во Прилепскиот комбинат: Повеќе внимание на развојот и инвестициите, сѐ е подготвено за откупот на тутунот

Мицкоски и Трипуноски во Прилепскиот комбинат: Повеќе внимание на развојот и инвестициите, сѐ е подготвено за откупот на тутунот

Прилеп, 11 ноември 2024 (МИА) - Состојбата во прилепскиот Тутунски комбинат очигледно е консолидирана и очекувам во годините кои следат повеќе внимание да посветиме на развојот, на нови инвестиции, на зголемување на производството и пласманот на повеќе пазари, рече премиерот Христијан Мицковски при денешната посета на Фабриката за цигари во прилепскиот Тутунски комбинат. Мицкоски очекува производството да се најде на двојно повеќе странски пазари од досегашните девет.

-Состојбата од тоа што можев да видам е консолидирана и очекувам во годините коишто следат повеќе внимание да посветиме на развојот, на нови инвестиции, на зголемување на производството зошто да не, овие девет пазари да не бидат 18 пазари за некоја година од денеска. Тоа е она на коешто сите ние треба заедно да работиме и тоа е она за коешто оваа Влада ќе даде безусловна поддршка и очекувам овие услови да бидат дел од нашата заедничка соработка и во иднина. Многу е направено и многу е постигнато во овие години, состојбата е консолидирана, ајде сега сите заедно да работиме на развојот, тоа е она што е наш приоритет, изјави Мицкоски.

Според генералниот менаџер на „Филип Морис Тутунски комбинат Прилеп“, Иван Костиќ, се очекува досегашната 10 годишна стратешка соработка да се зголеми во наредниот период.

-Денеска говориме за компанија која веќе пет години бележи добри резултати. Од друга страна, фирмата која заеднички ја основавме, „Филип Морис ТКП“  исто така, бележи одлични резултати и на македонскиот буџет му придонесува прилив од преку 120 милиони евра годишно.  Во производствениот погон за цигари го видовме вложувањето од последните две години од 7 милиони евра во нови производни капацитети и во модернизацијата на машините што овозможува зголемување на производството на цигари, не само за домашниот, туку и за странскиот пазар. Така, за минатата година може да кажеме дека извезуваме на 9 пазари во странство и најбитно е што се пазари во Европската Унија. Битно е зашто регулативата за следењето на акцизната стока е многу ригорозна. ВО последните две години производството во Фабриката за цигари е зголемено за преку 60 проценти и плановите се вака да се продолжи, рече Костиќ.

Што се однесува до претстојниот откуп на тутунот, Комбинатот е подготвен во законскиот рок, од 15 ноември, па се до крајниот 15 декември  да го откупио договореното производство на тутун.

-Подготвени сме да го преземеме договореното количество тутун. Имаме подготвено 26 откупни пункта што непречено може да го започнат откупот на тутунот секој момент, рече Александар Алексоски, директор на прилепскиот Тутунски комбинат.

Законскиот рок за почеток на откупот на тутунот во земјава е од 15 ноември, па се до 15 декември. Тутун ќе откупуваат 10 компании кои побаруваат 26 000 тони, а производството годинава е на околу 17 000 тони тутун.

-Согласно податоците кои ги има Министерството преку електронскиот систем за евиденција на тутун ИСЕТ, оваа година се склучени договори за 26.000 тони тутун. Опфатени се околу 16.800 земјоделски стопанства“, појасни министерот. Оваа година се очекува над 10 проценти поголема берба од минатогодишната. Очекуваме дека ќе има одличен квалитет на тутунот, пријавени се 298 пунктови ширум Македонија, односно 305 пријавени ваги кои ќе функционираат наредниот период. Законскиот рок за почеток на откуп е 15-ти ноември, со оглед на тоа дека паѓа петок, најраниот рок за почеток е 18-ти ноември. А, најдоцна, согласно Законот за тутун и тутунски производи, е 15-ти декември, изјави министерот за земјходелство Цветан Трипуновски.

На прашањето за повисоки откупни цени на родот што бараат тутунарите, Трипуноски рече дека на првата потсекторска група за тутун се разговарало за почетокот на откуп на тутун, за квалитетот, за паритетот кој се очекува оваа година. Во фаза на преговарање се дел од законските измени кои ќе важат веќе за наредната година.

-Во делот на цените кои се по класи, тие се дефинирани со самото склучување на договорите. Првата класа е 375 денари, втората е 300, третата е 240 и дополнителната е 115 денари. Она што јас можам да го ветам како министер е дека заедно со Земјоделскиот инспекторат како надлежна институција во делот на контролата и следливоста на откупот на тутун ќе бидеме максимално фокусирани затоа што навистина на земјоделците треба вистински да им се вреднува трудот и, нормално, да биде исплатено. Како новина, знаете дека оваа година во делот на дополнителната поддршка се воведува исплата по единица површина, односно дополнителни 6 000 денари за единица хектар којшто ќе го добие секој тутунар којшто го пријавил своето производство од реколтата од 2024 година, рече министерот за земјоделство.

Субвенциите остануваат како и досега, за првата категорија 80, втората 70, третата 60 денари за килограм предаден тутун. ем/вг/

Фото: Влада

 

Остани поврзан