• недела, 05 мај 2024

Мицкоски: Да избереме нова иднина - промени, проекти, победи, развој и просперитет

Мицкоски: Да избереме нова иднина - промени, проекти, победи, развој и просперитет
Скопје, 3 октомври 2021 (МИА) - Ова се избори на кои одлучуваме во каков правец ќе продолжи да се движи државата - дали ќе продолжиме со ова мачно и тешко секојдневие со многу корупција, криминал и неправди или ќе избереме сосема спротивна насока на нова иднина, промени, проекти, победи, развој и просперитет, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на вечерашниот митинг во Кисела Вода. Мицкоски изнесе низа обвинувања за актуелната власт, оценувајќи дека земјава денес е најкорумпирана и најкриминална држава во Европа. Ни требаат, нагласи, нови политичари. -Неопходно ни е ново владино и парламентарно мнозинство, а јас ви ветувам одговорност за направеното во изминатите четири години. Потрошија 16 милијарди евра, ветуваа автопати, 500-600 километри експресни патишта, дека ќе ги донесат „Гугл“ и „Икеа“, секое семејство го задолжија за 4.500 евра, а посленди сме во Европа, младите се селат како никогаш претходно. Ветуваа европско здравство, а добивме смртност како во неразвиените африкански држави. Тоа нема да го заборавиме. Казната ќе стигне на 17 октомври, порача Мицкоски. Осврнувајќи се на Кисела Вода, лидерот на ВМРО-ДМНЕ подвлече дека нејзините жители заслужуваат достоинствен живот. -Време е за победа, а тоа значи да се извиниме кога ќе згрешиме, да се почитуваме кога сме различни, да создадеме вредности и принципи, да има одговорност кога треба, да создаваме, да работиме и да одиме напред. Победа е да влеземе во ЕУ, младите да имаат европско образование, да патуваат, но повторно да се враќаат тука. Да изградиме нов, современ патриотизам, на 21-от век, кој сите ќе не обединува и ќе ја победи нашата заедничка мака, ќе создаде наша заедничка иднина, рече Мицкоски. Тој најави многу проекти и ги повика жителите да гласаат за Орце Ѓорѓиевски, како и за Данела Арсовска. -Дали ќе покажете дека сте незадоволни, зависи само од вас. Искористете ја шансата. Нашата порака до вас е да бидете силни. Верувајте во себе, создадете нова иднина - на проекти, промени и победи, рече Мицкоски. ВМРО-ДПМНЕ својата предизборна програма претходно ја претстави во Куманово и во скопската општина Карпош. мч/дма/  

Остани поврзан