• понеделник, 23 декември 2024

Мицкоски: Владата да ги триплира парите за спас на Преспанското Езеро

Мицкоски: Владата да ги триплира парите за спас на Преспанското Езеро
Ресен, 18 мај 2022 (МИА) - Сакам да упатам порака до министрите за животна средина и за финансии, кои што доаѓаат од партијата која што на моменти кога ќе ги напушти националистичките позиции на делење, промовира и зелени проекти, односно зелена агенда, да не ги кратат наменските средства наменети за спас на Преспанското Езеро, туку напротив да ги стимулираат, бидејќи Ресен е мултиетнички град, изјави денеска во Ресен, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. - Овде има мнозинство Македонци, но живеат и Албанци, Турци и останати и треба сите заедно да се бориме и да го спасиме Ресен. А бидејќи тие доаѓаат од партијата која што не така одамна промовираше зелена агенда еве им шанса, еве им можност да се покажат и докажат дека на моменти кога тоа е потребно од лични интереси нема да го злоупотребуваат, туку навистина ќе помогнат да се зачува овој бисер, ова Преспанско Езеро и наместо да ги скратат тие средства кои што во моментот се на наменската сметка да ги дуплираат, а зошто да не и триплираат. И сите заедно, Владата и градот да поработат на спас на Преспанското Езеро, истакна Мицкоски. Во однос на проектите што се реализираат по општините, Мицкоски нагласи дека тие не се ниту на СДСМ, ниту на ВМРО-ДПМНЕ, туку се проекти на народот. - ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи да ги реализира проектите кои што се важни за народот, и кои што треба да му овозможат на народот подобар комфор и подобри услови за живеење, додаде Мицкоски, кој заедно со градоначалникот на општина Ресен Јован Тозиевски изврши увид на градежните активности на улицата „Илинденска“. Тозиевски истакна дека станува збор за инвестиција од 5,5 милиони денари, која опфаќа реконструкција на улица, атмосферска канализација и нови водоводни приклучоци во должина од 220 метри. - Потоа продолжуваме на поставување на нова водоводна линија на улицата „Никола Вапцаров“ и продолжуваме со пуштање на еден од најголемите проекти во овој момент и нова туристичка атракција во Преспа, проектот на патеките на Светите води која ги поврзува манастирите од преспанскиот крст до манастирот во Сливница во должина од 12 километри, додаде ресенскиот градоначалник. Тој најави дека сето тоа ќе биде изградено со природни материјали, со видиковци осветлени со фотоволтаични сијалици. - Замислете да возите по Пелистер и да го гледате на дланка Преспанското Езеро и во најкраток рок, па и за оваа сезона таа ќе биде готова и пуштена во употреба за туристите, додаде Тозиевски. сп/

Остани поврзан