Мицкоски: Буџетот за субвенционирање на авиолетови годинава е зголемен, резултатите се гледаат во зголемениот број на странски туристи
- Премиерот Христијан Мицкоски е задоволен од отворањето на новите авио линии, а резултатите од субвенционирањето, според него се гледаат и во зголемениот број на странски туристи во првите пет месеци од годинава.
Скопје, 4 август 2025 (МИА) - Премиерот Христијан Мицкоски е задоволен од отворањето на новите авио линии, а резултатите од субвенционирањето, според него се гледаат и во зголемениот број на странски туристи во првите пет месеци од годинава.
Одговорајќи на новинарски прашања по денешниот почеток на изградба на спортска сала во Воената академија, Мицкоски посочи дека буџетот за субвенционирање е зголемен на 250-260 милиони денари.
-Впрочем, резултатите се гледаат и во секторот туризам. Имаме зголемен број на странски туристи за 20 проценти во првите пет месеци од годинава. Ова се субвенции на доаѓање на тие летови и во таа насока ќе продолжиме и во периодот којшто следи, рече Мицкоски.
Воведени се нови пет авиолинии од скопскиот аеродром или вкупно 16 откако е избрана Владата.
Со „Визер“ од ноември од Скопје ќе се лета до Мадрид и Стокхолм, а од декември до Прага, Бари и Келн, а се воведува и претходно најавената линија до Ларнака, Кипар.
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски на почетокот на месецов изјави дека очекува за брзо време да има објава за нови авио линии, нагласувајќи дека се преговара главно за поврзување преку Охридскиот аеродром. бак/вг/
Фото: МИА архива