• понеделник, 23 декември 2024

Мицкоски бара да почне примената на Законот за здруженија

Мицкоски бара да почне примената на Законот за здруженија

Скопје, 9 ноември 2022 (МИА) - Законот за здруженија треба да почне да се применува, побара денеска лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање за најавата на министерот за надворешни работи, Бујар Османи дека законот ќе го прати на оценување во Венецијанската комисија.

-ВМРО-ДПМНЕ предложи закон во Парламентот, тој закон помина, тој закон е изгласан и тој закон треба да почне час поскоро да се применува, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, рече Мицкоски.

Ако власта не знае како да почне да го применува, тој предлага да почне со бугарскиот клуб во Охрид.

-Уште утре да го затворат клубот „Цар Борис“ во Охрид и да се укине регистрацијата на тој клуб, бидејќи тој клуб, очигледно и јасно ни е на сите, носи име на фашистички соработник. Односно, на бидам попрецизен, нацистички соработник, за време на Втората светска војна, рече Мицкоски.

За министерот за надворешни работи Бујар Османи рече дека во последниот период континуирано работи против интересите на македонскиот народ, a  дипломатијата ја сфаќа како задоволување на интересите на сите.

-Тоа е истиот оној Бујар Османи кој што во изминатиот период, континуирано работи спротивно на интересите на македонскиот народ и на државата и го заплетка процесот. Го заплетка процесот со своите егзибиции на меѓународна политика, затоа што тој, дипломатијата ја сфаќа да се удоволуваат интересите на сите, а да се загрозуваат интересите на македонскиот народ. И тоа погрешно поимање на политиката, тоа е погрешно поимање на дипломатијата, истакна Мицкоски кој денеска беше во посета на Зелениково. ев/ац/

Остани поврзан