• петок, 22 ноември 2024

Михајловиќ за изјавата на Лавров: Одлуката на Србија да не воведе санкции кон Русија не е поддршка за напад на Украина

Михајловиќ за изјавата на Лавров: Одлуката на Србија да не воведе санкции кон Русија не е поддршка за напад на Украина
Белград, 24 август 2022 (МИА) - Вицепремиерката на Владата на Србија, Зорана Михајловиќ денеска изјави дека Сергеј Лавров, министерот за надворешни работи на Руската Федерација, со своите изјави го злоупотребува фактот што Србија не воведе санкции кон Русија, обидувајќи се да покаже дека Србија го поддржува рускиот напад врз Украина, иако Србија јасно се одреди против тој конфликт гласајќи за резолуцијата на ОН со која се осудува војната, јави дописникот на МИА од Белград. - Србија јасно се определи за војната во Украина, а со тоа што не воведовме санкции кон Русија, како што тоа го направи цела Европа, покажува дека води самостојна и независна политика. Наместо да ја почитува нашата одлука за невоведување санкции, и покрај притисоците со кои се соочуваме, Лавров го злоупотребува тој факт претставувајќи го како наша поддршка за руската страна во конфликтот, со што врши дополнителен притисок врз претседателот Александар Вучиќ и Владата на Србија. Иако зборува за пријателството меѓу двете земји, со ваквото однесување на дело го покажува спротивното, изјави Михајловиќ. Како што се наведува во писменото соопштение од нејзиниот кабинет, таа нагласи дека Србија води самостојна и независна политика исклучиво во интерес на нејзините граѓани. - Политиката на Владата и на претседателот Вучиќ се зачувување на мирот и стабилноста, регионалната соработка и пристапувањето во ЕУ. Сè што не придонесува за овие цели, вклучително и она што го кажува господинот Александар Вулин, нема никаква врска со оваа политика, заклучи Михајловиќ. Министерот за внатрешни работи на Србија, Александар Вулин, ги отфрли денешните критики на вицепремиерката и министерка за рударство и енергетика Зорана Михајловиќ за неговите разговори со руските претставници во Москва, наведувајќи дека за „пријателите" на Србија не може да зборува некој што ја поддржал резолуцијата на Велика Британија од 2015 година за Србите како „геноциден народ". Во писмената изјава Вулин оцени дека рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров „сигурно е многу повеќе пријател на Србија отколку оние кои бараат од нас да ја признаеме лажната држава Косово или оние кои мислат дека наш интерес е да воведеме санкции кон Русија, да останеме без гас, но и без најдоследниот пријател во меѓународната заедница. об/паг/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан