• понеделник, 23 декември 2024

Митаракис: Случајот со спасените 92 мигранти е соодветна можност одново да се разгледа ставот на Турција

Митаракис: Случајот со спасените 92 мигранти е соодветна можност одново да се разгледа ставот на Турција
Атина, 20 октомври 2022 (МИА) –  Случајот со групата 92 мигранти кои минатата седмица беа пронајдени голи во близина на Еврос на границата со Турција и спасени од грчките власти, според министерот за миграција и азил на Грција Нотис Митаракис е соодветна можност одново да се разгледа ставот на Турција во мигрантското прашање, бидејќи потребно е да постои „правилна соработка на Европската унија со Турција“, јави дописничката на МИА од Атина. Во интервјуто за грчката телевизија ЕРТ, Митаракис објасни дека спасените мигранти се сместени во центарот за регистрација и идентификација кај Еврос, а во продолжение ќе бидат разгледани нивните барања за меѓународна заштита. Оние кои имаат право на заштита, ќе добијат азил, а во спротивно, ќе бидат депортирани од Грција. Порача дека Турција треба да ги почитува обврските и да соработува со ЕУ во мигрантското прашање. -Турција има две основни обврски врз основа на Заедничката декларација со ЕУ од 2016. Од една страна, да ги ограничи мигрантските бранови, а од друга страна, да прифаќа враќање на мигранти. Првата обврска, понекогаш ја спроведува, а понекогаш не, како на пример кога дозволува турските рибарски чамци да ги придружуваат чамците со мигранти во тешки услови, како што се случи на пример во бродоломот кај Лезбос, рече Митаракис. Додаде дека минатата година околу 12.000 мигранти од Турција се упатиле кон Италија, што „значи дека 90 отсто од брановите од Турција се префрлија кон Италија“.ср/сд/

Остани поврзан