Минчев: Јавната администрација мора да се темели на знаење, стандард и визија
- Верувам и се залагам за институции што се отпорни на клиентелизам и нефункционалност. Соработката со професионалци како Вас, кои работат без политичка агенда, е клучна за јавна администрација што ќе служи на граѓаните, а не на партиите, истакнал министерот за јавна администрација, Горан Минчев, во неговото обраќање на денешната тркалезна маса по повод одбележувањето на 25-годишнината од основањето на Асоцијацијата на менаџмент консултантите на Македонија – МКА 2000.
Скопје, 30 мај 2025 (МИА) - Верувам и се залагам за институции што се отпорни на клиентелизам и нефункционалност. Соработката со професионалци како Вас, кои работат без политичка агенда, е клучна за јавна администрација што ќе служи на граѓаните, а не на партиите, истакнал министерот за јавна администрација, Горан Минчев, во неговото обраќање на денешната тркалезна маса по повод одбележувањето на 25-годишнината од основањето на Асоцијацијата на менаџмент консултантите на Македонија – МКА 2000.

На тркалезната маса што се одржала во Скопје, а на која присуствувале претставници од ЕУ Делегација, од јавниот и приватниот сектор, CMC лиценцирани консултанти, партнери и соработници, министерот Минчев укажал на значајната улога на професионалните консултанти во унапредување на квалитетот на јавните политики и управување со реформите, потенцирајќи дека вистинските реформи не се спроведуваат со декларации, туку со знаење, со поддршка од експерти и со градење систем кој се темели на професионализам, а не на политика.
Тој во обраќањето ги најавил идните активности на Министерството, меѓу кои ревидирање на Стратегијата за јавна администрација со фокус на отчетност, дигитализација и професионално управување со човечки ресурси, усогласување на стандардите за јавни набавки на консултантски услуги, каде CMC сертификацијата ќе биде признаена како гаранција за квалитет, примена на алатки за самопроценка како CAF за надворешна евалуација на институциите и вклучување на теренски експерти во развој на стратешки документи и апликации за фондови.

- Да го промениме начинот на кој размислуваме за јавната администрација – од трошок во ресурс, од бирократија во сервис, од формалност во функционалност, е повикот што го упатил Минчев за ново партнерство помеѓу јавниот и приватниот сектор.
Министерството за јавна администрација, како што посочил Минчев, останува отворен и активен партнер во креирањето на поефикасни и отчетни институции, нагласувајќи дека со партнерство, стручност и визија, Македонија може и мора подобро.
На тркалезната маса се одржала и панел дискусија посветена на темите на ефикасно управување, консултантски стандарди и идни перспективи за јавната администрација во Македонија. цр/
Фото: Министерство за јавна администрација