• петок, 22 ноември 2024

Минчев: Спроведување на проектот SEBCoVE нуди можност за подобрување на стандардите на јавниот сектор

Минчев: Спроведување на проектот SEBCoVE нуди можност за подобрување на стандардите на јавниот сектор

Скопје, 27 август 2024 (МИА) - Министерот за јавна администрација Горан Минчев, денеска учествуваше на првата панел-дискусија „Трипартитна соработка за знаења во зелена и дигитална транзиција“, во организација на партнерските организации на проектот, Центарот за развој на Југоисточен плански регион, Сојузот на Стопански комори на Македонија и Емкице КИЦ, која се одржа во Стар Дојран.

Панел-дискусијата е во рамките на проектот SEBCoVE – Smart Electricity for Buildings, поддржан од Европската Комисија.

- За Министерството за јавна администрација, спроведувањето на проектот SEBCoVE нуди можност за подобрување на стандардите на јавниот сектор преку интегрирање на нови, напредни компетенции во обуката и образованието на работниците. Ова ќе овозможи усогласување со барањата на пазарот на трудот, поддржувајќи ја дигиталната и зелена транзиција, истакна Минчев.

Министерството за јавната администрација, посочи Минчев, како клучен партнер, има значајна улога во овој процес преку обезбедување на инфраструктура и политика која овозможува успешна имплементација на проекти од оваа област.

- Еден од нашите приоритети е целосна поддршка на процесот на едукација и обука на јавната администрација. Обуката на нашите вработени е критична за успешно управување со новите дигитални алатки и решенија. Ние ќе се фокусираме на организирање квалитетни и ефективни обуки кои ќе овозможат вработените во јавниот сектор да бидат подготвени за предизвиците кои ќе произлезат од дигиталната ера, рече министерот за јавна администрација.

Тој нагласи дека министерството ќе работи во создавање на партнерства со меѓународниот, невладиниот, граѓанскиот сектор како и со академската заедница за спроведување на проекти кои ќе придонесат за раст и развој за создавање нови можности во нашата држава.

- Вложувањето во дигиталната и зелена транзиција не е само инвестиција во технологија, туку и инвестиција во иднината на граѓаните на нашата држава, подвлече Минчев. ир/aa/


Фото: Министерство за јавна администрација

Остани поврзан