• вторник, 05 ноември 2024

Министрите Шаленберг, Логар и Кулханек, во посета на Тирана

Министрите Шаленберг, Логар и Кулханек, во посета на Тирана
Тирана, 23 мај 2021 (МИА) - Министрите за надворешни работи на Австрија, Александер Шаленберг, на Словенија, Анже Логар и на Чешка, Јакуб Кулханек, по вчерашната посета на Скопје, попладнево престојваат во Тирана. На заедничката прес-конференција, по средбата со албанската министерка за Европа и надворешни работи Олта Џачка, таа изјави дека посетата на нејзините колеги во Тирана е показател за нивната поддршка и за земјите што ги претставуваат, кон членството на Албанија во ЕУ. - Албанија помина долг и тежок пат да ги исполни условите и барањата, надминувајќи многу предизвици. Иако минатата година беше исклучително тешка, успеавме да направиме значителен напредок во реформата на правосудниот систем, во борбата против организираниот криминал и корупцијата, во проширувањето на перспективата и правната рамка на основните човекови права и конечно успеавме да развиеме транспарентен изборен процес, за приближување на Албанија до нејзината крајна цел, членство во ЕУ, истакна Џачка. Австрискиот министер Шаленберг оцени дека Албанија е подготвена да ги почне преговорите во јуни и оти нема причина за одложувања. - Многу сум среќен што сум во Тирана. Ова е силна европска порака, силна порака за поддршка, симпатии и соседство. Кога сите шест земји од Западен Балкан ќе станат дел од ЕУ, ќе ја оствариме визијата за континентот по Втората светска војна. Албанија е подготвена да ги почне преговорите, нема причина за одложувања. Ова е процес што конечно мора да започне. Ние ќе застанеме покрај вас денес и во иднина, наведе Шаленберг. Тој додаде дека ЕУ нема да и сврти грб на Албанија и ќе помогне со вакцините за да се спречи Ковид-19. - Вие сте поблиску до нас соседски, политички, но и човечки. Ќе пристигнат и други вакцини, ЕУ нема да ви сврти грб, нема да ве напушти, ќе застанеме покрај вас во оваа пандемија и во наредниот период, истакна Шаленберг. Шефот на чешката дипломатија Кулханек посебно ги посочи постигнувањата на земјата во правосудната реформа и борбата против корупцијата и органзираниот кримнал. Според словенечкиот министер Логар Албанија ја исполнила својата задача, сега на ред е ЕУ, која мора да ги испочитува своите зборови, за што е вистинско време.Тој вети дека како следен претседавач со ЕУ, Словенија, која е силен подржувач на процесот на проширување со земјите од Западен Балкан, ќе биде активен соговорник и поддржувач на Албанија. Тројцата министри ќе остварат средби со шефот на државата Илир Мета и со премиерот Еди Рама. вт/ми/

Остани поврзан