• сабота, 23 ноември 2024

Министрите за одбрана Шекеринска и Акар во Истанбул потпишаа Договор за воено-финансиска соработка   

Министрите за одбрана Шекеринска и Акар во Истанбул потпишаа Договор за воено-финансиска соработка   
Скопје, 17 август 2021 (МИА) - Во Истанбул денеска министерката за одбрана Радмила Шекеринска и министерот за национална одбрана на Турција, Хулуси Акар потпишаа петгодишен Договор за воено-финансиска соработа и протокол за негова имплементација, зад кои стојат владите на двете држави. Како што соопштија од МО, Договорот предвидува фазна алокација на средства на годишно ниво, кои од наша страна ќе бидат користени за модернизирање на армиските капацитети и јакнење на борбената готовност. - Северна Македонија и Турција не се само стратешки партнери, туку и пријатели кои високо се почитуваат и соработуваат близу три децении, без ниту една дамка во односите, рекла министерката Шекеринска, стои во соопштението. Договорот за воено-финансиска соработка, нагласила таа, е уште една потврда за пријателството и соработката зацврстени и со НАТО сојузништвото, и ќе биде од огромна помош за унапредувањето на стандардите и борбената готовност на Армијата на Република Северна Македонија како 30-та НАТО членка. Министерот Акар истакнувајќи го задоволството од потпишувањето на Договорот, потенцирал дека очекува брза и успешна имплементација. Двајцата министри се осврнале и на климатските непогоди, ситуацијата со пожарите во двете земји и поплавите во Турција кои зедоа човечки жртви и изразиле жалење за претрпените штети, истакнувајќи ја важноста на климатските промени и потребата да се изнајдат решенија кои ќе ги ублажат последиците. Шекеринска пред турскиот министер ја посочила високата посветеност на нашата Армија во гасењето на пожарите. - Ваквите природни непогоди кои го зафатија речиси целиот регион веќе прераснуваат во безбедносно прашање на кое треба да ги прилагодиме одбранбените политики и треба да изнајдеме одржливи решенија, рекла министерката. Република Турција е ценет партнер и пријател на Северна Македонија уште од времето на независноста, се наведува во соопштението од МО. Двете земји заеднички учествуваа во НАТО мисијата „Одлучна поддршка“ во Авганистан. Во рамки на SEDM иницијативата, Северна Македонија и Турција соработуваат и во Бригадата на Југоисточна Европа SEEBRIG чиј домаќин во моментов е нашата земја. цр/мд/

Остани поврзан