• понеделник, 23 декември 2024

Министерски форум во Дубровник за влијанието на пандемијата

Министерски форум во Дубровник за влијанието на пандемијата

Дубровник, 5 јули 2021 (МИА) - Форумот во Дубровник, што ќе се одржи в петок и сабота и ќе се фокусира на пандемијата со Ковид-19, ќе биде домаќин на десет министри за надворешни работи, министерот за надворешни работи на ЕУ, Жозеп Борел и новиот висок претставник за БиХ, Кристијан Шмит.

Главната тема на четиринаесеттото издание на Министерскиот форум ќе биде влијанието на пандемијата  врз геополитичките односи и светската економија, а ќе ја отвори в петок премиерот на Хрватска, Андреј Пленковиќ.

Борел, комесар за надворешна и безбедносна политика на ЕУ и министрите за надворешни работи на Малта, Словачка, Словенија, Албанија, Грција, Чешка, Црна Гора, Северна Македонија и Летонија ќе пристигнат во Дубровник.

Покрај домаќинот Гордан Грлиќ Радман, на форумот ќе присуствува и специјалниот претставник на ЕУ за дијалог меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак, како и други дипломати и претставници на организации како ОЕЦД и ЕБОР.

Кристијан Шмит, новиот висок претставник на меѓународната заедница во Босна и Херцеговина, ќе го има својот прв меѓународен настап на форумот, а во Дубровник ќе дојдат и европскиот комесар за демократија и демографија Дубравка Шуица и генералниот секретар на Советот на Европа, Марија Пејчиновиќ Буриќ.

Три дискусии ќе се одржат в сабота, на темата геополитика во светот по пандемијата, политичката состојба на Западен Балкан и економскиот развој во регионот преку Европската унија и иницијативите Три мориња и Кина 17+1.

Форумот ќе се одржи во согласност со епидемиолошките мерки - учесниците ќе треба да презентираат сертификати и ќе се обезбеди тестирање на лице место. паг/

Остани поврзан