• среда, 27 ноември 2024

Министерот Спасовски на промоција на интервентни возила набавени со донација од Чешката Република

Министерот Спасовски на промоција на интервентни возила набавени со донација од Чешката Република
Скопје, 9 јуни 2022 (МИА) - Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски заедно со заменик - шефот на Мисијата на Амбасадата на Чешка Република, Лубомир Пшенка денеска присуствуваа во Полицискиот центар „Ѓорче Петров“ на промоција на возила набавени со донацијата од страна на чешкото Министерство за внатрешни работи и од Владата на Република Чешка. Од Министерството за внатрешни работи соопштија дека набавени се осум специјализирани интервентни возила за потребите на организационите единици во рамки на Одделот за специјални полициски операции во вредност од околу 14.240.000 денари, односно шест интервентни комбиња за јавен ред и мир за потребите на Единицата за брзо распоредување и две возила за интервентни операции на САЕ „Тигар“. Пред присутните на пистата во Полицискиот центар „Ѓорче Петров”, како што се посочува, беше изведена демонстрација на брзо излегување и влегување, како и тактичко движење, а беа презентирани и техничките карактеристики на возилата. - Оваа донација на Чешката Република претставува продолжение на процесот започнат уште во 2018 година, така што досега севкупно гледано, во рамки на донацијата, набавивме 31 ново возило за потребите на Министерството, по принципот на користење на финасиската донација за купување и одржување на техничка опрема во согласност со претходно договорените спецификации. Самиот тој факт, надополнет со низа други партнерски активности, меѓу кои незаобиколно е споменувањето на заедничките безбедносни активности со колегите од чешкото МВР на нашата јужна граница, уште еднаш го демонстрира тој широк опсег на билатерална соработка во повеќе безбедносни сегменти од взаемен интерес, истакна министерот Спасовски. Тој се заблагодари за континуираната поддршка што во сите години наназад Чешката Република ја дава на МВР, етаблирајќи се како еден од најзначајните поддржувачи и партнери на нашата држава, особено на патот кон полноправно членство во Европската Унија. - Затоа сакам во оваа прилика уште еднаш, во свое име и во име на Министерството за внатрешни работи, да им се заблагодарам на нашите чешки пријатели за несебичната и сесрдна поддршка и помош, со длабока увереност дека и во годините што се пред нас ќе продолжиме заеднички да работиме на унапредување и продлабочување на нашето пријателство и соработката, што примарно е од интерес на националната безбедност како на двете земји, така и во поширок контекст на безбедноста на Југоисточна Европа, подвлече министерот Спасовски. Заменик - шефот на мисијата на Амбасадата на Чешката Република, Лубомир Пшенка го поздрави денешното примопредавање на возила набавени од донацијата на Република Чешка, наменети за Единицата за брзо распоредување и САЕ„Тигар“ при МВР, а воедно изрази задоволство од соработката меѓу претставници на двете министерства за внатрешни работи, особено до министерот Спасовски и директорот на Бирото за јавна безбедност, Сашо Тасевски. - Неизмерна благодарност за успешно спроведување на сите активности за зачувување на јужната граница, каде чешките и македонските полицајци имаат можност да соработуваат и разменуваат искуства. Нашата поддршка на Министерството за внатрешни работи ќе продолжи и понатаму со цел проширување и продлабочување на взаемната соработка, потенцираше Пшенка. рп/ац/

Остани поврзан