• недела, 22 декември 2024

Министерот Перински во посета на Босилово и Ново Село

Министерот Перински во посета на Босилово и Ново Село

Струмица, 29 август 2024 (МИА) - Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, денеска ги посети општините Босилово и Ново Село во кои се реализираат проекти за унапредување на југоисточниот дел од земјава, финансиски поддржани од Министерството преку Бирото за регионален развој.

Во селото Секирник, во Општина Босилово, се подобруваат условите за следење на настава во подрачното основно училиште „Кирил и Методиј“, а во Ново Село, Смоларските водопади и излетничкото место Пирго кај Мокриево веќе бележат зголемен број на туристи како резултат на изградените нови содржини на двете дестинации.

Како  што соопшти Министерството за локална самоуправа, од посетата на училиштето во село Секирник, беше констатирано дека во завршна фаза е реконструкцијата и адаптацијата на училишната зграда, преку проектот „Подобрување на енергетската ефикасност на јавни објекти во Југоисточниот регион“. На објектот е поставен нов покрив, нова фасада, фотоволтации, реновирани се санитарните јазли.

 -Сето ова ќе овозможи учениците и наставниот кадар да имаат соодветни услови за следење и реализација на наставата, а истовремено ќе се намалат трошоците за одржување на објектот. Ова училиште ќе биде одличен пример за енергетско ефикасен објект и искористување на соларната енергија како обновлив извор на енергија. Со ова истовремено придонесуваме и за подигнување на јавната еколошка свест, истакна министерот Перински, по посетата на училиштето во Секирник, чија инвестиција чини околу 7.200.000 денари, од кои приближно 5.600.000 денари се обезбедени преку Бирото за регионален развој, а останатите од страна на локалната самоуправа.

 Кај Смоларските водопади неодамна се санирани постојните патеки, дрвените огради, изграден е нов пешачки мост пред водопадите.

-Со оглед на тоа дека особено во последните години туристичкиот развој има потенцијал да придонесе значително за економскиот раст и развој на земјата, реализацијата на ваков тип на проекти е од голема важност особено за промовирање на регионот. Важноста на овој проект лежи и во можноста за искористување на природните убавини, историските локалитети и културното наследство на државата со цел привлекување туристи. Ваквите проекти не само што го зголемуваат туристичкиот потенцијал на одреден регион, туку и придонесуваат за балансиран развој на целата земја, поттикнувајќи рамномерен раст и создавање на нови можности во помалку развиени области,“ истакна директорот на Бирото, Даут Мемиши.

На излетничко-рекреативен локалитет Пирго, пак, изградена е патека до кулата, поставени се летниковци, проширен е капацитетот на постојниот амфитеатар, а просторот се збогати и со одбојкарско игралиште на песок, како и детско катче со десетина реквизити.

-Неизбежно беше да се подобри постоечката инфраструктура, но и да се збогатат содржините и на двата локалитети. Благодарение на реализираниот проект, веќе бележиме зголемен бројот на посетители, како од регионот, така и на странски туристи. Ова значително влијае и на условите за поттикнување на туризмот во Општина Ново Село и регионот, рече директорот на Центарот за развој на југоисточниот плански регион, Ѓоко Камчев. 

Министерот Перински во посета на струмичкиот регион беше заедно со директорот на Бирото за регионален развој, Даут Мемиши, директорот на Центарот за развој на југоисточен плански регион, Ѓоко Камчев и градоначалниците на Босилово и Ново Село, Ристо Манчев и Ѓорѓе Божинов.рт/лв/

Фото: Министерство за локална самоуправа

 

 

Остани поврзан