• понеделник, 31 март 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Министерот Муцунски на средби со амбасадорите на Канада и Обединетото Кралство

Министерот Муцунски на средби со амбасадорите на Канада и Обединетото Кралство

Скопје, 28 март 2025 (МИА) - Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, на одвоени средби ги прими вонредната и ополномоштена амбасадорка на Канада, со седиште во Белград, Мишел Камерон, и амбасадорот на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Метју Лосон.

На средбата со амбасадорката Камерон, како што соопшти денеска Министерството, била истакната одличната соработка меѓу двете земји на мултилатерален план, особено во рамки на НАТО. Се разговарало за продлабочување на билатералната соработка со фокус на економијата, инвестициите и образованието. Особено била нагласена потребата од поттикнување канадски инвестиции и поддршка на иницијативи за развој на трговијата и претприемништвото.

Во разговорот со амбасадорот Лосон, министерот Муцунски изразил благодарност за солидарноста што Обединетото Кралство ја покажа по трагичната несреќа во Кочани, како и за упатениот тим за итна медицинска помош кој активно соработува со македонските здравствени институции.

Оваа поддршка, како што се наведува во соопштението, била оценета како исклучително важна за долгорочната грижа и третман на повредените пациенти.

- Средбата беше дел од редовната комуникација и координација со Обединетото Кралство и посветена на утврдување на следните активности во рамки на Спогодбата за партнерство, трговија и соработка меѓу двете земји. Двете страни ја нагласија потребата од динамизирање на работата на Заедничкиот комитет за имплементација на Спогодбата, преку редовни годишни состаноци, соопштуваат од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.

Министерот Муцунски ја повторил благодарноста за континуираната поддршка од Обединетото Кралство во спроведувањето на надворешно-политичките приоритети на Северна Македонија, вклучително и преку бројни проекти во земјата. Тој го истакнал нивото на развиеност на билатералните односи и оцени дека планираните активности ќе бидат силна потврда за стратешкото партнерство меѓу двете земји. дма/бак/

Фото: Министерство за надворешни работи и надворешна трговија

Остани поврзан