• понеделник, 30 декември 2024

Министерот Муцунски на министерскиот состанок за надворешни работи во рамки на Берлинскиот процес

Министерот Муцунски на министерскиот состанок за надворешни работи во рамки на Берлинскиот процес

Скопје, 1 октомври 2024 (МИА) - Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски на покана на германската министерка за надворешни работи Аналена Баербок,  денеска во Берил учествуваше на министерскиот состанок во рамки на Берлинскиот процес. Во обраќањето им се заблагодари на Баербок и на германското раководство за нивната решителност за унапредување на иднината на земјите од Западен Балкан кон Европската Унија и констатираше дека Берлинскиот Берлинскиот процес сега е платформа која претставува составен дел од обновената посветеност на ЕУ за политиката на проширување и го одразува стратешкиот интерес на Унијата да го интегрира Западен Балкан во своето семејство.

Министерот Муцунски, како што информира МНР, потенцираше дека е неопходно земјава да ги удвои напорите за да ги поттикне реформите и да ја забрза постепената интеграција и граѓаните да ги почувствуваат придобивките од членството во ЕУ за време на процесот на пристапување.

-Во таа насока треба да се искористи рамката на Берлинскиот процес за да ја покажеме посветеноста за постигнување одржлив развој и поблиски врски на Западниот Балкан со Европската Унија, рече Муцунски.

Напомена и дека земјава даде придонес во севкупните достигнувања на Берлиснкиот процес, издвојувајќи ги одржувањето на првиот Дигитален самит за Западен Балкан во Скопје во 2018 година и усвојувањето на Заедничкиот регионален пазар и на Зелената агенда за Западен Балкан за време на Заедничкото претседавање на Берлинскиот процес со Бугарија во 2020 година. мч/сст/

фото: Министерство за надворешни работи и надворешна трговија

Остани поврзан