• понеделник, 23 декември 2024

Министерот Муцунски на Бледскиот стратешки форум, остварени бројни билатерални средби

Министерот Муцунски на Бледскиот стратешки форум, остварени бројни билатерални средби

Скопје, 3 септември 2024 (МИА) - Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски при учеството на  Бледскиот стратешки форум,  каде се обратил на панел  на тема „Европа целосна и слободна: Возобновена заложба за европската безбедност“, ја нагласил важноста на проширувањето на ЕУ како најуспешна надворешна политика на Унијата.

Како што вечерва соопштија од МНР, тој истакнал дека новата македонска Влада е посветена на дејствување како кредибилен европски партнер и на спроведување реформски процеси што ќе ги приближат стандардите до оние на земјите-членки.

На маргините на форумот, Муцунски остварил одделна билатерална средба со министерката за надворешни и европски работи на Република Словенија, Тања Фајон.

- Двете страни разменија мислења за актуелните состојби во земјите и регионот, изразувајќи задоволство од одличните билатерални односи и успешната соработка, потврдена преку заемната помош и солидарност во изминатиот период. Муцунски се заблагодари за досегашната силна поддршка на Словенија во евроинтегративниот процес, додека министерката Фајон потврди дека Словенија и понатаму ќе остане наш пријател и поддржувач на евроинтегративниот пат, стои во соопштението од МНР.

На покана од министерката Фајон, Муцунски присуствувал на работен појадок посветен на прашањето на сукцесијата на поранешната СФРЈ. На појадокот учествувале и останатите министри од наследничките земји, кои ја потврдиле својата решеност да го продолжат процесот на сукцесија, планирајќи редовни состаноци на министерско и оперативно ниво.

Во рамките на форумот, Муцунски учествувал и на работен состанок со министрите за надворешни работи и специјалните претставници за Западен Балкан, каде што се дискутирале актуелните состојби во регионот, со акцент на европските перспективи и напредокот во евроинтегративните процеси. Министрите едногласно се согласиле дека проширувањето на Европската унија со земјите од Западен Балкан ќе придонесе за стабилноста и просперитетот на регионот.

Муцунски остварил и други значајни средби, меѓу кои и со заменик-директорот за Европа во Европската служба за надворешна акција, Марко Маковец; претседавачот на Глобалниот Европски центар во САД, Филип Рикер; комесарот за човекови права на Советот на Европа, Мајкл О’Флаерти; и специјалниот претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан, Лорд Стјуарт Пич. цр/лв/

Фото: МНР

Остани поврзан