• сабота, 26 април 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Министерката Божиновска ја иницира мрежата на македонски експерти, средба со истакнатата македонска инженерка во Германија, Ангела Попова

Министерката Божиновска ја иницира мрежата на македонски експерти, средба со истакнатата македонска инженерка во Германија, Ангела Попова

Скопје, 15 април 2025 (МИА) - Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, со почна значајна иницијатива насочена кон поврзување со истакнатите македонски професионалци во областа на енергетиката и рударството, кои моментално прават значаен напредок во странство, информираат денеска од Министерството.

Во оваа насока, додаваат, министерката Божиновска остварила средба со Ангела Попова, истакната млада инженерка.

-Ангела е електроинженер со магистерски студии по електроенергетика (M. Sc) на Техничкиот универзитет во Минхен, каде што ги продолжува и своите докторски студии. Нејзиното истражување е фокусирано на пренос на електрична енергија преку високонапонски системи, при Катедрата за пренос и дистрибуција на електрична енергија на истиот универзитет. Таа активно учествува во меѓународни проекти и претставува силен глас на новата генерација македонски инженери кои својата експертиза ја применуваат на европско тло, велат од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.

На средбата, Божиновска и Попова размениле идеи за потенцијалната соработка, важноста на поврзаноста со нашите експерти во странство и начините на кои тие може да придонесат за трансфер на знаење, консултативна поддршка и отворање нови можности за институционална и деловна соработка.

Оваа средба, како што се нагласува во соопштението, претставува прв чекор во иницијативата на Министерството за воспоставување официјална мрежа на македонски експерти во областа на енергетиката и рударството, која ќе биде основа за систематска соработка, размена на информации и пристап до најновите трендови и технологии во секторот.

-Поврзувањето со нашите талентирани сограѓани во странство е клучно за зајакнување на нашиот енергетски сектор и поттикнување на иновациите. Преку соработка со нашите угледни инженери и професионалци, можеме да ги искористиме нивните знаења и увиди за подобрување на нашите стратегии и цели за развој во Македонија, истакнала министерката Божиновска.

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини велат, оттаму, е цврсто посветено на градење на оваа мрежа и отворање канали за комуникација и соработка со нашите професионалци надвор од земјата. Оваа платформа треба да придонесе за побрз развој на секторот, заснован на знаење, иновации и глобални искуства.

-Ги повикуваме сите македонски професионалци во странство кои се активни во областа на енергетиката и рударството да стапат во контакт со Министерството и да станат дел од оваа мрежа.Исто така, доколку познавате некој истакнат експерт – колега, пријател, професор или истражувач – ве охрабруваме да ни испратите информација (име, институција, поле на дејствување), а ние ќе се погрижиме да воспоставиме контакт, нагласуваат од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини 

Контакт информации и официјалните адреси се достапни на веб страницата на Министерството www.ea.gov.mk . сст/дма/

Фото Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини 

 

Остани поврзан