• понеделник, 23 декември 2024

Милков: Имаме интерес да го вратиме позитивниот дневен ред во односите меѓу Бугарија и Северна Македонија

Милков: Имаме интерес да го вратиме позитивниот дневен ред во односите меѓу Бугарија и Северна Македонија
Софија, 8 ноември 2022 (МИА) - Бугарија е заинтересирана да биде вратен позитивниот дневен ред во односите со Северна Македонија, нешто што изминатите месеци е загубено, изјави денеска бугарскиот министер за надворешни работи, Николај Милков, на заедничката прес-конференција во Софија со неговиот македонски колега, Бујар Османи.
Како што јави дописникот на МИА од Софија, Милков нагласи дека е парадокс да се има една визија за развој на регонот и на билатералните односи, да се има механизам за решавање, односно Договорот за добрососедство од 2017 година, Протоколот, а во исто време да се појави една атмосфера, која не е позитивна за развојот на односите меѓу двете земји.
-И тоа планираме да ги надминеме со оваа посета со интензивирање на дијалогот меѓу двете министерства и двете држави, рече Милков.
Тој информира дека на средбата со Османи разговарале за сите препреки со кои се соочуваат двете земји, за клубовите, за внесувањето на Бугарите во Уставот, но додаде дека се насочиле и кон позитивните теми, кои, како што рече, изгледаат како да останале во сенка, а како најважна ја спомена високата трговска размена, која се очекува до крајот на годината да достигне на една милијарда евра.
Османи додаде дека се разговарало и за динамиката на работата на меѓусекторските групи, кои ги формирале на последната задничка седница на владите, изразувајќи уверување дека постојат голем број сфери во кои соработката може да се интензивира. Тој ги спомна енергетиката, земјоделството, туризмот, здравството...
-Како добар пример сакам да ја истакнам прекуграничната соработка меѓу двете земји, каде што можеме да констатираме искористеност на програмските средства од сто проценти или точно 164 проекти со вкупна вредност од над 38 милиони евра. А со новиот циклус одобрен од ЕУ ќе се финансираат проекти во сличен износ меѓу кои и стратешкиот граничниот премин Клепало-Струмјани во износ од девет милиони евра, кој населението од од двете страни на границата го очекуваат со нетрпение, рече Османи.
Тој додаде дека го информирал Милков за работата на меѓуресорската група за политичка координација за спроведувањето на мерките од Протоколот, со која тој лично раководи. Османи ги поздрави напорите на иницијативите и соработката на надлежните да го зајакнат планот на соработка на ниво на култура, преку културна размена, преку културно-информативните центри во Скопје и Софија, како вистински начин за културна и општествена промоција. нк/ац/
видео: ФБ линк на БНТ

Остани поврзан