• петок, 05 декември 2025

Милер сè уште не донел конечна одлука за својата иднина

Милер сè уште не донел конечна одлука за својата иднина

Минхен, 15 мај 2025 (МИА) - Легендата на Баерн Минхен, Томас Милер, разгледува опции за тоа каде да ја продолжи кариерата, вклучително и преселба во американската МЛС лига, но сè уште не донел конечна одлука за својата иднина.

Милер (35) ќе го одигра својот последен натпревар во Бундеслигата во сабота, кога шампионот Баерн ќе гостува кај Хофенхајм, по што ќе следи Светското клупско првенство во САД од 14 јуни до 13 јули, пред да заврши неговиот престој во Баерн по 25 години во клубот.

Што ќе се случи следно, сè уште е непознато, како што изјави тој за „Скај“: „Сè уште не знам. Нема ништо конкретно, но секако имам идеи. Ќе биде возбудливо“.

Шампионот на Светското првенство во 2014 година со Германија не ја исклучи можноста да се приклучи на клуб од МЛС и додаде дека ќе го искористи Светското клупско првенство за да разгледа уште неколку идеи.

-Мислам дека следните неколку недели ќе одлучат. Сè уште ни претстои Светското клупско првенство, кое ќе биде возбудливо искуство. Секако, ги држам ушите отворени и во Соединетите Држави, рече тој.

Милер рече дека нема целосна стратегија за својата иднина бидејќи „никогаш не бил од типот на личност што вели: „Ова е мојата единствена идеја сега и ова е она што ќе го правам“.

Томас Милер ќе го напушти Баерн откако клубот не му го продолжи договорот. Тој го одигра својот 750-ти натпревар за нив минатиот викенд против Борусија Менхенгладбах и официјално се збогува со домашните навивачи.

Напаѓачот има освоено повеќе од 30 трофеи со Баерн, вклучувајќи рекордни 13 титули во Бундеслигата и тројна круна во 2013 и 2020 година. дс

Фото: Архива

Остани поврзан