• недела, 22 декември 2024
МИА Флеш

12 февруари 2024 

-Техничкиот премиер Талат Џафер од тетовско Селце најави дека ќе оди денеска во Собранието, и оти ќе се разгледуваат можностите за надминување на проблемите со употреба на возачките дозволи и пасошите чиј рок истекува вечер на полноќ согласно Преспанскиот договор. Според најавата на Џафери, можно е некаде да се интервенира со законска измена, а некаде со одлука на Владата. - Секако дека размислуваме и за законско решение и во текот на денот ќе имаме и соодветна одлука, имајќи предвид дека денеска треба да одам во Собранието поради други обврски. Секако веќе е искоординирано е да имаме заедничка средба, значи со Собранието, со пратениците и евентуални решенија да ги дефинираме како закон, а другиот дел од можните решенија преку одлука на Влада, она што е соодветно и можност да се спроведе и да се изведе, и да ги согледаме сите можности. Секако, работиме на тоа и ќе има соодветна одлука и решение за прашањето коешто се актуелно, истакна Талат Џафери на новинарските прашања по настанот во тетовско Селце. Според процените на Џафери, ќе се согледаат сите аспекти и во зависност од можностите ќе се употребат решенија. - Треба да ги согледаме сите аспекти. Таму кај што е можно продолжение на рокот да се продолжи, таму кај што има потреба од друг вид на одлука и решение да се спроведат други одлуки, рече Џафери.

-Министерот за внатрешни работи во техничката Влада, Панче Тошковски на денешната прес-конференција прее Собранието соопшти дека утрово до Владата поднел законски измени на Предлог на законот за изменување на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата и Предлог на законот за изменување на Законот за патни исправи на државјаните, по скратена постапка. Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ овие законски измени утрово ги поднесе до архивата на Собранието и барање за свикување на итна седница за оваа прашање со потписи од 20 пратеници. Тошковски објасни дека во законските измени треба пермутација на четири бројки во двата закони. Според координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, на самите законски решенија се работи за измена на одредбите од двата закона коишто предвидуваат завршување на роковите по однос на ова законско решение за патните исправи и за возачките дозволи. Со оваа измена, рече тој, ќе се продолжи одредбата за да можат да важат и во наредниот период. Тошковски нагласи дека нема доволен број на обрасци за пасоши и возачки дозволи за да се задоволат потребите на граѓаните.

- Од полноќ поскапуваат горивата од пола до денар ипол, одлучи денеска Регулаторната комисија за енергетика. Еуросупер БС-95 поскапува за пола денар и ќе се продава по цена од 81 денар за литар, Еуроспер БС-98 поскапува за еден денар и од полноќ новата цена ќе биде 83,50 ден/литар. Дизелот поскапува за денар ипол и тој ќе се продава по цена од 79,50 ден/лит. За пола денар се намалува цената на Екстра лесното масло за домаќинство кое од полноќ ќе се продава по цена од 76,50 ден/лит. Се намалува и цената на Мазутот М-1 НС за 0,620 ден/кг, во однос на претходно утврдената цена. Новата цена на мазутот ќе биде 40,732 ден/кг. 

-Неколкучасовни блокади на граничните премини Ники (Меџитлија) и Евзони (Богородица) кон Северна Македонија, но само за камиони, најавија за денеска грчките земјоделци, кои продолжуваат со нивните активности во пресрет на утрешната средба со грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, јави дописничката на МИА од Атина. Земјоделците од северозападна Грција од 12 часот по локално време го затворија преминот Ники, но само за товарни возила, кои во најголемиот дел се камиони што пренесуваат лигнит, додека пак сообраќајот на автомобили од и кон Северна Македонија од грчка страна се одвива регуларно. Блокадата според најавите се очекува да трае до 15 часот по локално време. 

- Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска изјави дека со грчкиот премиер Киријакос Мицотакис во Белград разговарале за соработката во енергетскиот сектор, енергетиката, нафтоводите, гасоводи, набавка на гас, обновливи извори на енергија, ветерни електрани, соработка меѓу електростопанствата од двете земји, за транспортото и инфраструктурата. -Србија под покровителство на ЕУ ја гради брзата пруга Белград-Ниш, реконструкцијата на делницата кон Брестовац штотуку се завршува и ќе завршуваме се до границата со Северна Македонија. Премеирот Мицотакис ме информираше дека Грција работи и ќе ја заврши брзата пруга до Игуменица и до границата со Северна Македонија и за овој проект нашите министри имаа добри разговори, изјави Вучиќ. Тој додаде дека ова е важно поради тоа што Србија треба да има пристаниште поради извозот кој се зголемува, да ги користи капацитетите на Солун и Пиреј и да купи дел од луката.

-Вооружениот поранешен вработен, кој утрово упадна во бродска компанија во јужниот дел на Атина уби три лица, по што и се самоуби, според првичните неофицијални информации, јави дописничката на МИА од Атина. Убиените, неофицијално се лица од раководството на компанијата. Мажот кусо пред 10.30 часот по локално време, преку паркингот влегол во објектот, каде што по пукањето се затворил во внатрешноста, а полицијата спроведе акција. Засега не постојат официјални информации за инцидентот. Според првичните неофицијални информации сторителот е поранешен вработен на возраст од околу 70 години и неодамна бил отпуштен од работа.

-Косово во текот на 2023 година издало над 3.600 работни дозволи за странски државјани, од кои 211 за државјани на Северна Македонија, јави дописникот на МИА од Приштина. Косовскиот Институт за напредни студии - ГАП објави дека минатата година се издадени вкупно 3.646 работни дозволи за странски државјани, што е за 667, или 22,4 отсто повеќе во однос на 2022 година. Според статистиката што ја објави овој Институт, според земјите на потекло на граѓаните кои добиле работни дозволи во Косово во текот на изминатата година, предничат Турција, од каде што дошле 1.004 државјани, и Бангладеш, чии 722 државјани добиле работна дозвола. Следат 465 српски државјани и 440 од Албанија, а помал број се регистрирани од САД (144), од Филипините (70), од Германија (61), од Црна Гора (43) и од Италија (36). 

-Косовскиот премиер Албин Курти соопшти дека неговата влада нема да се меша во одлуката на Централната банка на Косово (ЦБК) за забрана на динарот, но дека одлуката нема да биде поништена. Курти за британскиот медиум „Блумберг“ изјави дека се залага за новата регулатива на Централната банка на Косово за постапување со готовина, пренесува Бета. Тој додаде дека Србите ќе имаат време да се прилагодат на новата одлука. - Не можам да ја поништам оваа одлука. Нема да имаме какви било казнени мерки, не сакаме никого да казниме, рече тој. Зборувајќи за Бриселскиот договор и Охридскиот анекс, Курти рече дека е потребен договор со Србија што е можно поскоро и дека сегашните тензии немаше да постојат доколку има де факто и де јуре признавање од Србија.

-Во 15 болници во Романија, по кибер напад утрово, медицинските услуги не можат да се регистрираат, а итните служби се полни со пациенти, пренесуваат романските медиуми. Меѓу 15-те болници, најмалку три се од Букурешт. Станува збор за Националниот институт за пневмологија „Мариус Наста“, Клиничкиот завод „Фундени“ и Ургентната болница „Багдасар-Арсени“. Системот за медицински услуги во овие медицински установи е од ИТ компанија чиј сервер беше нападнат утрово. Останува да се утврди како ќе се пријавуваат и регулираат овие услуги, бидејќи доколку не можат да се внесат во системот, болниците нема да можат да добиваат пари од Фондот за здравствено осигурување.

-Полскиот премиер Доналд Туск денеска ќе отпатува во Франција и Германија за да разговара со своите колеги за безбедносните ризици и загриженоста, како што наведуваат светските агенции, поради можното враќање на Доналд Трамп на функцијата претседател на САД. „Европа мора да дејствува заедно... разговорот ќе биде и одговор на прашањето што ќе се случи ако Трамп победи? Немаме време, мора да имаме поголем капацитет на воената одбранбена индустрија“, изјави извор од полската Влада.„Сега, за прв пат, полската Влада вели дека зајакнувањето на европската одбрана не е контрадикторност на силното НАТО“, изјави германскиот претставник задолжен за односите со Полска, Дитман Нитан.

-Кремљ денеска соопшти дека сателитскиот интернет систем Старлинк на претприемачот Илон Маск ниту е сертифициран за употреба, ниту официјално е испорачан во Русија и затоа не може да се користи. Украина, која го користи „Старлинк“ за воени комуникации во нејзиниот конфликт со Русија, вчера соопшти дека руските трупи го користат системот во областите на Украина под нивна контрола. - Тоа не е сертифициран систем кај нас. Затоа, не може официјално да се достави тука. Затоа, не може официјално да се користи на кој било начин, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков. Во коментар на социјалната мрежа X, Илон Маск рече дека според неговите сознанија „никакви ’Старлинк‘ не се продадени директно или индиректно на Русија“.

-Холандски суд и нареди на владата да престане да испорачува делови за борбените авиони Ф-35 што Израел ги користи при бомбардирање на Појасот Газа, пренесува Ал Џезира. Наредбата следува по жалба на организации за човекови права против пресуда на понизок суд со која се отфрла нивниот аргумент дека испораката на делови придонела за кршење на меѓународното право. Организациите за човекови права во Холандија минатата година ја обвинија владата за соучесништво во, како што рекоа, воените злосторства извршени од Израел за време на војната во Газа, поради извозот на делови за борбени авиони Ф-35. Амнести интернешенел и Оксфам во Холандија тврдат дека пратките „придонеле за широко распространето и сериозно кршење на хуманитарното право од страна на Израел во Газа“. Во декември, судот го отфрли случајот и рече дека на владата мора да ѝ се даде голема слобода кога одлучува за политичките прашања за извозот на оружје.

-Директорката на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Кристалина Георгиева, денеска на Светскиот самит на влади во Дубаи изјави дека очекува намалување на каматните стапки во втората половина на 2024 година. - Очекувам дека каматните стапки од средината на годината ќе тргнат по истиот пат како и инфлацијата, која е во пад изминатава година, рече Георгиева. Според неа, ММФ е убеден дека светската економија ќе доживее таканаречено „меко приземјување“, додавајќи дека тоа е „сценарио за кое сонувавме“. Терминот „меко слетување“ се однесува на умерен или благ пад на економската активност. Директорката на ММФ претходно најави дека е уверена во добрите економски перспективи и издржливоста на глобалната економија и покрај неизвесностите поради војните и сложената геополитичка ситуација.

-На светските берзи минатата недела цената на нафтата порасна за повеќе од шест отсто, бидејќи ситуацијата на Блискиот Исток не се смирува. На лондонскиот пазар цената на барелот минатата недела порасна за 6,35 отсто на 82,19 американски долари, додека на американскиот пазар барелот порасна за 6,3 отсто на 76,84 долари. Така, цените надоместија голем дел од загубите од претходната недела, кога паднаа за повеќе од седум отсто. Растот на цените е последица на влошувањето на шансите за прекин на конфликтот во окупираниот палестински Појас Газа, откако израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го отфрли предлогот на палестинскиот Хамас за прекин на огнот. Во петокот израелските сили продолжија со воздушните напади врз Газа. Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) и нејзините сојузници, предводени од Русија, најавија намалување на производството во првиот квартал од оваа година со цел да ги поддржат цените.

-Министерството за здравство во Појасот Газа денеска соопшти дека од почетокот на израелската напади врз територијата загинале повеќе од 12.300 малолетници. Според нивните податоци, малолетниците сочинуваат околу 47 отсто од вкупно 28.176 Палестинци загинати во Газа. Меѓу загинатите има околу 8.400 жени.

- Еден брод беше нападнат денеска во близина на јужниот брег на Јемен, објавија две британски агенции за поморска безбедност. Инцидентот се случил во област каде јеменските бунтовници Хути постојано напаѓале бродови во Црвеното Море во последните месеци, соопшти британската агенција за поморска трговија УКМТО. Како што се наведува, членовите на екипажот се живи и здрави и бродот се движи кон следната дестинација, и се додава дека инцидентот се случил пред 4 часот утринава. Друга безбедносна агенција, Амри, објави дека брод под знамето на Маршалските Острови бил погоден со проектили во два одделни инциденти, погоден и оштетен.

Остани поврзан