Скопје - Премиерот Христијан Мицкоски по средбите на министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски и официјални лица, во Вашингтон изјави дека впечатоците се исклучително високи, одговарајќи на новинарски прашања, за можен договор за слободна трговија, денеска на настан за одбележување 80 години од државен завод за статистика во Скопје. Премиерот нагласи дека на средбите била истакната стратешката соработка и знаењето на соработката помеѓу двете земји.
-Впечатоците се исклучителна високи. Јас можам да кажам дека Тимчо Муцунски е помеѓу првите седум министри за надворешни работи од Европа којшто на билатерално ниво беа примени од страна на државниот секретар Марко Рубио во Стејт Департментот во САД. Средбата траела околу 45 минути на којашто уште еднаш е истакната стратешката соработка и значењето на стратешката соработка помеѓу двете земји. Досегашната исклучително искрена соработка со администрацијата на претседателот Трамп и очекувањата за во иднина, изјави премиерот.
Скопје - Министерството за финансии од денеска почнува со преговорите со останатите министерства за ребалансот на буџетот, откри министерката за финансии, Гордана Димитриеска Кочоска.
-После овој прес ќе го имаме првиот состанок да кажеме во период којшто следи, сигурно десеттина дена ќе работиме на такви преговори со надлежните министерства, а потоа ќе видиме како ќе се одвиваат работите. Премногу е рано и не би можела сега да ви кажам детали околу тоа, вели Димитриеска Кочоска.
Таа посочи дека утре имаат владина седница, но в среда и четврток, како Министерство ќе имаат прилично збиена агенда за преговорите и деталите околу ребалансот на буџетот.
Скопје - Владата нa последната седница усвои Предлог-закон за измени и дополнувања на Законот за Царинска тарифа со што вршиме намалување на царинската стапка кај 67 стоки кои се користат во домашната индустрија. Предлогот е веќе испратен на усвојување во Собранието со цел пониските царински стапки да почнат да се применуваат од 1 јули 2025 година, односно од наредниот месец. Станува збор за стоки кои како суровини или репроматеријали се користат во нашите индустриски капацитети, особено во секторите на автомобилската, метало-преработувачката индустрија, металургијата и енергетиката, односно одделни производи потребни за производство на високо финални производи со цел да се зголеми извозната конкурентност на домашната индустрија, соопшти денеска на прес-конференција министерката за финансии Гордана Димитриеска - Кочоска.
Од 1 јули, како што појасни, со измените се врши намалување на царинските стапки за 50 отсто на разликата помеѓу нашите постојни царински стапки и царинските стапки за тие стоки во ЕУ. Како пример, таа наведе дека ако царинската стапка на одредена стока кај нас изнесува 20 отсто, а во ЕУ изнесува 10 отсто, со тековните измени стапката се намалува на 15 отсто, со тенденција за идно понатамошно доусогласување.
Скопје - Асмир Јахоски, сопственикот на компанијата „Пуцко петрол“, претпладнево се пријавил во Кривичниот суд Скопје, со што ја исполнил обврската за редовно пријавување во судот во рамки на истрагата за злоупотреби со мазутот за ТЕЦ Неготино, потврдија од Кривичен за МИА.
Јахоски, како што соопшти денеска владејачката ВМРО-ДПМНЕ, бил на патување надвор од државата. Во соопштението се наведува дека Јахоски, кој го оштети Буџетот на државата за 167 милиони евра и за кого се води постапка, во моментов ужива на Босфор, откако добил домашен притвор за кривично дело перење пари и други приноси за набавката на мазут со сомнителен квалитет и потекло.
Скопје - Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98, како и на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат за 0,50 ден/лит, соопшти Регулаторната комисија за енергетика.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 0,429 ден/кг и сега ќе изнесува 37,862 ден/кг.
Од ноќеска на полноќ новата цена на ЕУРОСУПЕР БС - 95 ќе изнесува 74,50 денари/литар, ЕУРОСУПЕР БС - 98 76,50 денари/литар, ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 65,00 денари/литар и масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 67,50 денари/литар.
Белград - Автобус полн со ученици од oсновното училиште „Никодије Стојановиќ Татко“ од Прокупље се запали денеска во близина на Бољевац, 210 км јужно од Белград.
Нема повредени деца, а автобусот целосно изгорел. Децата успеале навреме да излезат од автобусот. Станува збор за ученици од седмо одделение кои отишле на екскурзија во Сокобања.
Несреќата се случила околу 10:50 часот утрово.
Анкара – Шефот на турската дипломатија Хакан Фидан ги отвори денешните преговори помеѓу Украина и Русија во Истанбул, посочувајќи дека „целиот свет ја набљудува“ средбата.
- Веруваме дека денешниот состанок ќе донесе конкретни резултати и ќе нè приближат кон мирот, посочи Фидан.
Тој додаде дека на средбата ќе се разговара и за размена на воени заробеници.
Брисел - Европската комисија им изрече парични казни на компаниите за дистрибуција на храна „Деливери Хироу“ и „Глово“ во вкупна вредност од 329 милиони евра, поради создавање на картел во секторот за онлајн достава на храна, соопшти денеска извршната потпретседателка на ЕК за чиста, праведна и конкурентна транзиција Тереза Рибера.
- Компаниите се договориле да не си ги преземаат вработените меѓу себе, да разменуваат комерцијално чувствителни информации и географски го поделиле пазарот во рамките на Европската економска област, информира Рибера на денешната прес-конференција, додавајќи дека „картелското здружување“ траело четири години во периодот од јули 2018 до јули 2022 година.
Глазгов - Британскиот премиер Кир Стармер денеска во Глазгов изјави дека Обединетото Кралство преминува на „воена подготвеност“, претставувајќи ги новите планови на владата за зголемување на одбранбените трошоци и воените способности. Во својот говор, тој предупреди дека земјата денес се соочува со закана „посериозна, поитна и понепредвидлива од кога било по Студената војна“.
- Првата линија на бојното поле е овде, рече Стармер, укажувајќи на зголемената агресија на Русија по инвазијата на Украина во 2022 година.
Вилнус – Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска во главниот град на Литванија, Вилнус, изјави дека постои „вистинска можност да се стави крај на војната“, оценувајќи го моментот како „посебен“. Зеленски учествува на самитот на шефови на држави од источниот блок на НАТО и нордиските земји.
– Русија е принудена да се вклучи во дипломатски процес, изјави Зеленски, додавајќи дека Европа и САД располагаат со супериорно оружје во однос на Русија.
Тој се заблагодари за, како што рече, „секоја инвестиција во производство на оружје“ и го истакна значењето на тактичката надмоќ на украинските сили.
Брисел - Потребно ние е вистинско примирје, потребна ни е Русија на преговарачката маса и треба да ја завршиме војната во Украина, порача претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен на денешната средба со американскиот сенатор Линдзи Греам во Берлин.
Како што соопшти Еврокомисијата, на средбата се разговарало за координацијата меѓу ЕУ и САД во однос санкциите кои претставуваат одговор на тековната агресивна војна на Русија врз Украина.
Берлин – Германскиот канцелар Фридрих Мерц ќе се заложи за „праведен прекин на огнот“ во Украина на неговата прва средба со американскиот претседател Доналд Трамп, закажана за четврток во Вашингтон, соопшти портпаролот на германската влада.
Мерц, кој должноста ја презеде минатиот месец, ја постави поддршката за Украина како еден од приоритетите на неговата надворешна политика, во време на зголемена загриженост за американската безбедносна посветеност кон Европа.
Њујорк - Генералното собрание на Обединетите нации денеска ќе ја избере поранешната министерка за надворешни работи на Германија, Аналена Бербок, за своја нова претседателка, јави агенцијата ДПА.
Бербок е единствен кандидат за оваа позиција, која претежно има претставничка улога и мандат од една година.
Гласањето ќе се одржи на пленарна седница со учество на 193 држави членки на ОН, а изборот се смета за формалност.
Мумбај – Индиските власти заплениле 48 отровни змии и пет желки скриени во багажот на патник што допатувал од Тајланд на меѓународниот аеродром Чатрапати Шиваџи Махараџ во Мумбај, јави весникот „Hindustan Times“, а пренесе агенцијата Анадолија.
Патникот од Бангкок бил запрен на контрола при влез во Индија, кога безбедносните служби откриле илегална пратка со диви животни.
Меѓу нив имало три исклучително отровни змии од семејството на пајаколики поскоци и пет азиски лиснати желки.