• петок, 05 декември 2025
МИА Радио флеш

Скопје - Во Собранието денеска во рамки на 54. седница се расправа по владиниот предлог Азир Алиу да биде министер за здравство. Премиерот Христијан Мицкоски во образложението на предлогот за Азири истакна дека верува оти неговата енергија и знаење ќе донесат нова димензија во менаџирањето со здравствениот систем. 

-Доктор Алиу е доктор по информатички науки. Професор, човек, кој со години се занимава со управување со системи, податоци и дигитални решенија. Во време кога некои држави со еден клик добиваат дијагноза, ние се уште трчаме. Време е тоа да се промени. И токму затоа веруваме дека неговата енергија и знаење ќе донесат нова димензија во менаџирањето со здравствениот систем. Дали ќе биде лесно? Не. Нема да биде. Но дали е можно? Да. Затоа што веќе покажавме дека може. Поминаа помалку од една година, а веќе се чувствува разликата. Започнавме со скрининг програми, ги намаливме листите на чекање, воведовме нови лекови на позитивната листа, а паралелно работиме на законски измени што ќе донесат системски ред. Истовремено, се изготвуваат и инфраструктурни проекти, изградба и обнова на здравствени установи, но и дигитализација која ќе спречи злоупотреби. Ќе овозможи секој пациент да има евиденција, услуга и пристап до системот.  Во овој процес доктор Алиу ќе има силна поддршка од мене како претседател на Владата, но и силна лична одговорност. Очекувањата од него се големи, а времето не ни е сојузник, рече премиерот.

Скопје - Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши и директорот на Агенцијата за вработување, Селајдин Белули денеска официјално го објавија отворањето на јавниот повик за мерките 1.1 и 1.2 од Оперативниот план за вработување за 2025 година, кои имаат за цел поддршка на самовработување на невработените лица регистрирани во Агенцијата за вработување.

Мерката 1.1 е наменета за лица над 29 години и обезбедува финансиска поддршка од 430.500 денари односно 7.000 евра за основање на нов бизнис, а Мерката 1.2 се однесува за млади до 29 години, кои имаат можност да добијат поддршка до 615.000 денари или 10.000 евра за основање сопствен бизнис.

Двете мерки вклучуваат и обука за претприемништво, подготовка на бизнис план, како и шестмесечно менторство за целните групи, вклучувајќи ги и лицата со попреченост, припадниците на ромската заедница и жените од руралните средини.

Скопје - Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Мучунски, денеска престојува во работна посета на Астана, Република Казахстан, чиј фокус е на унапредување на економските и политичките односи помеѓу двете земји.

Во рамки на посетата, министерот Мучунски, заедно со директорот на Технолошко-индустриските зони, Гоце Димовски, и националниот координатор за туризам, Акан Махмуд, учествувал на тркалезна маса организирана од Меѓународниот финансиски центар Астана. Покрај тоа, се сретна и со министерот за трговија и интеграција на Казахстан, Арман Шакалиев.

Битола - Министерот за култура и туризам Зоран Љутков во придружба на градоначалникот Тони Коњановски денеска оствари посета на дел од националните културни установи во Битола.

Љутков изјави дека за време на посетата на НУ Народен театар, НУ Центар за култура и НУ Завод и Музеј-Битола бил информиран за состојбите во националните установи и да направиме, како  што рече, паралела што сме начекале пред една година и една година потоа откако јас сум назначен за министер да ги видиме резултатите што се постигнати.

Скопје - Учениците од основното училиште „Гоце Делчев“ во валандовското село Пирава ќе посетуваат настава во современи услови, затоа што објектот е темелно реконструиран. Станува збор за инвестиција од 322.600 долари кои ги обезбеди Европската воена команда на САД преку Програмата за надворешна хуманитарна и цивилна помош, додека Министерството за образование и наука и општината ја обезбедија потребната документација и надзор на изградбата.  

-По повод завршување на инвестициската активност, денеска училиштето го посетија министерката за образование и наука Весна Јаневска, заменик амбасадорката на САД во Македонија, Никол Варнс и заменик шефот на Канцеларијата за одбранбена соработка при амбасадата, мајор Даниел Силвер. Тие се согласни дека образованието е најважниост општествен сегмент кој го детерминира севкупниот напредок на државата, информираат од МОН.

Струга - Струшкиот суд донесе ослободителна пресуда за градоначалникот Рамис Мерко за набавката на луксузниот автомобил „Ауди“ во вредност од 67.000 евра.

Судечкиот судија Јордан Јованов во пресудата посочува дека од правен аспект со анализа на сите законски прописи кај Мерко не постои основ за кривична одговорност и затоа судот донел одлука за ослободителна пресуда.

Скопје - Од ноќеска за 1 денар поскапуваат ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1), како и мазутот М-1 НС за 0,624 денари, додека малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 остануваат исти.

Цената на мазутот ќе биде 38,486 денари за килограм.

Бензинот ЕУРОСУПЕР БС ќе чини 95 74,50 денари за литар, ЕУРОСУПЕР БС - 98 ќе изнесува 76,50, ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 66 денари, Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 68,50 и мазутот 38,486 денари за килограм.

Приштина – Конститутивната седница на Собранието на Косово денеска, 29 пат, беше прекината бидејќи предлогот за формирање комисија што би го надгледувала тајното гласање за избор на претседател на Парламентот не го доби потребниот број гласови.

Во салата беа присутни 102 пратеници, но само 53 од нив гласаа за формирање на изборната комисија.

Брисел - Вкупно 10,2 отсто од лицата во ЕУ кои во 2023 година биле на возраст за пензионирање се уште работеле, при што дури 56,4 проценти од нив биле самовработени, покажуваат податоците на Европската статистичка агенција – Евростат. 

Според дефиницијата на ЕУ, за самовработени се сметаат оние лица кои вршат профитабилна дејност за сопствена сметка, според условите утврдени со националното законодавство, без притоа да имаат склучено договор за работа со работодавец. 

Москва – НАТО, откако ја симна маската, на секој можен начин го покажува своето право лице на инструмент на агресија и судири, изјави денеска портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

Неговата изјава уследи по најавата дека генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, на денешната конференција на Институтот Чатам хаус во Лондон, ќе побара Алијансата да ја зголеми воздухопловната и антиракетна одбрана за 400 проценти со цел да се соочи со Русија која „сее терор“ на небото.

Киев – Украина денеска го потврди враќањето на првата група воени заробеници од Русија, меѓу кои има сериозно повредени и војници и лица помлади од 25 години.

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски изјави дека размената е извршена во согласност со договорот постигнат за време на директните преговори со Русија во Истанбул на почетокот на месецот.

Лондон – Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте пред денешната конференција во Лондон изјави дека ќе бара зголемување на воздухопловната и антиракетна одбрана на Алијансата за 400 проценти со цел да се соочи со Русија која „сее терор“ на небото.

- Треба да направиме скок напред во нашата колективна одбрана … факт е дека опасноста не исчезнува дури ни со крајот на војната во Украина. Гледаме како Русија во Украина сее терор на небото и поради тоа ние ќе го зајакнеме штитот кој го штити нашиот воздушен простор, ќе истакне Руте на состанокот и Институтот Чатам хаус во Лондон.

Брисел - Океаните се клучни за борбата против климатските промени и тие ги зближуваат луѓе од различните континенти, кои го споделуваат заедничкото наследство на човештвото, порача денеска претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта во обраќањето на Конференцијата на ОН за океаните, што се одржува во францускиот град во Ница.   

- Денеска сме тука затоа што ја знаеме дијагнозата, ги слушнавме јасните пораки од нашата Планета и знаеме дека трајната заложба против климатските промени и загубата на биодиверзитетот е се поакутна. Не е прашање само на дијагнозата. Сега е време за акција, рече Кошта. 

Вашингтон – И во Сан Франциско вчера имаше протести поради политиката на администрацијата на Доналд Трамп за борба против нелегалната имиграција, при што се приведени околу 60 лица, а тројца полицајци се повредени.

Според полицијата, приведените станале „насилни и почнале да извршуваат кривични дела, од физички напади до тежок вандализам и уништување на имот“, поради што во еден дел од градот е прогласен нелегален собир. Протести и немири вчера имаше и во Лос Анџелес.

Остани поврзан