Скопје - Претседателката Гордана Сиљановска Давкова ги отфрли како неиздржани критиките на опозицијата во однос на новиот гувернер Трајко Славески, напоменувајќи дека се работи за професор признат во светот, за човек кој не може да биде поврзан со ниту една афера, криминал или корупција и за експерт кој никако не може да биде проепознаен по партиска реторика и партиски речник.
Сиљановска Давкова рече дека пред да ја донесе одлуката за прв човек на Централната банка, водела долги разговори и со досегашната гувернерка и со другите кандидати. Укажа и дека нејзината единствена забелешка е во однос на законската одредба која предвидува седумгодишен мандат што, рече, е предолг период, особено кога се работи за два гувернерски мандата или вкупно 14 години.
Скопје - Резолуцијата за Македонија што ја изгласа бугарскиот Парламент е навредлива и со неа во старт се оневозможува заедничкото чекорење низ дијалог, оцени денеска претседателката Гордана Сиљановска Давкова.
Таа очекува во Европскиот парламент (ЕП) да биде поддржана Резолуцијата која ги гарантира македонскиот идентитет и македонскиот јазик. Во спротивно, како што истакна, одговорајќи на новинарски прашања, тоа многу лошо ќе зборува за демократскиот капацитет на ЕП. Сиљановска Давкова се уште не може да прецизира дали на претстојниот Самит на НАТО во Хаг ќе има средба со бугарскиот колега.
Скопје - Координаторите на пратеничките групи на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и Европски фронт денеска во изјава за медиумите истакнаа дека целта на Предлог на законот за прогласување на просторот околу Собранието на Република Северна Македонија за безбедносна зона има за цел да спречи приватни субјекти да градат приватни објекти блиску законодавниот дом, а не, како што посочија, за забрана на протести на граѓаните.
Координаторот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицески нагласи дека целта на законското решение е начин за да се обележи целиот простор кој што треба да постои околу Собранието, кој што Собранието треба да го има во своја сопственост за да може сам да ги реализира проектите кои се предвидени таму.
Скопје - Премиерот Христијан Мицкоски денеска на прес-конференција информираше дека според прелиминарните податоци на Државниот завод за статистика, во првиот квартал на 2025 година реалниот раст на бруто домашниот производ, откако е избрана оваа Влада, трет квартал по ред е 3 или повеќе проценти, а прилагодениот согласно сезонските и календарските податоци е 3,2 проценти. Ова е бројката којашто ја објавува „Евростат“.
-Македонската економија е рангирана на четврто место, веднаш позади Ирска, Данска и Полска. Тоа е многу значајно и ова не е случајност, ова е резултат на храброст, визија и многу работа, рече Мицкоски.
Според Мицкоски, ова е доказ дека кога државата се води на исправен начин, но и со знаење, со план и со трпение, резултатите мора да дојдат.
Скопје – Изборот на нов министер за здравство ќе биде на дневен ред на собраниската седница закажана на 12 јуни, изјави премиерот Христијан Мицкоски, посочувајќи дека се прават напори Парламентот доколку се организира тоа да се напарви и порано, на 5 или 9 јуни.
Одлуката за нов министер за здрваство да биде именуван Азир Алиу, Мицкоски посочи дека е донесена минатата недела и апликацијата до Парламентот е доставена во петокот.
-За жал денеска е таков ден, па не можеше наеднаш да се стави на дневен ред. Се обидуваме некако да успееме пред 12 јуни, кога е закажана следната седница. Ако успееме, два терминa се дадени како опција во јуни – 5 и 9, но да видиме дали ќе успее Парламентот да се организира и тогаш да закажеме седница, ако не на 12 јуни ќе бидат дел од дневниот ред и министерот за здравство и замениците министри, изјави Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања на прес-конференција во Владата.
Скопје - Постапувајќи по кривична пријава од група граѓани, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје извршил проверки и донел наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кривично дело бесправно градење од член 244-а од Кривичниот законик.
Од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија денеска соопштија дека објектот почнал да се гради во 2024 година, без одобрение и на државно земјиште на улицата „Кемал Сејфула” во Чаир. Осомничениот, како управител на правно лице, се јавува како инвеститор на градбата – станбена зграда со деловни простории и катност По+П+6+Пк наменети за продажба.
Брисел - Наша политичка цел е да ги започнеме преговорите со Северна Македонија по Кластерот „Основни вредности“, штом ќе бидат усвоени потребните уставни измени, порача денеска еврокомесарката за проширување Марта Кос во воведното обраќање на дебатата со членовите на Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент посветена на проширувањето на ЕУ, состојбите во Украина и соседската политика на блокот.
- Бугарија и Северна Македонија треба да почнат да разговараат интензивно и да најдат решение за ова билатерално прашање и јас стојам на располагање како олеснувач, ако е потребно, истакна Кос.
Атина – За консолидација на стабилноста и безбедноста во Југоисточна Европа, неопходно е проширување на Европската Унија со интеграција на Западен Балкан во европското семејство. Оставајќи ги зад себе балканските национализми и факторите на регресија и дестабилизација, порача шефот на грчката дипломатија Јоргос Герапетритис по средбата со министерот за Европа и надворешни работи на Албанија Игли Хасани, јави дописничката на МИА од Атина.
Шефот на грчката дипломатија, уште еднаш повтори дека Грција „беше земја која ја забрза интеграцијата на Западен Балкан со Солунската агенда во 2003 година и останува посветена на оваа цел“.
Москва – Заменик-претседателот на Рускиот совет за безбедност и поранешен руски претседател Дмитриј Медведев денеска изјави дека целта на Москва во разговорите со Украина во Истанбул е да постигне целосна победа.
- Преговорите во Истанбул се потребни, не за компромисен мир заснован на измислени, нереални услови туку за наша најнепосредна победа и целосно уништување на неонацистичките власти. Тоа е смислата на рускиот меморандум, што беше објавен вчера, наведе Медведев.
Хаг - Холандската опозиција повика на нови избори откако крајнодесничарската Партија за слобода (ПВВ) на Герт Вилдерс се повлече од владејачката коалиција поради несогласувања околу миграциската политика, што доведе до нејзин пад, јави ДПА.
- Холандија заслужува влада што ќе ги обедини луѓето и ќе работи рамо до рамо на вистински решенија, изјави Франс Тимерманс, лидер на најголемата опозициска група во парламентот. „Време е за избори, ние сме подготвени.“
Берлин – Светската економија се соочува со „сѐ понеповолни“ перспективи, соопшти денеска Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД), предупредувајќи дека новите царини се меѓу факторите кои најмногу го забавуваат глобалниот раст.
ОЕЦД ја намали проекцијата за глобалниот бруто-домашен производ (БДП) за 2025 година од 3,1% на 2,9%, при што проценката е направена врз основа на состојбата со царинските стапки во средината на мај, пренесува ДПА. И прогнозата за 2026 година е ревидирана надолу – од 3% на 2,9%.
Брисел - Чадот од големите пожари во канадските провинции Манитоба и Саскачеван стигна до Европа, соопшти Коперник, кој е дел од вселенската програма на Европската Унија за набљудување на Земјата и животната средина.
Службата за следење на атмосферата на Коперник (CAMS) објави дека активно ги следи емисиите од пожарите и движењето на чадот преку Атлантикот.
Киев - По најмасовниот напад со украински дронови врз руски воени бази, руските сили значително ги засилија безбедносните мерки на окупираниот Крим, соопшти украинската партизанска група АТЕШ (Оган).
Според нив, руската противвоздушна одбрана сега деноноќно патролира околу клучните воени аеродроми во Саки, Џанкој и Гвардејское.
Војниците се жалат на исцрпеност и недостиг од персонал, додека контролите на административната граница меѓу Крим и Херсонската област се дополнително заострени.