Скопје - Во скопските општини каде што масовно се празнува верскиот празник Курбан Бајрам, ЈП Комунална хигиена-Скопје и годинава постави специјални контејнери во коишто граѓаните ќе можат да го одложат органскиот отпад (остатоците од курбанот), информираат од јавното претпријатие.
ЈП Комунална хигиена-Скопје апелира до верниците органскиот отпад да го одлагаат исклучиво во поставените садови, затоа што, како што нагласуваат, неговото исфрлање на јавни површини може сериозно да го загрози јавното здравје и да ја загади животната околина.
Екипите на претпријатието спровеле и активности за рачно и машинско миење на дворовите и непосредната околина на поголемите исламски верски објекти на територијата на градот Скопје.
Куманово - Надлежните од Секторот за социјална заштита од општина Куманово денеска ги повикаа заинтересираните здруженија кои нудат услуги за вон-семејсна заштита да аплицираат на вториот јавен повик за финансиска поддршка, на здруженија кои спроведуваат активности од областа на социјална заштита. Предност при остварување на правото на финансиска поддршка ќе имаат здруженија коишто се во фаза на развој, подготовка или воспоставување на социјални услуги, како дел од социјалниот план на Општина Куманово 2023-2026 година.
-Здруженијата кои имаат потреба од помош при апликацијата или за какво било прашање нека се обратат до вработените во зградата спроти градски стадион. Вкупно, општина Куманово одвои три милиони денари, на првиот повик беа потрошени 2, 4 милиони денари, а сега остануваат 600.000 денари, изјави раководителот на секторот за социјална заштита, Александар Крстевски.
Финансиска поддршка се однесува и на здруженија, кои се во фаза на подготовка на документација за лиценцирање или веќе имаат поднесено документација за добивање на лиценца за социјалната услуга во МТСП, а до денот на објавување на јавниот повик немаат добиено лиценца за работа на територија на Општина Куманово. Повикот се распишува врз основа на програмата за развој на социјална заштита за 2025 година и правилникот за начинот и постапката за остварување на правото на финансиска поддршка. Финансиската поддршка од овој правилник не се однесува на здруженија, кои веќе имаат добиено лиценца за спроведување на социјалната услуга од страна на ресорното Министерство, а за која бараат финансиска поддршка преку јавниот повик објавен од општината. Право на финансиска поддршка не можат да добијат здруженија, кои три години последователно имаат добиено финансиски средства од за развој на социјални услуги преку објавените повици.
Охрид - Од 26 до 28 јуни во Охрид ќе се одржи четвртото издание на Ohrid Wine Festival, соопшти денеска градоначалникот Кирил Пецаков.
Според него, фестивалот, кој се одржува на кеј „Македонија“, пред хотел „Палас“, богата музичка програма и неповтoрлива забава за охриѓани и туристите.
- На отварањето на фестивалот на 26 јуни на сцената ќе настапат Тамара, Brass brothers, Backdoor band и DJ Gec. Вториот фестивалски ден е резервиран за „Куку Леле“, Дац и Александар, „Пауза за ракија“, DJ Nasty и Urban planet. Додека на третиот фестивалски ден за забавата ќе бидат задолжени Влатко Лозановски, „Ареа“, „Kамелеон“ и DJ Jana, стои во информацијата.
Забавата со македонските музички артисти, како што е наведено, ќе биде надополнета со дегустацијата на македонски вина и вкусна храна. Покровител на настанот е Општина Охрид.
Прилеп - Дел земјоделци од Прилепско денеска протестираа и бараа одговор од ЈП „Прилепско поле“ кога ќе има вода за наводување на површините, главно засадени со тутун. Земјоделците велат дека три недели, поради дефект на цевка од линијата за наводнување се без вода, токму во екот на садењето на тутунот што ќе предизвика големи штети.
-Истиот дефект беше и лани. Тогаш се случи да нема вода 10-тина дена, а сега повеќе од три недели. Кога прашавме ни рекоа дека се работи, ама проблемот е голем. Еве тутунот што е засаден пожолтува. А лушето од тоа живеат, вели земјоделецот Рубин Иваноски.
Од ЈП Водостопанство на Македонија информираат дека се работи на отстранувањето на дефектот и за околу една недела проблемот ќе се реши.
Дебар - Полициски службеници од Одделението за внатрешни работи лишиле од слобода жителка на Штип, која малолетниот внук го принудувала да питачи во Дебар.
-Вчера во 12.15 часот, полициски службеници, ја лишија од слобода Д.Д. (57) од Штип која претходно го присилила нејзиниот малолетен внук да питачи на главната улица „Елена Ѓика“ во Дебар. Во присуство на претставник од Центарот за социјални работи Дебар, адвокат за малолетничка деликвенција и на неговата мајка Н.М., со малолетникот е извршен разговор, информираше Стефан Димоски, портпарол на Секторот за внатрешни работи-Охрид.
Според него по консултација со јавен обвинител против Д.Д. и Н.М. ќе биде поднесена кривична пријава по член 201 од Кривичниот законик - „запуштање и малтретирање дете“.
Битола - Владимир Србиновски е годинешен победник лауреат на Интернационалниот пијано натпревар, Пијанофест што се одржа во Битола.
Здружението на пијанисти и музички педагози „Пијано“-Битола на Владимир Србиновски му додели парична и награда „Јасминка Чакар", а за успешен настап на фестивалот жирито ги награди и Вук Ѓокиќ од Србија, Еце Сарач од Турција и Мариела Низамова од Бугарија.
На натпреварот за класична музика годинава учествуваа 110 млади музички надежи од 10 држави и тоа, учеснички и тоа Србија, Црна Гора, Косово, Албанија, Бугарија, Бугарија, Русија, Турција, Кина, Тајланд и Северна Македонија.
Тетово - По повод Светскиот ден на животната средина, Јавната установа Национален парк Шар Планина почна акција за поставување електрични огради за заштита од големи месојади како мечки и волци. Од вчера се почнати овие активности на имоти во селата Бозовце, Вешала, Вејце и Шипковица, при што таква опрема е поставена кај пет сопственици на фарма и пчелари.
Од НП Шар Планина велат дека електричните огради се докажана превентивна мерка во ЕУ за заштита на добиток, пчеларници и земјоделски култури од мечки и волци. Со ова се намалуваат штетите и се ублажуваат потенцијални конфликти помеѓу човекот и дивината, додека истовремено се штити биодиверзитетот.
-Електричната ограда во село Бозовце се поставува на фармата во чија ограда беше заплеткана мечка пред две години. Разумното делување на сопственикот кој покажа соработка и разбирање во соработка со Национален парк Шар Планина денес резултираше во конкретна помош за понатамошен соживот помеѓу дивите животни и локалното население, вели Анела Ставревска Панајотова раководител на одделение за заштита на природата.
Скопје - ЈП Водовод и канализација – Скопје ги известува граѓаните на град Скопје, дека на 6 јуни (петок), по повод верските празници Духовден и Курбан Бајрам, шалтерите за наплата, шалтерите за рекламација и операторите во Дирекцијата на претпријатието нема да работат.
Од претпријатието додаваат дека во сабота, на 7 јуни се продолжува со редовно работно време од 09:00-14:00 часот.
Прилеп - За отприлика една недела се очекуваат првите огласи за вработување со што ќе се ефектуира Оперативниот план со мерки за вработување. Главен акцент е на младите. Оперативниот план како најголем и најобемен досега, беше претставен во Прилеп пред младите и невработените лица.
Според Весна Пешева, заменик директор на Агенцијата за вработување оперативниот план тежок 40 милиони евра треба да помине на одобрување на Комисијата за заштита на конкуренцијата и ќе биде ефектуиран.
-Опфатени се преку 16 000 невработени, а планот тежок 40 милиони евра, најобемен досега, носи мерки за потребите на пазарот на трудот. Има мерки за директни вработувања има и обуки за вработливост. Младите се опфатени со 40 проценти, жените со 50, а со 5 проценти се оние од ранливите категории од ромската заедница. Веќе ги очекуваме првите огласи кои ќе бидат објавени во најскоро време, веднаш по добивањето на мислењето од КЗК. Потоа ќе ги објавнуваме и другите огласи етапно за што, ние како Агенција, однапред подготвуваме план и распоред за динамика на реализација. Подготвени се сите 30 центри за вработување. Овој оперативен план содржи мерки кои, главно се насочени спрема младите до 29 години чие учество е најмалку 40 проценти, рече Пешева.