• четврток, 19 март 2026
МИА Општински пул

19 март 2026 

Кавадарци - Во градската библиотека „Феткин“ во Кавадарци, синоќа беше промовирана збирката раскази „Облогот“ од Станка Бајлозова Барламова.

Книгата е во издание на издавачкиот центар „ТРИ“, а за нејзините книжевни вредности и пораки говореше професор Весна Мојсова Чепишевска, која беше промотор на ова дело. Таа, меѓу другото, подвлече дека ова се приказни кои без проблем ги минуваат границите на македонскиот јазик и кои излегуваат надвор и од македонската книжевна сцена.

- Оваа промоција претставува убава можност љубителите на книжевноста да се запознаат поблиску со расказите од збирката „Облогот“, како и со творечкиот свет на авторката, рече директорот на библиотеката, Петар Гурев.

Пред љубителите на книгата и литературата, се обрати и самата авторка. 

Куманово - Во изложбениот салон на Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово, вечер со почеток во 19 часот ќе биде отворена првата самостојна изложба на Марјан Скрижевски, насловена „Љубов“. На изложбата ќе бидат претставени фотографии од цркви, езера, водопади, планини и други природни убавини од Македонија.

Авторот е роден во Куманово 1974 и фотографија се занимава последниве десет години.

Сè што знае за фотографијата има научено самостојно, најмногу преку сопствено искуство додека фотографирал, наведуваат од Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ во најавата за изложбата.

Тетово -  Изложба на документарна фотографија „Водици 2002-2026“ беше отворена вчера во Тетово со која тетовскиот новинар и фотограф Зоран Андонов се претстави со 162 фотографии избрани од вкупно над 3000 кои ги има направено на денот на празнување на Богојавление-Водици од 2002 до 2026 година. 

На отворањето на изложбата, Драги Неделчевски од фото-клубот Чкрап посочи дека овој вид на документарна фотографија на колегата Андонов претставува реално пренесување на животот на луѓето преку фотоапаратите. 

Остани поврзан