МИА Општински пул
- 19 март 2026
19 март 2026
Штип - По повод Меѓународниот ден на лицата со даунов синдром - 21 март, денеска во Општинското основно училиште (ООУ) „Ванчо Прќе“-Штип се одржа работилница, со цел подигање на свеста, поттикнување на инклузијата и поддршка на лицата со Даунов синдром. Градоначалникот на општина Штип, Иван Јорданов додели и ваучер за учениците и наставниците.
-Денес сме во посета на ООУ „Ванчо Прќе“, во која што образовна институција се практично врши настава и се дава поддршка на лица со попреченост и во име на тоа сакам да се заблагодарам на наставниот кадар, на директорот, кои навистина се одлично организирани, за да им помогнат во наставата на учениците со одреден вид на попреченост.Ја користиме оваа прилика за да посакаме поголема инклузивност, вклученост и рамноправност во образовниот процес на сите ученции, вклучувајќи ги и учениците со одреден вид на попреченост. Јас се надевам дека во месеците, годините, кои што следуваат, ќе го оспособиме образовниот процес во насока на овозможување на посоодветни услови за работа со овие ученици, на кои што им е потребен посебен вид на третман и образовен процес-изјави Јорданов.
Прилеп - Билатералните односи меѓу Кина и Македонија се развиваат многу стабилно и успешно. Двете страни взаемно се почитуваат и ги почитувааат фундаменталните интереси на другата страна, изјави амбасадорката на Народна Република Кина, Џијанг Сјаојан при денешната посета во прилепската болница, одговарајќи на новинарското прашање како глобалната состојба со војната се рефлектира врз пријателството меѓу двете земји.
Амбасадорката Сјаојан вели дека Кина инвестира во соработка и комуникација во најразлични сфери и области и во иднина навистина сака повеќе комуникации и соработка. Инаку, Кина е трет по големина трговски партнер на Македонија.
Пустец - На седница на Советот на Општина Пустец, советникот Јордан Јанкула, од редовите на единствената партија на Македонците во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграцја (МАЕИ) побара од локалната самоуправа поставување на општинското лого со симболот на сонцето од Кутлеш.
Тој побара на влезот на Општина Пустец да се постави информативна табла на македонски, албански и англиски јазик, на која ќе биде истакнато логото на општината со сонцето. Исто така, нагласи, дека истото лого треба да биде поставено и во салата на Советот на општината.
-Според законот за локална самоуправа, пред влезот на институцијата и во салата на Советот треба да стои логото на општината. Во Општина Пустец, откако во 2018 година, општината сама ги отстрани таблите со симболот на сонцето, до денес тие не се повторно поставени. Ова е срамота. Општината треба да преземе мерки и да ги постави таблите со нашиот македонски симбол – сонцето. Ова ни е дозволено од државата и општината треба да ја почитува волјата на Македонците во Општина Пустец, рече Јанкула.
Куманово - Во Североисточниот плански регион сè уште нема прифатилиште за жени жртви на родово базирано и семејно насилство потребно е унапредување на системот на заштитата, кажаа учесниците на денешната трибина „Состојба во Североисточниот плански регион во однос на заштита на жените и децата жртви на родово базирано и семејно насилство и идни чекори“, организирана во рамки на проектот „Советувалиште за жртви – Комфор зона за жени“.
Трибината се одржа во рамки на проектот „Советувалиште за жртви на родово базирано и семејно насилство – Комфор зона за жени“, спроведен од страна на хуманитарното здружение „Мајка“ – Куманово во партнерство со Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство – Скопје, а со поддршка на Австриската агенција за развој (ADA) како дел од INTERNATIONAL PARTNERSHIPS AUSTRIA
Скопје - Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, информира дека официјално е отворен нов шелтер-центар наменет за заштита и поддршка на жртви на семејно насилство.
Како што информираат од Град Скопје, со потпишување договор, стан во сопственост на Градот е отстапен на Национална мрежа против насилство врз жени и семејно насилство „Глас против насилство“, со што се обезбедува сигурен простор за згрижување и помош.
Центарот ќе нуди заштита, советување и поддршка, со цел жртвите да добијат безбедно засолниште и можност за нов почеток. Од безбедносни причини, локацијата на објектот не се открива јавно.
Скопје - Општина Илинден континуирано вложува напори за унапредување на животната средина, следејќи ги како националните, така и глобалните трендови и препораки во областа на екологијата. Во пресрет на доаѓањето на пролетта, се организираше акција за озеленување, со вкупно 50 декоративни садници, која има за цел дополнително да придонесе кон создавање почиста, поуредена и позелена околина за сите граѓани.
Оваа активност е дел од проектот „Зелена Општина Илинден“, во рамки на која општината веќе подолг период спроведува акции за пошумување и раззеленување. Во последниот период, како резултат на овие активности, се засадени над 800 дрвца.
Во садењето на дрвцата учествуваше и градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски кој истакна дека главната цел на ваквите активности е преку засадување нови дрвја, зголемување на зелените површини и уредување на јавниот простор да се придонесе за подобар квалитет на воздухот, но и за повисок квалитет на живот во локалната заедница.
Скопје - По повод 20 март – Светскиот ден на оралното здравје, Општина Центар континуирано реализира бесплатни стоматолошки прегледи за деца од предучилишна и училишна возраст, како и за пензионерите, како дел од посветеноста на превенцијата и унапредувањето на оралното здравје, информираат од локалната самоуправа.
Во таа насока, како што велат, беше одржан работен состанок со Проф. д-р Соња Апостолска, декан на Стоматолошкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, на кој беше потпишан Меморандум за соработка со што се зајакнува партнерството и се отвораат можности за реализација на нови заеднички проекти. На средбата присуствуваа и Проф. д-р Елизабета Ѓеоргиевска, раководител на Катедрата за детска и превентивна стоматологија, како и Проф. д-р Гордана Апостолска.
Скопје - Бесплатни обуки за ментално здравје и психолошка отпорност ќе се реализираат во просториите на Домот на култура во село Драчево, преку соработката на Општина Кисела Вода со здружението за едукативен, психолошко-педагошки и социјален развој „Холизам“. Овие активности, како што соопшти Општина Кисела Вода, се наменети за поддршка на жените кои се наоѓаат во социјален ризик и не можат да си дозволат ваков вид професионална помош, за мајките на деца со попреченост, како и за сите оние кои поминуваат низ тешки животни кризи и имаат потреба од стручен разговор.
Услугата вклучува групни работилници со психолог и педагог, фокусирани на јакнење на самодовербата, емоционалната стабилност и градење механизми за справување со стресот. Дополнително, во текот на месецот, предвидена е и можност за бесплатни индивидуални сесии за две жени кои ќе имаат најголема потреба од ваков тип поддршка. Сите заинтересирани граѓанки кои припаѓаат на овие категории, својот термин можат да го закажат телефонски на броевите 070 431-775 и 071 236-927, секој работен ден во периодот од 09:00 до 15:00 часот.
Скопје - Нова градинка добива Визбегово, денеска бил потпишан договорот за нејзина изградба.
- Градоначалникот Дарко Костовски денеска го потпиша договорот за изградба на нова детска градинка во населеното место Визбегово. Новата градинка ќе се изгради на просторот на старото општинско подрачно училиште „Свети Климент Охридски“, на површина од 560 квадратни метри. Новиот објект ќе овозможи згрижување на 70 деца, информираа од Општина Бутел.
Покрај тоа, изградбата на новите градинки во Бутел 1 и Бутел 2 се во завршна фаза и од локалната самоуправа најавија дека наскоро ќе бидат отворени.