• сабота, 06 декември 2025
МИА Општински пул

Велес - Иако има зголемување на бројот на  пациенти - деца и возрасни со стомачен вирус во Велес, сепак лекарите од матичните амбуланти за МИА, информираат дека ситуацијата не е алармантна.

Тие посочуваат дека  ова заболување е во текот на целата година , а најчесто се појавува кај помладата популација, во текот на целата година, а особено во пролет и лето, но овојпат има и голем број на возрасни пациенти со стомачен вирус. Кај пациентите се појавува треска, покачена температура, симптоми на настинка, гадење, повраќање, дијареа.

Лекарите посочуваат дека  во многу ретки случаи, стомачните вируси може да предизвикаат и компликации, особено кај лицата со намален имунитет. Лекарите посебен акцент ставаат на превенцијата. Тие потсетуваат дека  во таа насока, а за да се заштити здравјето, многу е важно редовното миење на рацете со вода и миење под млаз вода на овошјето и зеленчукот пред употреба.

Воедно на лицата со симптоми на стомачен вирус им порачуваат да се јават на преглед кај матичниот лекар за да им препише соодветна терапија и диететска храна. 

Скопје - Учениците во сите општински основни училишта на територијата на општина Центар, учебната 2025-2026 година ќе ја почнат во училишни униформи коишто за првпат се воведуваат, а сите запишани првачиња ќе добијат и ранчиња со училишен прибор, најави денеска градоначалникот Горан Герасимовски.

Со тоа, како што посочи, општината ја продолжува грижата за учениците, обезбедувајќи им најдобри и најсовремени услови за учење и престој.

-Приближно 4.700 ученици, од прво до деветто одделение од центарските училишта годинава ја почнуваат со униформи кои ќе бидат бесплатни за децата. Со овој чекор ги подобруваме условите во училиштата и вложуваме во поквалитетно образование. Покрај воведувањето на униформи, но и бесплатни ранчиња со училишен прибор за првачињата, исто така ги подобруваме условите и преку реконструкција на училиштата. Во тек е реновирање на трите општински основни училишта „11 Октомври“, „Гоце Делчев“ и „Димитар Миладинов“ за да им овозможиме на учениците подобра настава,прецизира Герасимовски.

Охрид – Во охридското село Велгошти вечерва ќе се одржи културната манифестацијата „Вечер на Живко Чинго“, со која традиционално се одбележува годишнината од раѓањето на големиот писател и раскажувач.

Чествувањето ќе започне со полагање цвеќе пред спомен-обележјето на Чинго, по што ќе има обраќање градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков.

Централниот дел од манифестацијата по правило е посветен на добитникот на годинашната награда за најдобар расказ што секоја година Општина Охрид ја доделува во чест на Живко Чинго.

Оваа година наградата ќе и биде врачена на Дијана Петрова, авторката на расказот „Мизенабим” што беше избран за најдобар на годинашниот конкурс што го носи името на Чинго.

Пехчево - Јавното комунално претпријатие „Комуналец“ од Пехчево информира дека според добиените резултати од анализи на мостри од вода за пиење, водата во моментот не е безбедна за директна консумација. 

Од претпријатието апелираат граѓаните да ја користат водата за готвење само по претходно превривање.  

Од „Комуналец“ посочуваат дека се преземени сите потребни мерки за технолошки третман и дезинфекција на водата. 

Повторно се земени мостри за анализа од акредитирана лабораторија, а јавноста ќе биде благовремено информирана по добивањето на новите резултати, се вели во соопштението од ЈКП Комуналец.

Кавадарци - Водостопанство „Тиквеш“ ја информира јавноста дека сезоната за наводнување оваа година е успешна, со високо ниво на задоволство кај водокорисниците и значително подобрување на приносите во земјоделското производство, соопшти денеска Александар Стојанов, од раководството на подружницата на АД Водостопанство, во Кавадарци. 

-Благодарение на навремената подготовка на системите, редовното одржување на каналската мрежа и одговорната распределба на водните ресурси, овозможивме стабилно и квалитетно снабдување со вода за сите категории земјоделски површини, информираше тој. 

Притоа истакна дека според првичните информации од терен, земјоделците во тиквешкиот регион пријавуваат зголемени приноси и поквалитетни земјоделски култури, што директно придонесува за развојот на локалната економија и подобрување на стандардот на земјоделците.

Скопје - Сто странски гости се потврдени на фестивалот на креативен документарен филм „Македокс“, чие 16. издание ќе се одржи од 21 до 28 август. Во тој период, ќе може да се погледнат 75 документарни остварувања на пет фестивалски локации, информираа на денешната прес-конференција во Скопје, извршниот директор на фестивалот - Дарко Набаков, програмскиот координатор - Петрула Вељановска и раководителот на индустри - програмата, Сара Ферро.

Набаков информираше дека мотото годинава е „Кому му е гајле за реалноста“.

- Во овие осум фестивалски денови ќе погледнеме 75 документарни остварувања на пет фестивалски локации. „Куршумли ан“, Младински културен центар, Музеј на Македонија, „Сули ан“ и „Лабораториум“ во Скопје. Програмата е подредена во пет натпреварувачки категории. Овие филмови ќе се борат за стандардните пет награди. Наградата „Кромид“ за главната програма, наградата „Млад кромид“ за програмата на нови автори со прво и второ документарно остварување, „Сецкан кромид“ - наградата за кратки документарни филмови, „Кокарче“ - наградата за студентската програма и специјалната награда на „Македокс“ - наградата за етички идеи. Веќе се потврдени 100 странски гости, додаде Набаков.

Програмската координаторка Вељановска соопшти дека одлучиле фестивалот да го отвори филмот „Бардо“ на словачката режисерка Вјера Чаканјова.

Тетово - По два дена работа и целосно прекинување на водоснабдувањето, саниран е дефектот на една од најголемите водоводни цевки со големина од Ф400 во Тетово. Од комуналното претпријатие за водовод тврдат дека сега водоснабдувањето е нормализирано и има 400 литри вода во секунда.

- По интензивна и континуирана работа, екипите на ЈКП „Шар“ успешно го санираа дефектот на старата водоводна линија Ф400. Благодарение на посветеноста на нашите работници, водоснабдувањето во градот е целосно нормализирано и повторно достигнува капацитет од 400 литри во секунда. Им се извинуваме на граѓаните за непријатностите предизвикани за време на прекинот и ви благодариме за трпението и разбирањето што го покажавте во овој период, соопшти ЈП „Шар“.

Раководството упатува посебна благодарност работниците, кои, и покрај високите температури и тешките услови, вложиле максимални напори за брзо и ефикасно решавање на проблемот.

Делчево - Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски денеска најави отворање центар за услуги во Делчево како дел од националниот портал за услуги. Овој центар ќе биде прв во источниот регион и ќе биде наменет за сите граѓани, особено за постарата популација и за оние што немаат можност самостојно да ги користат онлајн услугите.

-Центарот ќе им овозможи на граѓаните да пристапат до сите 300 услуги достапни на порталот – од уверение за државјанство, имотен лист, потврди за стаж од Пензискиот фонд, па сè до услуги од Агенцијата за вработување и други институции. Граѓаните ќе можат не само да ја завршат својата административна работа, туку и да се запознаат со тоа како да отворат профил и да користат дигитални алатки, рече министерот.

Министерството планира отворање слични центри и во Свети Николе, Виница, Неготино и Крушево. Според Андоновски, од почетокот на работата на порталот бројот на достапни услуги е зголемен од 80 на 129, а целта е да се достигнат 200. 

Тетово - Алијанса за Албанците на претседателот Арбен Таравари одржа прес-конференција во партиското седиште во Тетово, каде беше истакнато дека излегле на виделина, измамите на министерот за здравство Азир Алиу, во врска со вработувањето на 155 здравствени работници во Клиничката болница во Тетово. Тие тврдат дека иако Алиу добил негативен одговор од Фондот за здравствено осигурување, тој ја продолжил политичката „драма“, изјавувајќи дека здравствените работници во Клиничката болница во Тетово ќе добијат решенија.

-Денеска го потсетуваме министерот дека поминаа речиси десет дена од одржувањето на тестирањето - каде, покрај работниците кои чекаат со години, имаше и многу активисти на ВРЕДИ и сите беа излажани на ист начин. Како што и најавивме, Азир Алиу јавно измами. Законот за избори, член 8-а, точка 1, став 3, е јасен: од денот на распишување на изборите не може да се започне постапка за вработување на нови лица или да се прекине работниот однос во јавните институции, а започнатите постапки се ставаат во мирување, освен за итни и неопходни работи. Вработувањето на медицинскиот персонал - колку и да е важно - не се смета за итност во законска смисла, бидејќи постојниот персонал има важечки договори и не спаѓа во категоријата на неопходни работи, истакна Генц Селмани од партискиот оддел за здравство.

Алијанса за Албанците го поставува прашањето дали целта на министерот Алиу била само политички маркетинг и најавија дека ќе покренат соодветни постапки пред државните институции.

Скопје - Во текот на вчерашниот ден, ЈП Комунална хигиена-Скопје почна со замена на дотраените пластични контејнери со зафатнина од 3,2 кубни метри. На локациите каде што досега се употребуваа стари и дотраени садови, се поставуваат сосема нови садови наменети за одлагање на комуналниот отпад.

Како што информираат од ЈП „Комунална хигиена“ Скопје досега се заменети контејнерите на 20 локации во следните скопски општини Ѓорче Петров – на улиците Васил Чакаларов, Ѓорче Петров и Никола Пушкаров, Карпош – на улицата Рузвелтова; Центар – на булеварите Митрополит Теодосиј Гологанов и Партизански одреди и улиците Орце Николов и Кочо Рацин, како и Чаир – на булеварите Филип Втори и Крсте Петков Мисирков и улицата Џон Кенеди.

ЈП Комунална хигиена-Скопје најавува дека и во претстојниот период ќе продолжи со активностите за замена на старите пластични контејнери во сите скопски општини.

Скопје - Поради недомаќинско работење на градоначалникот Рамис Мерко и целото раководство во Општина Струга не им стигнуваат блок дотациите за основните училишта, смета министерката за образование и наука Весна Јаневска.

Прашана за коментар по вчерашната објава на Општина Струга дека ги отстапува надлежностите за основните училишта на нејзина територија на Министерството за образование и наука за учебната 2025/2026 година, Јаневска денеска на прес-конференција подвлече дека државата е во процес на децентрализација и оти постојат закони за тоа.

- Министерството неможе и не треба да ги превземе ингеренциите на општината. Ние сме длабоко во процес на децетрализација и општинските училишта се под ингеренција на општината. Тоа што Општина Струга се жали дека блок дотациите не и стигнуваат, јас сум убедена дека е резултат на недомаќинско работење на градоначалникот и Општината и целото раководство, рече Јаневска.

Таа потсети на незаконското поставување директори во неколку училишта на територија на општина Струга, а кажа и дека има сознанија за незаконски вработувања и неодобрени паралелки.

Куманово - Околу сто кумановски семејства ги користат услугите на „народна кујна“, проект финансиран од општина Куманово. Оброците се подготвуваат секојдневно, менито е со разновидни оброци, а на барање на корисниците има и пакети за повеќе денови со сува храна.

- Народната кујна работи постојано. Доколку некои корисници се откажат или поради други причини излезат од категоризацијата на социјални случаи, тие веднаш се заменуваат со лица од резервната листа. Во моментов, како и претходно, опслужуваме 100 семејства, изјави раководителот на секторот за социјална заштита Куманово, Александар Крстевски.

Народната кујна во Куманово останува еден од клучните социјални сервиси во градот, обезбедувајќи секојдневно топли оброци за ранливите категории граѓани.

Програмата е наменета исклучиво за граѓаните на Куманово, но апликации има од соседните општини Липково и Старо Нагоричане.

– За жал, тие не можат да бидат вклучени во програмата, но заедно со Црвениот крст и неколку организации кои работат на оваа тематика, излегуваме во пресрет со носење хуманитарна помош во домашни услови, додаде Крстевски.

Општина Куманово за овој проект предвиде шест милиони денари, а веќе се разговара за можноста, наредната година да се зголемат квотите, во зависност од финансиските средства.

Куманово - Пожарникарите од Куманово скоро пет часа го гасеа пожарот во близина на Транзитниот центар Табановце. Од ТППЕ Куманово информираат дека нема зафатени објекти и на пожарот интервенирале три возила со деветмина пожарникари.

- Дојавата за пожарот е примена во 19:25 часот во атар на селото Табановце околу центарот за мигранти. Пожарот беше на поголема површина, зафатени беа нискостеблеста шума и сува трева. Според првични процени околу 50-тина хектари. Нема зафатено објекти. На пожарот интервенираа три екипи и девет пожарникари сè до 00:15 часот, изјави командирот на ТППЕ Куманово, Дејан Илиевски.

Пожари вчера имаше околу наплатната рампа Романовце на двете страни од автопатот, сува трева гореше, во населбата „Тоде Мендол“ во липковското Отља и последниот во Никуштак.

Кочани  - Кочани повторно станува епицентар на младите од Македонија, посветени на изучувањето на информатиката! На Пониква, трета година поред ќе се соберат најдобрите млади умови од државата – членовите на националните информатички тимови што ќе ја бранат Македонија на најпрестижните интернационални натпревари. Еднонеделниот камп, кој прераснува во традиција, носи интензивни тренинзи, врвни предавачи и значајно искуство за идните ИТ шампиони.

Кампот за млади информатичари на  Пониква на Осоговските планини годинава ќе се отвори на 19. август и ќе трае една седмица.  

Меѓу младите информатичари од Македонија се истакнува средношколецот од Кочани, Владимир Грчев, член на националната репрезентација четири години по ред. Тој еден од оние што редовно се враќаат со награди од глеми натпревари надвор од државата неколку години наназад. Пред само еден месец, Владимир, донесе среберен медал од Математичката балканска олимпијада.

Остани поврзан