• сабота, 06 декември 2025
МИА Општински пул

Скопје - Општина Аеродром набави висококвалитетни прочистувачи кои користат Х14 ХЕПА филтри што задржуваат над 99.995% од вирусите, бактериите и други микроорганизми, обезбедувајќи квалитет на воздух споредлив со стерилни простории во градинките „Срничка“, „Калинка“, „Црвенкапа“, „Лале“, „Чекорче“, „Бамби“, „Буба Мара“, „Сонце“, „Пчелка 1 и 2“ и „Лавче“.

Како што информирата од општината, прочистувачите имаат и префилтер со активен јаглен кој ја намалува непријатната миризба, а ја редуцира и концентрацијата на озон, азотни оксиди (NO₂) и летливи органски соединенија (VOCs). Прочистувачите имаат капацитет за проток на воздух од 2500 кубни метри на час, овозможувајќи петкратна размена на воздух во просториите на час.

Овој проект е резултат на договорот што неодамна го потпиша в. д. градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески, со Владата, со цел значително да се намалат негативните влијанија од аерозагадувањето, проблем кој за жал ги засега многу општини во Македонија, особено во зимскиот период.

-Здравјето и безбедноста на нашите најмали се врвен приоритет за Општина Аеродром. Со овие современи прочистувачи на воздух обезбедуваме чист и свеж воздух во сите детски градинки и создаваме побезбедна средина за децата да можат да растат и да се развиваат здраво“, изјави Митески, потенцирајќи дека е тоа дел од долгорочната посветеност за подобрување на квалитетот на животот и заштита од сите видови загадувачи што влијаат врз здравјето.

Скопје -  Под мотото „Побарај ја забавата“ во понеделник започнува петнаесетото издание на Баскерфест - еден од најпрепознатливите улични фестивали во Македонија.

Како што соопштија организаорите на денешната прес-конференција, фестивалот годинава е во форма на караван, односно, на 13 локации во 9 градови низ земјава од 25 август до 6 септември на уличните сцени ќе продефилираат преку 20 интернационални артисти од сите краеви на светот.

- Ме радува што по неколкугодишна пауза, се враќаме повторно на уличната сцена, посилни и повозбудливи од кога било досега. Од 25 август до 6 септември на уличните сцени ќе продефилираат преку 20 интернационални артисти, од сите краеви на светот – од Полска до Чиле, од Канада до Бразил – со единствена цел да ја раздвижат секоја локација, да создадат моменти што се доживуваат со сите сетила и се паметат трајно, изјави организаторот Пане Темов на денешната прес-конференција.

Фестивалскиот караван ќе започне во Кисела Вода, а потоа ќе продолжи во Велес, Кавадарци, Прилеп, Битола, Охрид и Тетово.

Од 1 до 4 септември, Баскерфест повторно ќе биде пред скопската публика – во општините Бутел, Аеродром, Гази Баба и Ѓорче Петров. Последните две фестивалски вечери ќе се одржат во Куманово и Гевгелија. Сите претстави ќе започнуваат во 19 часот. 

Скопје - Тричлена делегација од Општина Карпош предводена од градоначалникот Стевчо Јакимовски, Секретарот, Весна Стефанова и претставникот од локалната самоуправа, Крсте Петревски, денеска положија свежо цвеќе пред споменикот на борците од Првиот Скопски партизански одред, кој се наоѓа во населбата Карпош 3.  Пред спомен обележјето се поклонија и претставници на Сојузот на Борци на Македонија, како и од Градскиот одбор на Сојузот на борци, претставници на повеќе здруженија од општина Карпош, невладини организации, училишни делегации, претставници на политички партии и други почитувачи на борците за слобода од НОВ.

Пред присутните се обрати првиот човек на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, кој во оваа пригода истакна дека е особено горд на традицијата со која се одбележува споменот кон нашите херои и борци за слобода.              

- Топло ве поздравувам од името на локалната самоуправа и нејзиниот Совет и сакам да напоменам дека сме посебно среќни што организацијата на Сојузот на Борци на Македонија функционира на наша територија и што нивните членови се мошне активни. Со посебно задоволство можам да констатирам дека оваа почит кон учесниците во Народноослободителната војна, преку традиционални средби ја пренесуваме и на помладите генерации, што значи дека овој „пламен“ што бил запален на денешен ден пред 84 години, нема никогаш да изгасне – посочи Јакимовски.

Тој објасни дека ништо не е посилно од вербата и исконската желба, човекот да биде слободно битие.

Делчево – Јавната локална библиотека „Илинден“ – Делчево, во соработка со Општинскиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, денеска во градскиот парк реализираа едукативна и интерактивна работилница за деца на тема „Безбедно во сообраќајот со велосипед и тротинет“.

На работилницата учествуваа вкупно 34 деца кои пристигнаа со свои велосипеди и тротинети и соодветна заштитна опрема. Преку практични вежби и совети од организаторите, тие имаа можност да стекнат нови знаења и вештини за безбедно движење во сообраќајот.

-Програмата опфати повеќе сегменти, меѓу кои: основни сообраќајни правила за велосипедисти и возачи на тротинети, важноста од користење заштитна опрема, насоки за безбедно движење низ градските улици, како и запознавање со најчестите грешки што ги прават младите учесници во сообраќајот и начини тие да се избегнат, информираа организаторите.

Според организаторите, реализацијата на вакви активности е од особено значење затоа што речиси секое дете во секојдневниот живот користи велосипед или тротинет. 

-Целта е најмладите од најрана возраст да ја развиваат свеста за безбедност и одговорност во сообраќајот, да научат правилно однесување и да покажат почит кон сите останати учесници на патиштата, додадоа од Општинскиот Совет за безбедноста во сообраќајот на патиштата.

Делчево – Во Делчево започна целосна реконструкција на улицата „Благој Стоименов“. Пред реализацијата на градежните активности, на оваа улица беше изграден нов водоводен систем, со што е обезбедена квалитетна подземна инфраструктура.

Градоначалникот на Делчево, Горан Трајковски, кој изврши увид во работите изјави дека со овие зафати на жителите им се овозможуваат подобри услови за живеење и побезбедно одвивање на сообраќајот.

-Овој проект е дел од пошироката програма на Општината за подобрување на локалната инфраструктура, со која чекор по чекор создаваме поквалитетни услови за сите граѓани и современ урбан изглед на нашиот град“, истакна Трајковски.

Средствата за реконструкцијата се обезбедени од буџетот на Општина Делчево, а изведувач на работите е фирмата „Атеа“. 

Скопје – Посетителите и вработените во Музејот на Македонија и Националниот конзерваторскиот центар, како и еснафот на Старата скопска чаршија, за 10 дена ќе добијат паркинг простор за 120 возила.

Ова денеска го најавија првиот вицепремиер и министер  за животна средина Изет Меџити и  министерот за култура и туризам Зоран Љутков при посетата на Националниот Музејот во Старата чаршија.

-Започнуваме еден многу значен проект за понатамошен развој на чашијата. Почнуваме со чистење и уредување на подземниот паркинг кој има капацитет за околу 60 возила и се наоѓа тука под Конзерваторскиот центар и Музејот на Македонија. Дополнително ќе се исчисти и уреди отворениот простор за паркирање со капацитет за уште 60 возила. Во рокот од 10 дена паркингот ќе биде функционален и во служба на посетителите, еснафот на Чашијата и вработените во двете институцији. Со овој денешен чекор целиме да ја оживееме чашијата, да го подобриме пристапот и да привлечеме повеќе туристи и посетители, истакна Меџити.

Вицепремиерот информираше дека во тек е постапка за избор на фирма за изградба на подземен паркинг кај плоштадот „Скендербег“ кој предвидува простор за 400 возлила, за кој Владата има донесено одлука за одобрување средства од 25 милиони евра.

Според министерот Љутков, потребата за паркинг простор во овој дел од градот е реална со оглед на зголемениот број туристи. 

Кавадарци - Градоначалникот на Кавадарци Митко Јанчев денеска  даде отчет за сработеното во вториот мандат.  Тој истакна дека над 100 проценти од ветената програма е реализирана, а дополнително се имплементирани и многу нови проекти,  инспирирани од реални потреби. 

- Со нови паркови, велосипедски и пешачки патеки, еколошки проекти за заштита на водата и воздухот, модернизирано улично осветлување и поширока употреба на обновливи извори на енергија, Кавадарци стана пример како може да се гради зелена и здрава иднина. Со изградени и реконструирани спортски сали, со нов базен и спортски центри, младите добија услови достојни за тренинг, развој и успеси. Со нови градинки, училишни програми и бесплатен оброк за секое дете, инвестиравме во најважното, во нашата иднина, нагласи Јанчев. 

Беше презентирана и книгата, насловена ,,Отчет за четиригодишното работење на локалната самоуправа и Советот на Општина Кавадарци". Таа ќе биде дистрибуирана до жителите на општината. 

Изградба и реконструкција  на системот за улично осветлување во општина Кавадарци, ски центар Михајлово, интервентен центар за привремено згрижување на лица со социјален ризик, изградба на нов парк во склоп на СОЗШУ ,,Ѓорче Петров’’, стационар Шепа -,,Регионален центар за згрижување на бездомни миленици и ветеринарно здравство’’, изградба на повеќенаменски објект во село Дреново, бесплатен оброк за секое дете од прво до петто одделение во сите основни училишта и многу други реализирани проекти, се дел од отчетот. 

Скопје - Во рамки на програмата за Реконструкција и санација на домовите на култура во населените места, Општина Илинден отпочна со реконструкција и санација на истите.

Деновиве отпочната е реконструкција и санација на домот на култура во Ајватовци кој се простира на површина од околу 130 м2. Во него ќе се изврши комплетно реновирање на внатрешните ѕидови со подлога за боење како и надворешниот дел со нова фасада.

Увид во работните активности денеска направи градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски кој рече дека проектот ќе се одвива во две фази. Во првата фаза ќе се изврши реконструкција и санација на домовите на култура во Ајватовци, Бујковци, Бучинци и Дељадровци, а во наредната фаза ќе бидат опфатени и останатите домови на култура и во другите населени места.

Целта на реконструкцијата на домовите на култура претставува значаен чекор кон заживување на културниот живот на локално ниво, создавајќи отворени простори за уметност, дружење и активно граѓанско учество на сите, со што се поттикнува развојот на заедницата и се вложува во иднината на младите генерации. Домовите на култура се и одлични места за пензионерите, каде можат да се дружат и да го поминуваат слободното време во најразлични друштвени игри.

Велес – Во Младинскиот парк во Велес вечерва во 18 часот започнува првиот Street Food Festival односно Фестивал на улична храна што го организираат локалната самоуправа и брендот  Street Food Festival кои за првпат го носат овој фестивал пред велешани. Фестивалот ќе трае и во вечерните часови во деновите од викендот, со добра храна од светски бредови и добра музика од познати ди-џеи.

Како што информира за МИА, Тоше Ѓошев од организацијата на Street Food Festival, од 18 часот посетителите на отворено ќе можат да си купат вкусна храна, додека забавниот дел со музика започнува од 20 часот, а така ќе биде и во сабота и недела.

-Целта да го донесеме овој фестивал во Велес е на  граѓаните да им понудиме поинаква хранa  од онаа што веќе ја вкусиле и јадат, ние  ќе им донесеме да  вкусат и да уживаат во храна со врвен квалитет од  светски познати брендови на храна и очекуваме дека ќе им се допадне и ќе им стане омилена, потенцира Ѓошев.

На фестивалот ќе бидат поставени  штандови  со храна од осум угостители и еден со пијалоци.

Кочани - Во организација на Црвен крст - Општинска организација Кочани, а во соработка со Институтот за трансфузиона медицина Скопје, во просториите на Црвениот крст се одржа редовна августовска крводарителска акција наменета за граѓанството.

На акцијата крв даруваа 32 крводарители од кои еден првократен и 8 млади дарители до 30 годишна возраст.

Акцијата е 14 што годинава ја спроведува Црвен крст Кочани.

Скопјe - Во паркот „Македонија“ кај Домот на култура „Билјана Беличанец“ синоќа почна со работа киното на отворено, што Општина Кисела Вода го организира во соработка со „Киноверзум“, Кинотека и Францускиот институт.  На првата вечер беше прикажан детскиот филм „Бунтовната принцеза“, синхронизиран на македонски јазик, а потоа и „Марија“, посветен на оперската уметница Марија Калас.

Како што информира Општина Кисела Вода, програмата продолжува вечерва со франкофонска содржина. Во 20:00 часот ќе биде прикажан анимираниот филм „Каламити“, а во 21:30 часот играниот филм „Повторно родена“.

Киното на отворено ќе трае до 24 август, со проекции на филмови за различни возрасти и вкусови. В сабота, во рамки на македонската вечер ќе бидат прикажани блок краткометражни играни филмови „Ракетно моделарство“, „Баскет“ и македонскиот филм „До балчак“.

В недела посетителите ќе можат да ги погледнат анимираниот филм за јунаците од светот на Биби „Златната пеперутка“ и македонскиот документарен филм „Медена земја“. 

Остани поврзан