• сабота, 06 декември 2025
МИА Општински пул

Скопје -  ЈП Лајкa во соработка со режисерката Ана Јакимска и фотографот Александар Чокревски ја лансира кампањата „Дали си ти мојот дом?“, посветена на вдомување на долго задржаните кучиња кои со години чекаат свој човек.

Како што се наведува во соопштението на ЈП Лајка, кампањата преку моќни фотографии ги прикажува кучињата во топли, секојдневни сцени, моменти во кои недостасува само еден елемент за сликата да биде целосна, новиот сопственик што ќе им подари љубов и дом.

-Овие кучиња не се бројки, туку личности со свои приказни, емоции и надежи. Со оваа кампања сакаме да допреме до срцата на луѓето и да им покажеме дека секој дом има место за уште еден член – особено за оној што најмногу чека, се вели во соопштението.

Преку „Дали си ти мојот дом?“, се додава во соопштението, јавноста ќе има можност да ги запознае најдолго задржаните штитеници на Лајка, да ја види нивната нежна страна и да дознае како да им подари нов почеток. 

Кочани - Општинската организација Црвен крст - Кочани во соработка со Институтот за трансфузиона медицина - Штип в четврток, на 14 август организира вонредна крводарителска акција. Акцијата ќе се спроведе во новите простории на Црвениот крст на ул. „Тошо Арсов“ бр. 1 кај Градскиот плоштад во Кочани од 8:30 до 14:00 часот.

-Поради зголемената потреба на крв и крвни продукти во летниот период, ги повикуваме сите сегашни и идни крводарители над 18 години, да се приклучат на вонредната крводарителската акција што ја организираме в четврток, на 14 август во нашите простории.  Со дарувањето на крв помагаме во обезбедувањето на доволно количество на резерви на крв и крвни продукти за населението во летниот период кога потребата од крв се зголемува, велат од Црвен крст Кочани.

Крводарител, додаваат, може да биде секоја здрава личност над 18 години. Тоа е доброволен, анонимен и бесплатен чин на хуманост. Пред секое крводарување се врши лекарски преглед преку кој ќе се провери здравјето на дарителот. Дарувањето крв не е болно, не создава навика и не му штети на организмот.

Скопје - Со голема радост и задоволство можам да најавам дека во основното училиште „Гоце Делчев“ започнавме со изградба на ново кошаркарско игралиште, што претставува значаен исчекор во развојот на спортската инфраструктура во нашата општина, изјавил в.д. градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески, за време на денешната посета на училиштето во Горно Лисиче, се наведува во општинското соопштение.

-Новото игралиште, чија изградба се очекува да заврши пред почетокот на новата учебна година, претставува современ простор што ќе им овозможи на учениците и на љубителите на спортот да ги развиваат своите спортски вештини, особено во кошарката, но и да учествуваат во различни спортски активности што промовираат здрав начин на живот, тимска работа и личен развој, нагласува Општината.

Покрај изградбата на нов спортски терен, се додава во соопштението, во училиштето се вршат и инвестициски активности поврзани со реновирање на училишната зграда, како и опремување на училниците со нов канцелариски мебел со цел да се подобрат условите за настава.

Скопје - Министерството за внатрешни работи ги известува граѓаните дека поради зголемениот број барања, шалтерот за издавање на „Уверение за државјанство“ во Одделението за управни работи - Скопје (во зградата на МРТВ) ќе работи во периодот од 08:00 до 19:00 часот, со цел да одговори на сите барања на граѓаните.

Од МВР потсетуваат дека услугата за издавање Уверение за државјанство е достапна и дигитално преку порталот uslugi.gov.mk.

Скопје - Вработените од друштвата со ограничена одговорност „Флораком“ и „Луна“, кои се фирми-ќерки на ЈП „Паркови и зеленило“ - Скопје денеска третпат излегоа на протест поради неисплатени две плати. Работниците, кои два часа го блокираа булеварот „Илинден“, се оставени без плати и без здравствено осигурување, изјави претседателот на Синдикатот на СУТКОЗ (Синдикатот на работниците од угостителството, туризмот, комунално – станбеното стопанство, занаетчиството и заштитните друштва на Република Македонија) Стојанче Кашиковски.

Досега не е исплатена платата за јуни, а за три дена треба да се исплати и платата за јули, за која, како што рече, за жал немаат сигнали од раководството на ЈП „Паркови и зеленило“ - Скопје дека ќе се исплати.

- Меѓу вработените имаме хронично болни, онколошки случаи, лица со стентови, со тешки болести. Ова од страна на раковоството на  ЈП „Паркови и зеленило“ - Скопје веќе е крајно нехумано бидејќи со неисплаќањето плати вработените се приморани да протестираат на овие пеколни горештини, над 40 степени. И за жал на тој  начин уште повеќе да им се влоши нивната здравствена состојба, истакна Кашиковски.

Тој информира дека дел од вработените од  „Флораком“ и „Луна“ во текот на вчерашниот дел се виделе со раководството и со директорот на „Паркови и зеленило“, но за жал, како што рече, решение на проблемот од страна на директорот не беше кажано.

Од страна на Град Скопје пред две недели беа изгласани субвенции во износ од 80 милиони денари, кои се доволни не само да се исплати платата во овие две друштва со ограничена одговорност „Флораком“ и „Луна“,туку пари доволни да се исплати и платата на вработените во „Паркови и зеленило“. За жал, повторно вработените не добија конкретен одговор кога ќе им се исплати платата. Ветувањата се дека ќе биде, потенцира Кашиковски.  

Неготино - Солиден интерес има за обезбедување нови трактори преку субвенционирање од државата, 39 апликации биле поднесени во работната единица на Агенцијата за поттикнување на развојот во земјоделството во Неготино. Ѓорѓи Ајтов, советник во Агенцијата, појасни за МИА дека станува збор за субвенционирање преку државната програма за рурален развој. 

- Субвенционирањето во овој дел, е од педесет до 75 проценти од износот на инвестицијата. Педесет проценти во нормални услови. За млад земјоделец е 55 проценти. За семејни земјоделски стопанства со земјоделски имоти во отежнати услови за стопанисување, субвенционирањето е 75 проценти, појасни Ајтов. 

Еден апликант имал апликација за набавка на земјоделска приклучна механизација, една апликација имало за осовременување на земјоделска задруга со пет субјекти, каде има стоотстотно субвенционирање. Осум апликации за набавка на опрема за преработка на производи од животинско и неживотинско потекло ( опрема за мали винарии). Еден апликант добил субвенционирање за плати за овчари, во неговото стадо од околу илјада овци. 

Тетово – Тетовската полиција денеска информираше дека по пукањето во неделата, вчера приведени се четири лица од кои две се малолетници и две женски лица на 19 и 41 година.

Полицајците направиле и претрес пред приведувањето при што се најдени и предмети од интерес на истрагата.

-На 11.08.2025 во периодот од 12:50 до 15:00 часот во с. Гајре, тетовско, согласно судска наредба, а во врска со вооружената престрелка која се случи на 10.08.2025 во Тетово, бил извршен претрес на повеќе локации во с. Гајре, тетовско, при што биле пронајдени предмети кои се од интерес на истрагата. При претресите биле лишени од слобода две женски лица, А.М.(41) и Е.М.(19), како и двајца малолетници на 15 и 17-годишна возраст, сите од с. Гајре. Се преземаат мерки и активности за целосно расчистување на случајот и за пронаоѓање на други лица кои биле инволвирани во престрелката, соопшти СВР Тетово.

Кавадарци - Полициски службеници денеска во 02:20 и 02:50 часот во Росоман лишиле од слобода двајца росоманци, постапувајќи по претходна пријава дека се заканувале на градоначалникот на општина Кавадарци, Митко Јанчев и на неговото семејство.

Како што попладнево информираат од Министерството за внатрешни работи, подоцна, со судска наредба, биле извршени претреси во нивните домови, при што биле пронајдени и одземени мобилни телефони.

Двајцата биле задржани во полициска станица, известен бил јавен обвинител и по целосно расчистување и документирање на настанот, против нив ќе бидат поднесени соодветни пријави, се додава во соопштението.

Скопје - Градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, денеска остварил конструктивна средба со претседателот на Стопанската комора на Северо-западна Македонија, Нухи Алиу, на која се разговарало за можностите за унапредување на бизнис-климата и создавање услови за нови инвестиции, информираат од Општината.

Двајцата соговорници ја потенцирале важноста на институционалната поддршка за стопанството, како и заедничките заложби за создавање поволна средина за развој на претпријатијата. Било истакнато дека добрата соработка помеѓу општината и бизнис-заедницата е клучен предуслов за економски раст, отворање нови работни места и задржување на младите во земјата.

-Како локална самоуправа, имаме јасна цел, да обезбедиме стабилна институционална поддршка за стопанството. Соработката со Стопанската комора на Северо-западна Македонија, може да овозможи побрзо да ги препознаеме потребите на бизнисите, да ја намалиме административната бариера и да креираме политики кои ќе резултираат со нови инвестиции и економски развој. Верувам дека заедно можеме да направиме значителен исчекор во создавање современа и конкурентна деловна средина, изјавил градоначалникот Ѓорѓиевски на средбата.

Куманово - Пожарникарите од територијалната протипожарна единица Куманово го изгасија пожарот на сува трева и стрништа од двете страни на наплатната рампа, информираа денеска од ТППЕ Куманово.

- Првиот пожар беше пред наплатната рампа, над поранешни „бараки“ во населбата „Тоде Мендол“, опожарена сува трева и стрниште. Го гасеа две екипи со две противпожарни возила од 9:40 до 13:00 часот. Вториот пожар беше од другата страна на истиот потег од бензинска пумпа, го гасеше една екипа со едно противпожарно возило од 12:05 до 13:20 часот, информираше командирот на ТППЕ Куманово, Дејан Илиевски.

Возачите на автопатот Куманово-Скопје и Куманово-Табановце реагираа дека е намалена видливоста поради чадот. 

Кумановo - Општинската организација на Црвениот крст Куманово денеска спроведе теренски активности за превенција на граѓаните од топлотен бран.

Волонтерите на Црвениот крст поделија 140 мали шишиња со вода, а на 105 граѓани им беше измерен крвниот притисок. Покрај тоа, присутните добија совети и препораки за правилно однесување за време на високи температури, со цел да се избегнат потенцијални здравствени последици.

-Активностите за заштита од топлотниот бран ќе продолжат и во наредниот период, додека траат високите температури, информираа од Црвен крст Куманово.

Од Итната медицинска помош Куманово претходно информираа дека бројот на повици и интервенции е зголемен во летниот период, поради што апелираат до граѓаните да бидат внимателни и одговорни кон своето здравје.

Лекарите препорачуваат хронично болните лица редовно да ја земаат својата терапија, а постарите да избегнуваат излегување во најтоплите делови од денот – од 10 до 17 часот. Посебна препорака е упатена и до здравите и работоспособни лица, кои не треба да се преценуваат и да излегуваат непотребно во периодот од денот кога е најтопло, а кога веќе се на работни места треба да се освежуваат со вода и да направат паузи.

Остани поврзан